„Шила“ правејќи кукли го „шие“ светот по мерка на среќата кон која сите се стремиме

Добивај вести на Viber

Новата несекојдневна сликовница „Шила“ е топла приказна за патот до среќата на едно срамежливо девојче, „сошиена“ од лирската приказна на Јана Мишо и колоритните илустрации на Калиопи Трпчева. Книгата, која деновиве излезе од печат во издание на „Либи“, дел од „Арс Ламина – публикации“, ќе биде промовирана на седми мај (сабота), со почеток во 19 часот, во рамките на Саемот на книгата 2022.
„Шила“ е книжевно-ликовен свет, напишан, нацртан и сошиен како поддршка за истрајноста, стрпливоста и самодовербата кај децата. Го отвора прашањето за соочување на децата со дислексија… Истовремено го реактуализира чудесниот подзаборавен свет на рачната работа.
Играта со ткаенините, со машината за шиење, со копчињата и со конците е впечатлив, личен начин за изразување, но и за справување со емоциите кај децата, различни и поинакви во однос на другите околу нив. Волшебниот свет на Шила преку шиењето на сите попатни емоции низ растењето, нè води до зрелост и целосна исполнетост. Правејќи кукли, Шила го крои и го шие светот по мерка на среќата кон која сите се стремиме. Кругот на животот се свртува со безименото девојче на кое веќе возрасната Шила му помага побрзо и полесно да стане тоа што сака.
Идејата за приказната почнала да се развива од цртеж. Илистраторката Калиопи Трпчева прво го нацртала ликот на Шила, а подоцна се развило и сижето на книгата.
-Ликот на Шила се роди пред да се создаде приказната. Јас сум дипломиран сликар и илустратор, а една од моите омилени техникни на кои работам е колажот. Многу често скицирам ликови, на било каква хартија која ми се наоѓа во мометот. Инспирацијата за сите мои дела произлегува од моите чувства, тага, радост, среќа... коишто ги прикажувам преку ликови во силен колорит и колаж. Така,  еден ден со едно моливче на блокче го нацртав и ликот на Шила. Тогаш дојдов до идеја дека сакам да ги спојам сите медиуми на кои што творам: сликарството, илустрацијата, колажот и најбитното –моите чувства. На почетокот знаев само две работи за приказната: дека ќе постои Шила и дека таа ќе шие кукли според своите чувства – вели Трпчева.

Таа повеќе години соработува со издавачката куќа „Арс Ламина”, па еден ден решила да ги запознае уредниците со Шила.
-Им се допадна Шила и идејата за книга, но немаше приказна. Ликот на Шила и две реченици ѝ беа пратени на писателката Јана Мишо, како идеја за нова книга, без приказна. Таа по инспирација на ликот ја напиша оваа прекрасна приказна за животот, училишните денови, другарството и љубовта на ова девојче,  кое шие кукли инспирирани од нејзините чувства. Шила е секој од нас. Животот на Шила го живееме сите, само треба да не ги занемаруваме чувствата и да уживаме во секое од нив, без разлика дали е тоа тага, среќа, надеж… Затоа што во секое добро има и лошо и обратно. Воедно ова е и пораката на книгата – додава илустраторката Трпчева.

Авторката на текстот, Јана Мишо, вели дека за неа сликовницата „Шила” е едно од најубавите творечки искуства.
-Ова ми е меѓу поомилените проекти. Беше уживање да се работи на текстот, а воодушевена сум од крајниот резултат. Се гордеам! Калиопи Трпчева е креатор на целата идеја за „Шила“, мене само ми припадна честа да ја напишам приказната. Шила ја имаше замислено како посебна и талентирана, но и повлечена, карактеристика што често знае да дојде во комбинација со генијалност. На почетокот, имав неколку илустрации за инспирација и природно, без планирање приказната ми отиде во тој правец – Шила да има дислексија. Паметно, талентирано и воспитано дете, но ете потиштено и срамежливо, зашто не знае да чита како нејзините врсници. Децата се комплицирани мали луѓе, секојдневно се соочуваат со нешта што им се нови,  а кога се повлечени, не споделуваат секогаш што ги мачи. Во нашава приказна акцент е ставен на потешкотиите при читањето, но тоа е само пример. Можноста да ја раскажам приказната за дете кое само се научило да се справува со своите проблеми и нејаснотии, преку шиење кукли, што ѝ ги означуваат емоциите, за подобро да ги разбере, беше фантастична. Преку куклите, Шила учи како да реагира на светот, учи емпатија и наоѓа утеха. Таа шие за другарките, што после тоа води до бескрајни игри и прекрасни моменти. Особено ми беше важно дека понтаму во животот станува остварена и исполнета девојка која што својата мудрост може да ја пренесе на други деца, кои допрва треба да пораснат, и избира нејзините кукли да ги сподели со светот. Со Калиопи се разбравме веднаш и многу сум среќна што ја остваривме прекрасната идеја што ја имаше – вели Мишо.

Сликовницата „Шила” веќе е достапна во „Литература.мк” и во сите поголеми книжарници, како и онлајн, преку www.literatura.mk. Книгата ќе биде застапена и на штандот на „Арс Ламина” и „Литература.мк” за време на Саемот на книгата во СЦ „Борис Трајковски”, Скопје, од трети до деветти мај.


ПР објава