Што кажуваш после здраво?
Отсекогаш ме интересирала човечката природа,
причинско-последичните врски во една комуникација и како некогаш е доволен само
еден збор или миг за да еден однос фати некаков си правец кој може да резултира
со убав и содржаен однос или да се распадне. Секогаш велам дека зборот има
посебна тежина, а не ретко сум сфатена дека тоа ги отпишува делата. За да
немаме забуни, еве да објаснам. Како човек кој си стои на зборот, односно
истиот го преточува во дела, подразбирам дека она што се кажува не е напразно
изговорено, туку е спремност и волја да стапи на дело. Тежината на зборот го
чувствувам секој пат кога пишувам нешто. Напишаното е мојата мисла, став, она
што го бранам како идеја или идеал.
Психологијата ми е дамнешна љубов. Дури, едно време имав желба да запишам уште еден факултет-психологија, но да бидам искрена, идејата да поминам уште 4 години во учење и полагање испити на сите обврски кои ги имам, ми беше мазохистичка. А како стареам, некако повеќе ми се бендисува хедонизмот отколку мазохизмот. Низ раце ми поминале многу книги (зборувам за оние поврзани со психологија) и сите ми отвориле по една нова врата или нов светоглед. Научив да препознавам шеми на однесување, кај себе и кај другите. Научив дека саботирањето сам себе е основа за неуспех и немање самодоверба. А како и секој човек, ме мачеле милион прашања поврзани со моите реакции и реакциите на другите. Па низ годиниве сфатив дека знам да бидам крута и непопустлива кога се емоции во прашање, дека мора да научам флексибилност и дека не може баш се’ да е како во учебник.
Учев дека не сме сите исти, односно, дека некои се баш како мене и она што ќе го кажат и ветат ќе го исполнат без оглед на околностите, но дека има луѓе кои едноставно не се потресуваат ако туку-така ветат и кажат нешто, а не го спроведат на дело. Не дека се лоши, не дека се манипулатори (иако имало и такви), туку дека тоа е нивното гледање на работите. Е, овие ми беше многу тешко да ги сфатам и прифатам такви какви што се. И искрено...ми успева само тогаш кога не сум емотивно и интимно инволвирана. Не се снаоѓам да функционирам во љубовен однос во кој многу лесно се менуваат расположенија, желби, ставови. И знам дека не сум единствена.
Денешниот муабет ми е посветен на себепреслушување и поставување какви-такви граници во она што можам и што не можам да поднесам и прифатам. Не од суетни моменти, туку од аспект на тоа дека излегувам повредена и незадоволна и од себе и од тие односи со луѓе. А колку што можам да видам околу себе, не сум единствена. Сите ние имаме градација на луѓето во нашите животи. Познаници, пријатели, другари и оние кои јас ги нарекувам, вредни за да се жртвувам за нив.
Цицачите на енергија ми се најдолниот вид на луѓе. Тоа се оние кои толку умешно се пикаат под кожа, вечно незадоволни од она што им се дава, па на еден фин пасивно-агресивен начин ве тераат да се чувствувате виновни за нивната состојба и нерасположение. Тие луѓе, сум приметила дека никогаш не се караат. Ама никогаш! Тие навлекуваат израз на лицето и тон во гласот како да сте им го уништиле животот и секоја надеж за нешто убаво и ве ловат во стапицата наречена “е сега ќе ми докажуваш дека ме сакаш без оглед на се’”. Како? Со тоа што ќе станете нешто што не сте и ќе седите на игли да не згрешите некаде.
Најодговорно тврдам дека таквите луѓе, доколку ги имате покрај себе, се опасност за вашето ментално здравје. Тие никогаш нема да бидат среќни, па макар го превртеле светот за нив. И тоа не поради вас и дека нешто сте погрешиле, туку поради манипулацијата со која се амнестираат себе од било каква одговорност во односот. На таквите им треба дежурен виновник кој никогаш не се тие самите. И во моментот кога ви доаѓа преку глава и си велите дека тоа е нездрав однос од сакате надвор, имате канонада од патетични изливи на тоа дека сте ги унесреќиле, дека сте потфрлиле во односот. Никогаш нема да ви кажат дека ете, некоја конкретна работа ги навредила или повредила. Се’ ќе биде во завиткана форма, во неодредени обвинувања.
