,

Шминката е и за мажи: Ѓоко од Охрид - мејакп артист кој руши стереотипи

Добивај вести на Viber

Наспроти стереотипите дека шминката е наменета само за женски, Ѓоко Сучкоски од Охрид е еден од ретките, можеби и единствено момче кај нас што нема проблем да стави шминка на своето лице и тоа јавно да го сподели.

МЕЈКАП АРТИСТ КОЈ РУШИ СТЕРЕОТИПИ

Ѓоко има 17 години и е трета година во средно училиште во Охридската Гимназија.
Ѓоко ќе го забележите на Инстаграм поради неговите неверојатно добри вештини за шминкање, но интересно е, што покрај тоа што шминка други, Ѓоко, најновите мејкап трендови ги испробува и на себе, односно тој е и првото и единствено момче кај нас кое се шминка.

ПРВИОТ ДОПИР СО ШМИНКАТА

- Уште како мал ме интересираше уметноста обожував да цртам и да ги реализирам своите идеи. Креативноста од секогаш ми била мојата добра страна и веројатно од секогаш сонував да работам нешто поврзано со уметност каде што ќе можам да се изразам како што сакам. Случајно открив дека четката и шминката се она што ме прават посреќен од било што и веројатно беше мојата најмудра одлука тоа што во најкраток период истражував и барав деноноќно видеа на интернет, пробував и експериментирав. 

Едноставно најголемата инспирација беше тоа што со една четка знаев дека можам да направам промена на лицето со што ќе дадам сосема поинаква форма и убавина на лицето. Искрено не бев сигурен на почетокот дека имам талент за шминка, со денови експериментирав и пробував, се сеќавам првата личност која ја шмикав беше мојата братучетка  - кој ако не најблиските, тие се секогаш тука за нас уметниците да експериментираме и да ги учиме новите техники со нив. 

НЕ МИ ПРЕТСТАВУВАШЕ ПРОБЛЕМ ДА ЕКСПЕРИМЕНТИРАМ СО ШМИНКА НА МЕНЕ

-Овие неколку години ми беше голема желба да почнам да снимам видеа за мејкап и да правам мејкап фотографии, така што и не ми претставуваше некаков проблем да почнам да експериментирам и на мене. На почетокот од експерименти, прерасна сето тоа во реалност и во краток период објавив неколку фотографии и видеа, имаше многу позитивни реакции и одлучив да продолжам. Благодарение на поддршката од моите најблиски пријатели и роднини од пред извесен период имам мало убаво катче каде што веќе шминкам професионално, а и ги снимам моите видеа. Се разбира тука најблагодарен сум на една продукција од Охрид која целосно ме поддржа и ми помогна технички да можам да ги едитирам видеата и фотографиите, но и ми овозможија простор за да можам да снимам и да ги правам видеата да изгледаат светски.

УМЕТНОСТА НЕМА ГРАНИЦИ - ШМИНКАТА Е УМЕТНОСТ

-Шминката нема граници според мене и не значи дека е само за девојки, денес шминка се користи за сè во секојдневието од музикчки спотови, реклами, ТВ емисии и тн. Искрено и немам ништо против да се користи шминката од страна на момчиња и девојки па макар и секојдневно да излегуваат и момчињата со шминка како и девојките. Конкретно она што јас го работам е само начин на кој јас ја презентирам уметноста која нема граници. 

ХЕЈТОТ И КОМЕНТАРИТЕ ДОАЃААТ ОД МАШКИТЕ

-Во секој случај, јас, откако објавив први фотографии и видеа имаше и негативни и позитивни коментари, да не беа позитивните можеби немаше да продолжам, но успех не се постигнува само со едно видео или една фотографија и тоа впрочем беше макотрпен процес на креирање и следење трендови, на споделување и објавување секојдневно нови фотографии, нови погледи на уметноста. Искрено најблагодарен сум на фановите и сите оние кои ја поддржуваат мојата работа, а негативни коментари има и секогаш ќе има, да не заборавиме дека Македонците се познати по коментари без разлика дали е тоа добро или не. Очекувано е дека ќе има негативни коментари, но едноставно не обрнувам внимание и секако дека повеќе внимавам на позитивните коментари кои ми даваат мотив и сила да продолжам.

