Што е среќа по Bukowski!

Добивај вести на Viber

Го сакам Белград. И кога велам Белград, мислам на ширината, на можноста да бидеш невидлив и да си наоѓаш свои катчиња. Една од работите кои отсекогаш сум ги сакала, а се поврзани со Белград, се книжарниците. Мајко мила, за мене тие се како за гурман полна трпеза. Наслови, книги, шаренило. Ги паметам времињата кога се враќав со полн багажник книги. А сега, жив ќејф бев кога и ќерка ми нарача да ѝ купам книга. Откако замина она време кога сите обврзно учевме српски во училиште, новиве генерации се укратени за одлични книги кои уште не се преведени кај нас. Читаат на англиски, или чекаат да почнеме да одиме во чекор со преведувачите од соседните земји, иако се забележува и кај нас голем напредок.

Бидејќи јас сум од таа генерација која читаше и чита на српски, ден-денес 80% од книгите во мојата (не баш мала) библиотека се на српски јазик. Среќна сум што имам женско дете (ова малку ги задевам свекрвите), па нема снаата да ми замери што наместо накит, сум арчела пари на книги и тоа такви што не може да ги разбере (мислам на јазикот). Како и да е, пикната во една книжарница налетувам на досега непознат наслов од Bukowski (Шекспир никада ово није радио) и веднаш решив да ја земам книгата. Порано повеќе можев да го читам. Ме фасцинираше со својата сировост и суровост, ми оставаше и некоја мачнина во која мазохистички уживав. После некако и јас се променив, но ете, читајќи за што се работи во книгата решив да ја земам.

Само што се вратив во Скопје, прописно настината со растечен нос и кашлица, без оглед на тоа што главата ми тежеше (денес-недела малку помалку), почнав да го читам. Да не должам, книгата е интересна...препознатлив човекот и доаѓам до еден дел кој (парафразирам) вели вака некако:

Човек треба да запознае многу жени за да ја најде онаа вистинската...и ако има среќа, ќе ја најде. Мажот кој имал само една или две жени во својот живот, нема поим што е жена.

И тука, Bukowski во свој стил опишува дека не е поентата во тоа дека водењето љубов со многу жени го прави мажот да ги познава жените (со друг вокабулар, кој не е за пред јавност), туку живеењето со нив. Понатаму вели дека ги разбира мажите кои не го прават тоа, бидејќи според него, тоа е да ја изложиш душата на продажба. И после оваа увертира, доаѓаме до поентата, која е:

Некои луѓе остануваат со една жена само заради тоа што мислат дека е тоа нивниот максимум. Остануваат од (што би рекла јас) немукает, се преправаат дека е сѐ како што треба и дека им е бесполезно со друга жена да минуваат низ истото (мислејќи веројатно на сигурноста која станува навика со годините). Таквите парови гледаат телевизија иако нема ништо интересно на програмите, но барем не се гледаат едни со други.

И она што ме фасцинираше на крајот беше ова: Телевизијата ги држи заедно лошите врски/бракови, повеќе отколку што го прави тоа црквата или децата.

Застанав тука. Замрзнав тука. Ама баш тука, на крајот на таа реченица. Видете, ако ме прашате, лично за себе имам да ви кажам повеќе неубави отколку убави работи. Одма ќе ви набројам 10 маани, отколку што можам да издвојам 3 добри особини. Ама на една работа сум многу горда на себе. А тоа е способноста да изреагирам онака како што ми налага душата. Ниту дете, ниту било што ме задржало или може да ме задржи во непродуктивен однос. Сега, од оваа гледна точка, сфаќам колку беше храбра одлуката која ја донесовме (токму за доброто на сите нас, а најмногу за детето) со мојот бивш маж за да се разведеме. Пазете, чистината на нашиот однос беше токму во тоа што таа одлука се базираше на здрав разум и без суета.