Мене таквите односи и луѓе ме поболуваат. Станувам нервозна, напната, туѓа за сама себе, потоа ме обзема страв и нелагодност од било кој збор што ќе го изустам или постапка. Напредокот го гледам во тоа што сега немам повеќе грижа на совест кога се вртам и си одам. Ама баш така. Се вртам и си одам. Не се трудам да прашувам, ниту да објаснувам, немам ниту време ниту желба да си го арчам времето на бескорисни себе-оправдувања, особено кога не се чувствувам виновна, а и не знам за што сум обвинета.
Си одам, колку и да звучи сурово и неубаво...заминувам. Не знам поинаку. А сфатив и дека е така најбезболно, барем за мене.
И сега знам дека оние на кои сум им важна и кои сакаат да работиме заедно на нашиот однос (било каков да е), разговараат без обвинувања. Кажуваат јасно и гласно ако сум оплескала нешто, бараат објаснување, бараме заедно решение и тераме понатаму. Оние кои ве сакаат нема да остават да се печите на нивниот тивок оган од казнување со молк. Оние кои ве љубат, ќе се искараат со вас и ќе ги стават картите на маса. Тие не пикаат ѓубре под тепихот, затоа што сте има важни вие и вашиот однос и свесни се дека секое прикривање под тепих, еден ден ќе резултира со препнување од него и пад. Тие луѓе, оние кои ве љубат, не ризикуваат да ве изгубат со молк и кревање на носот. Не ве бараат само тогаш кога им требате за да им го нахраните егото и да ги погалите по главата кажувајќи им колку се прекрасни. Не! Луѓето кои ве љубат, ќе ве љубат и кога ќе се искарате. И тогаш ќе бидат лути, ама тука ќе се.
Ете, тоа научив.
Ве молам...сакајте се себе.
Водете сметка за вашата психа, водете сметка за тоа дека треба повеќе да се смеете отколку да плачете. Дека треба да сте среќни и исполнети. Дека не смеете да чувствувате страв некому да кажете дека не сте задоволни.
И најважно...не дозволувајте никому да ве убеди дека не чините. Никој од нас не е совршен, ама и никој од нас не е должен по било која цена да усреќува некого за сметка на својата сопствена среќа.
И за крај...научете се на таквите луѓе после здраво да им кажете ЧАО!
До следниот понеделнички муабет,
За Женски Магазин, Ана Бунтеска
Не ми е мене страв од луѓе кои викаат
Ама ич не ги клавам на дикат
Со нив знаеш на што си
Ете, не ќе им се бендиса нешто
Па ќе се изнавикаат и искараат
Ќе врескаат дур не им набабрат жилите на вратот
Ќе се запенат и очи ќе ококорат
И ги гледаш дека од душа викаат бре
Дека од душа нешто ги потрефило
Дека толку силно ги погодило
Што не им е гајле дал врескаат во јавност
Е, од тие таквите ич не ми е страв
Оти искрени се
Оти ко те сакаат, те сакаат и точка
Ко ќе им згрешиш, ѕрцките ќе ти ги извадат
И точка
Ама после кротки се
Ќе си ја олеснат душичката и ќе омлитават
И лицето ќе им се смири
Од устата веќе поганлаци не слушаш
И ќе промуабетиш
Ќе си кажете кој што има
И одиме понатаму
Тие, тие луѓе ги сакам
Страв ми е мене од оние другите
Кои ниту на живо се смеат
Ниту пак на мртво плачат
Тие чии сурати се исти и за празник и за делник
И за повојница и за закоп
И за љубов и за омраза
Од таквите уплав имам
И ги намирисувам со годиниве
Им се плашам и бегам
Ко ѓаолот од крст им бегам
Оти тие не ќе те продадат само за грст златници
Тие продаваат и онака
За ништо
За џабе
Оти гајле за ништо не им е
Оти ко без душа се
И немаат во себе кантар за добро и зло
Дал од раѓање изместен е
Или животот го расипал, не знам
Ама тој кантар на баждарење не оди
И никој не го оправа
Таму е скршено нешто во срцето
Е тие милост немаат
Ниту насмев
Ниту сомилост кон туѓата болка или јад
Тие се како луѓе-нелуѓе
И скраја да е таков да ти се погоди во близина
И скраја да е таков па да засакаш
Од тие
Од тие што молчат и не говорат
Од тие таквите страв ми е
Страв ми е од мислите нивни
Кои во главите им остануваат и гнојат
Затоа оние другите, викачите
Ете тие драги ми се
Оти тие знаат бол што е
И неправда
Знаат радост и среќа како скокотка
И чемерот како горчи
Тие, на мене блиски се
Оние кои љубат и мразат со жар
Со страст
Со оган
Со живот