Злонамерни коментари имало и ќе има, но за среќа како што повеќе сум активен и споделувам фотографии и видеа, тие што обично коментираат во негативна смисла полека се откажуваат и се помалку ги има негативните коментари. Девојки многу малку пишуваат негативни коментари, речиси воопшто и да немам негативен коментар од девојки, повеќето негативни коментари и хејтот е дефинитивно од машките, но повторно ќе кажам - очекувам, затоа што и јас сум свесен дека тоа што го правам е необично и поинакво од она што го прават повеќето луѓе, нормално дека секој ќе изреагира кога ќе забележи нешто што е поинакво од секојдневието и од она што секојдневно го среќава. Се разбира дека допираат хејт коментарите до мене, а често и ме прави да се чувствувам лошо, но кога ќе размислам колку многу пораки секојдневно добивам од девојки кои ја сакаат мојата работа и начинот на кој се изразувам - едноставно заборавам на сè.

РОДИТЕЛИТЕ МЕ ПОДДРЖУВААТ ВО СЕКОЈ ЧЕКОР,  А МАКЕДОНИЈА Е МОДЕРНА ЗЕМЈА

Искрено да не беше поддршката од моите родители, сигурно дека немаше ни да биде шминката мое хоби или можност за идна професија. Убавото е во тоа што моите ме поддржуваат во секој чекор што го правам во мојот живот, а искрено сум најсреќен што имам такви родители. Секоја моја желба и план кој го имам и за секој најмал детаљ разговарам со моите и им кажувам буквално сè, а кога имаш разбирање нема никаков проблем на патот кон успехот. Пријателите многу не се променети во тој однос, искрено Македонија е веќе една модерна земја и луѓето се помалку имаат предрасуди и се повеќе прифаќаат сè што е поинакво. Искрено не ми се случи да изгубам пријатели поради моето хоби или професија или да добивам лоши коментари од нив. Среќен сум што сепак имам вистински пријатели кои разбираат дека човекот е среќен кога го живее својот сон и го прави она што го прави да биде среќен.

ШМИНКАТА НЕ ТЕ ПРАВИ ПОМАЛКУ МАЖ, ИЛИ ПОВЕЌЕ ЖЕНА

-Секако дека тоа што ставам шминка луѓето го поврзуваат со мојата сексуалност и е сосема разбирливо, но сепак ќе кажам дека јас не ни размислувам на тој начин ниту па ми значи дали ќе ме гледаат на еден или друг начин, сепак на моите 17 години мислам и прерано е да се осудува или да се гледа личност според сексуална ориентираност, но и не значи дека ако работиш со оваа професија или користиш шминка дека тоа те прави нешто што не си.

ЉУБОВТА ПРЕТВОРЕНА ВО ПРОФЕСИЈА

Благодарение на Zebra Production во чии простории моментално е моето ателје, мојот сон се реализира целосно и ме направи многу посреќен и со уште поголема желба да инвестирам и да се движам кон патот на успехот. На самиот почеток од нивниот тим добив простор каде што моите клиенти можам да ги фотографирам, па со тек на време направивме договор за да направиме студио за мејкап. Денес имам среќа што соработувам со едни од најдобрите фотографи, така што и девојките кои ги шминкам, секогаш добиваат и професионални фотографии. Покрај тоа што сум дел од нивниот тим,  периодов мојот талент го проширив и со нови знаења и од неодамна работам како "Portrait Retoucher" и едитирам портрети за потребите на продукцијата и на светски компании како freelancer. 

ЕДИНСТВЕН ВО МАКЕДОНИЈА СО СОПСТВЕН МЕЈКАП БРЕНД

-Мојата мејкап козметика која ја користам е плод на исто така многу истражувања и процес на многу читање и информирање од професионалци за козметика и шминка. Интересно е што сум во ретките, а можеби и единствен во Македонија што има своја палета со сенки, свои пудри и трепки, сè под мој бренд како што доликува за да се направи вистински бренд. Повторно тука е најважна поддршката од моите родители без кои сигурно "Giovanny" немаше толку рано да можам да започнам да го градам како бренд.

