Што ќе посееш, тоа ќе ти никне
Меѓу останатите работи кои ги учев и научив низ
животот, во главата ми остана една реченица на другарка ми Цеце која низ муабет
околу децата и нивното воспитување, ми рече „сѐ ќе беше
прекрасно да имаа децата само уши, а не и очи“. Лекциите кои им ги сервираме на децата се обично
само вербални. Ги учиме што е добро, што е лошо, како треба да се однесуваат,
попатно заборавајќи дека она што го зборуваме нема никаква тежина, доколку
нашите постапки го говорат спротивното. Децата гледаат, не се потпираат само на
нашите предавања од кои устите ни се запенуваат. Говорете за чесност до
немајкаде, но ако ве гледаат дека низ сите животни ситуации се однесувате
нечесно, џабе дрдорењето. Покрај ќерка ми научив дека она што го зборувам е
само минливо, но дека моите постапки се токму она од што таа учи и создава став
кон работите низ животот. Ќе ви повторам една случка која ја имам веќе кажано
во една од колумниве.
Нина имаше 9 или 10 години. Пасија беше возење со велосипеди во попладневните часови кога ќе се приберевме дома после работа и училиште. Еден ден бев преморена, што од работа, што од пазарењето кое мораше да се заврши дента. Цела возбудена ме праша дали може веднаш да излеземе од дома и да се возиме. Ја замолив да се стрпи малку да соберам душа и дека ќе одиме малку подоцна. Дете ко дете, си најде веднаш занимација и се заигра сама. Откако ги завршив обврските со средување на работите кои ги купив, одморив половина час и ја потсетив на возењето велосипеди. Таа имаше заборавено што сум кажала. Ама не заборавив јас. И си го исполнив зборот. Интересно е дека од тој момент таа секогаш се потсеќа на тоа како момент дека она што ќе го кажеш или ветиш, треба да го исполниш. И одвреме навреме ме потсетува на тоа. Ќерка ми знае дека мојот збор тежи, оти е поткрепен и со дело.
Ќерка ми научи дека може да ми верува и дека нема да биде излажана ниту манипулирана. Придобивката од тоа е дека сега и кога ќе ме подизлаже нешто (да се разбереме, во пубертет е), не издржува да се носи со лагата и веднаш ја признава. Осуда не добива, туку моја благодарност дека има доверба во мене за да ми каже и за лагата која лесно може да ја сокрие. Не дека како мајка немам интуиција која секогаш работи тогаш кога сака да ме смува за нешто, ама си го поткасувам јазикот и чекам сама да каже. Чекам да видам дали она што сум го посадила во нејзиниот ум, фатило коренче. Го чувствувам нејзиното чувство на срам кога лаже и каењето. И знам дека знае оти не сум мутава. И ако порано тоа се случувало ретко, сега веќе скоро никогаш. Научи дека вистината, каква и да е, е подобра од перфектно смислената лага.
Умот на децата е како свежо раскопана земја. Ако не посадите рози и ја оставите земјата да седи така, ќе никне коров. А ако посадите рози и не ги негувате, ќе се исушат. Умот на децата е нешто што е наша одговорност како родители. Да се израсне добар и чесен човек е тешка и макотрпна работа. Не заради нив, туку заради тоа што и ние големите учиме за себе воспитувајќи ги нив. Па попатно треба да расчистуваме со сопствените демони и грешки. Ден-денес, кога постапувам некако прво на памет ми паѓа мислата дали ќерка ми ќе се срами од мене во животот или ќе се гордее. Не постои цена која ќе ја платам за мојот хедонизам да е примарен и да ја покрие мислата дали она што го правам ќе е долгорочно добро за неа и нас како семејство. Времето кое ѝ го посветувам е време во кое и јас учам за неа и за себе. Некаде прочитав „слушајте ги децата и за најмалите ситници кои можеби вам ви се неважни, затоа што ако знаат дека не ги слушате, ќе ви ги премолчат и крупните работи“. Синоќа вечеравме заедно и гледавме филм. Во еден момент се сврте и ми рече „мамо, многу сум среќна дека вака се дружиме“. Класика, таа продолжи да гледа филм, а јас голтав солзи. Детето ми расте во убав човек, а покрај неа и јас станувам она што отсекогаш сум сакала да бидам.
