Што ќе изгласаат Ирците на референдумот за абортус?
Ирците денеска на референдум се изјаснуваат дали се за промени на одредбите за абортус. Околу 3,2 милиони Ирци, треба да се изјаснат дали се согласуваат да се укине Осмиот амандман на Уставот донесен 1983 година, со кој прекин на бременоста се дозволува само кога е загрозен животот на мајката, но не и во случаи на инцест, силување или фатална абнормалност на плодот. Засега за илегален абортус се предвидува казна од 14 години затвор.
Доколку референдумот биде успешен и граѓаните на Ирска се изјаснат за укинување на строгиот амандман, тогаш се предвидуваат законски промени со кои ќе биде дозволен абортус до 12-та недела од бременоста. Граѓаните ќе можат да се изјаснат по прашањето до 22 часот. Резултатите од референдумот се очекуваат да бидат познати утре.
Поради строгите одредби за абортус во Ирска, голем број жени од Ирска се одлучуваат да ја прекинат несаканата бременост во Велика Британија.