СОВЕТ ЗА ШМИНКАЊЕ ОД ЃОКО

-Сакам да шминкам што е можно повеќе различни лица и што е можно повеќе личности со цел да можам да се искажам себе си како уметник.

Едно од најпоставуваните прашања кои ги добивам е како правилно да се нанесе кармин. За да изгледа тоа совршено мора предходно да се направи пилинг и да бидат добро хидрирани усните. Кога ставате лабело бидете сигурни дека не претерувате. Подготвувањето на усните е и најважниот дел во шминкањето. Нанесете мала количина пудра за малку да ги избришете усните и потоа ставете ја омилената боја. За вашите усни да изгледаат многу прецизно нацртани вашиот следен чекор треба да биде примена на молив за усни за да се фокусирате на прецизноста и дефиницијата. Сега е време да ги пополните усните. Започнете со пополнување со четка за усни за да ја нанесете омилената нијанса. Најдобро е да користите четка затоа што ви дава најголема контрола врз количината на производот аплициран на усната. За вашата усна да има поголем волумен сјајот е забавен начин да се создаде димензија. Најдобро е да се користи мала количина сјај во центарот на долната усна.

СОРАБОТКИТЕ СЕ МОТИВ ЗА ДА ПРОДОЛЖИ ПОСИЛНО

-Засега интернационално немам успех, но искрено сум среќен што регионално сум успешен. Среќен сум што многу брендови за козметика уште од самите почетоци започнаа да соработуваат со мене и го открија мојот талент. Морам да ги спомнам тука "AURA" кои уште кога бев на почетокот ме контактираа и имав цели пакети со шминка и козметика од нив, што навистина е голема поддршка за да започнеш да се градиш. Во меѓувреме годиниве имав уште многу соработки, многу брендови, а во меѓувреме сум и во процес на договарање на уште еден голем и познат бренд, па доколку се случи да ја добијам нивната поддршка сигурно дека ќе бидам уште посреќен и ќе биде уште поголем мотив да продолжам уште посилно.

СОН МИ Е ДА ИМАМ КОЗМЕТИКА КОЈА ЌЕ СЕ ПРОДАВА НИЗ ЦЕЛ СВЕТ

Во иднина секако дека нема да застанам тука, во моментов сакам пред сè да успеам и да ме сакаат и почитуваат Македонците, па секако дека доколку се роди интерес за интернационално проширување ќе чекорам по тој пат. Мене, како на сите познати мејкап уметници ми е сон да имам моја козметика која ќе се продава низ цел свет, но сега засега тоа ќе биде само сон, па се надевам дека еден ден и тоа ќе се оствари :)

ЗОШТО ШМИНКАТА НЕ Е САМО ЗА ЖЕНИ

-Шминката е за мажи и жени, секако дека веќе повеќето се свесни дека денес и речиси да нема музички спот, ТВ реклама или постер каде што актерот не е нашминкан, шминката била и ќе биде за сите, тоа е познато уште од историјата. Така на пример во 200-тата година пред наша ера римјаните преферирале блед тен, со тоа ставале шминка за да го осветлат тенот на кожата. Користеле бело олово во прав, креда и разни креми. Веќе во 18-ти век Луис ХV  направил да биде модерно за мажите да носат шминка заснована на олово, додека пак театарските актери носеле тешка бела основа. Да не должам многу, сите оние кои се заинтересирани да дознаат повеќе и да ја разберат оваа тема, мора да одвојат малку време и да побараат информации.

*Во светот е широко прифатено момчиња кои се мејкап артисти да ставаат шминка на себе, Џејмс Чарлс, Џефри Стар, и ред други шминкери, воедно и ЈуТјубери имаат милиони обожаватели и се меѓу првите кои ги срушија табуата дека шминката е само за жени. 
Ѓоко вели дека тоа во неговиот живот
 се случило сосема спонтано и бил подготвен на секакви коментари и реакции.

Инаку тој ни откри дека се шминка само за мејкап туторијали за социјалните мрежи, за да ги инспира луѓето кои го следат, да им помогне во процесот на шминкање и да ги научи на некои трикови како полесно да постигнат некој ефект.


*Љ.И