Вашиот однос кон другите луѓе е она што ќе го видите во вашите деца како што ќе растат. Секогаш ученикот го надминува учителот. Ако сте дрски во постапките, таква ќе ви биде и рожбата. Ако сте лажговци, не очекувајте да имате здрав и искрен однос со децата. Ако сте полни со фрустрации кои ќе ги истресувате дома и кон пријателите или партнерите, ќе израснете фрустрирани личности кои ќе се однесуваат исто како вас, ако не и полошо. Надмениот однос кон оние кои ви помогнале во животот во безброј ситуации, непочитувањето кон нив и вашиот лошотилак се помоќни од секој разговор во кој ќе објасните дека тоа не е добро. На децата не им се кажува да бидат полни со почит кон секое живо битие. На децата не им се кажува да имаат заштитнички однос кон послабите од нив и оние на кои им треба помош. Тоа се покажува низ дела. Низ вашите дела.
Не ја потценувајте нивната моќ на перцепција. Како сунѓери се и ја впиваат секоја ваша постапка. Како живеете дома, такви вредности ќе им всадите за век и веков. Скротете си ја самобендисаноста и себичлукот, оти вам ќе ви се удри од глава. Еден ден, гледајќи си ги потомците, или ќе се срамите од себе или ќе сте горди. Трето нема, а нема ни втора шанса да ја исправите штетата која ќе ја нанесете. Народов наш убаво рекол, види го детето и веднаш ќе знаеш каде, како и со кого живее. Тие се нашата лична карта. Можете да бидете фенси, убаво стокмени и облечени, да живеете луксузно и да се расфрлате со пари, ама ништо од тоа не ви вреди ако ја изгубите почитта од оние кои ќе останат да живеат после вас. Облеката се кине, парите се губат и повторно заработуваат, ама имате само една шанса да направите од детето Човек. Ако ги научите дека другите луѓе треба да се тука за нив само кога им треба услуга во животот, бидете сигурни дека и кон вас така ќе се однесуваат на повозрасни години. А за жал, познавав такви луѓе. За среќа, ги тргнав од животот, а јас многу тешко се откажувам од луѓето. Единствено ми е жал за фактот што си ги упропастиле децата. Не се лутам за нивниот однос кон мене, толку ги бивало да се добри и чесни. Ама штетата која ја нанеле на сопствените деца не знам како сами на себе ќе си ја простат. Иако, таквите се до толку самобендисани што никогаш нема ни да си признаат сами на себе дека дебело утнале.
Бидете огледало ва вашите деца, за да можете секој пат кога ќе се погледнете во нив, да се насмевнете и да си кажете „ЗАВРШИВ ДОБРА РАБОТА“. Да сте ми живи и здрави.
До следниот понеделнички муабет,
За Женски Магазин, Ана Бунтеска
Таа е ѕвезда
треперлива и нежна
и ураган
полн секавици и ветар
небо
со јата од слободни птици
и дожд
со капки кои чистат од јадови
таа е љубов
незагадена од тага
и смеа
што гргори во срцето
сила
што слобода ми дава
и среќа
која солзи радосници ми мами
Таа е јас
десетина сантиметри пониска
мојот глас
кога својот го губам
причина
заради која секое утро се будам
начин
на кој учам себе да се љубам
таа е лето
со сонца кои не заоѓаат
есен
во која дишам со полни гради
зима
со мирис на печени костени
и пролет
во која душава ми се буди
таа е моја сенка
а под својата нејзе ја чувам
мојот бол
од кој бегање нема
свет
во кој сум повторно малата Ана
дом
кој од себе ме лечи
.......................................................
само во очите на ќерка ми
јас сум сѐ што посакувам да бидам.