Шест лоши совети кои им ги даваме на децата и што треба да им кажуваме наместо тоа

Добивај вести на Viber

Неколку најштетни работи на кои ги учиме нашите деца за успехот и што би требало да им кажуваме наместо тоа за да би биле среќни и успешни...

Секој родител сака неговото дете да биде успешно во животот и да му пренесе знаења за кои мисли дека ќе му помогнат во тоа. Но, како што во своите истражувања открива Ема Сепала од Универзитетот „Стенфорд“, многу наши уверувања за тоа што е потребно за една индивидуа да биде успешна, всушност, се контрапродуктивни. Може да дадат добри резултати на краток рок, но кога-тогаш доведуваат до сосема спротивно од посакуваното. 

Таа наведува неколку реченици што им ги кажуваме на децата за успехот, а всушност се штетни:

1. Кажуваме „Работи нешто“, а треба „Забавувај се додека не работиш ништо“.

Распоредите на нашите деца се често натрупани со обврски и семејни излегувања, а останува малку време за опуштање. Нема ништо лошо во забавата, возбудувањата и новите искуства. Меѓутоа, и возбудувањето, како и стресот, ја зема енергијата од детето. Како што покажуваат истражувањата, поголема е веројатноста нашиот мозок да смисли супер идеи кога не е фокусиран на нешто. Така, наместо да ги товариме децата со обврски, подобро би било да им обезбедиме време за употреба на сопствени „алатки“, односно секоја ситуација да си ја претворат во игра. Така ќе бидат покреативни, а и ќе научат да се опуштат. 

2. Кажуваме „Искористи ги твоите силни страни за да успееш“, а треба „Слободно греши и научи да го прифатиш и неуспехот“.

Родителите имаат намера да ги идентификуваат своите деца според активностите во кои природно се добри. Но, истражувањата покажуваат дека родителите на овој начин ги ограничуваат децата во рамка и прават да им се намали желбата за искусување нови работи во кои можеби и не се така добри. Така што, мала е веројатноста дека детето кое секогаш добива комплимент дека е добар спортист да се запише, на пример, на глума. Освен тоа, ова го прави детето анксиозно во соочувањето со нови предизвици бидејќи верува дека штом ќе погреши или ќе наиде на препрека, значи дека во тоа не е добро. Сепак, нашиот мозок е предодреден за учење нови работи и учење од грешки, особено додека сме млади. Затоа, учете го детето дека може да научи сè, само ако се обиде. 

3. Кажуваме „Научи ги своите слабости и не биди кукавица“, а треба „Биди добар кон себе“.

Уште една тенденција на родителите да ги учат децата да бидат премногу самокритични. Истражувањата покажуваат дека самокритичноста нè саботира бидејќи нè насочува да се фокусираме на она што ни фали, намалувајќи ја нашата самодоверба. Предизвикува страв од неуспех, лесно предавање и лоши одлуки. Наместо тоа, родителите треба да развиваат кај детето сочувство кон себе, односно детето кон себе да се однесува како кон другар кој поминува низ неуспех и болка. Тоа не значи дека треба лесно да си прости за некоја грешка, но не треба да се измачува премногу. 

4. Кажуваме „Овој свет е груб, дружи се со најдобрите“, а треба „Покажи сочувство кон другите“.

Истражувањата покажуваат дека уште од рано детство, нашите друштвени односи се едни од најважните за здравјето, среќата и долгиот живот. Позитивните односи со другите се од огромна важност за нашето здравје, а тоа подоцна влијае и врз нашите интелектуални способности. Ако изразуваме сочувство кон луѓето околу себе, ќе бидеме успешни на долг рок, само не треба да им дозволиме на луѓето да нè искористуваат. Децата се природно емпатични и љубезни, па потребно е да се охрабрат нивните природни инстинкти и себеси да се поставуваат во позиција на другите. Точно е дека светот е суров, но помалку ќе биде ако не го нагласуваме натпреварот по цена на живот и смрт, а повеќе значење да му дадеме на учењето за согласување со другите. 

5. Кажуваме „Сконцентрирај се на иднината. Не тргај го погледот од наградата“, а треба „Живеј (или работи) во овој момент“.

Главата што постојано е фокусирана на иднината е склона кон анксиозност и страв. Децата покажуваат подобри резултати и се чувствуваат посреќни кога учат да се сконцентрираат на сегашниот момент. А кога луѓето се чувствуваат среќно, можат побрзо да учат и да размислуваат креативно. 

6. Кажуваме „Стресот е неизбежен, труди се“, а треба „Научи како да се опуштиш“.

Децата доволно се под притисок поради оценките и успехот на училиште. Нема да им се помогне ако со свој пример им покажуваме дека за завршување низа обврски ни е потребен кофеин наутро и нешто за смирување навечер. Она што треба да го правиме е да ги учиме децата на вештини за поголема отпорност на стрес. Може да се користат техники како што е медитација, јога и дишење, за подобро да се соочиме со притисоците, а ова им помага и на децата.



Izvor: Najbolja mama na svetu