За мене одамна животот престана да биде огледало на она што очекуваат другите од мене. Се соочив со сите фази кои ги поминува една разведена жена. Почнувајќи од непристојни понуди за распуштеници, дали од млади момчиња или од самобендисани женети мажи, до фазата која е уште актуелна и ќе биде сѐ повеќе и повеќе, а која гласи: старасивеќенеможешдабирашибидисреќнаштонекојсакадателегне. Заедно е напишано оти секогаш е кажано во еден здив.

Еве го мојот одговор.

Никогаш нема да бидам доволно стара за да прифатам било што.

Никогаш нема да бидам доволно стара за да се помирам со досаден живот и да живеам полумртва.

Никогаш нема да останам со човек кој не го сакам заради удобност.

Никогаш нема да седам со часови покрај вклучен телевизот затоа што немам што да си кажам со некого.

Не сум се плашела од промени. Ме плашела инертноста и помирливоста на луѓето да си го фрлат животот туку така заради тоа што се плашливи или несигурни, слабаци или параноични. Ме плашеле и ме плашат луѓе кои се во состојба да го ризикуваат животот и формирањето на своите деца само заради „што ќе каже светот“. Ме плашат оние кои без борба ја виткаат кичмата, мислејќи дека тоа е нивниот максимум.

Не знам така да живеам. Ниту знам, ниту сакам. Не можам да си го дозволам луксузот да ми скапува телото и духот во опкружување кое ментално ќе ме убива секој ден. Не верувам во ништо што е под капата на „срамота пред светот“ и „заради децата“. Не! Светот не го боли за вас, ниту ќе бидете тема на разговор пред светот. А токму заради децата си должите да сте среќни, за да ги научите дека тоа е природна состојба која треба да ја практикуваат и тие.

Знаете, се плашам некогаш дека ќе завршам сама и уморна. Дека нема да ја најдам мојата половина...или грнчето. Се плашам, како што го имам тоа спомнато во една песна, дека нема кој раката да ми ја држи кога ќе умирам и да ми каже: чекај ме.

Ама многу повеќе се плашам да живеам лажен живот и лажна љубов. Не сакам кога ќе дојде крајот на ова патување наречено живот, само смртта да ми е вистинска.

Бидете свои.

Бидете храбри.

До следниот понеделнички муабет,

За Женски Магазин, Ана Бунтеска


Купи ден-помини

Како вчера да не постои

А утре нема да осамни

Ете, само денес да се изврви

Купи го денов, токму овој

За една рака ситни пари

Кои ти стојат во преградата до воланот

Дур бесцелно се возиш низ градот кој го знаеш

А одамна не го познаваш

Купи ден

Купи и за мене (е)ден

Иако знам дека ќе ме чини повеќе од оној претходно

Со плитко и забрзано дишење

Како да не можам да се изнаголтам воздух

За сите ситни парички кои ги стискам во раката

Купи ден

И помини го

Стани изутрина

Одлепи го телото од сопствената сенка

Натопи ја во када со топла вода

И стави ја на закачалка да се суши

За да не се згужва премногу

Остави ја дома

Нека одмори малку

И онака на сонцето ги има премногу

А твојата чувствителна е кога ја газат

Купи ден

И имај храброст да го поминеш

Да зборуваш како навиен

А да не паметиш што си кажал

Да се смееш на шеги кои не ги слушаш

А кои се стари и изветвени

Да пикаш храна во стомакот

Само затоа што цревата ти завиваат како пес во зима

И да пиеш 3 литри вода (во три шишиња од по 1 литар)

Затоа што докторот во една емисија така рекол

Купи го проклетиов ден

И помини го

А можеби еден ден ќе имаме и двајцата храброст

Сите парички да ги фрлиме низ ветар

И да видиме дали нов ден ќе дојде

Без да го броиме кусурот од нечија испотена дланка

И без да се пазариме со сами себе

За да одживееме уште еден празен ден

Оти нема азно кое мирот ќе ти го купи

И насмевката ќе ти ја врати

А најмалку да ти донесе ден

Од оние убавите во кој наместо железни парички

Мојата рака ќе ја држиш

Купи ден...ден за слобода