После долго време решив да пишувам надвор. Спастрен лаптопот (кој патем речено ми е направен крш, со лепенки и напукната пластика...ама пусто, емотивно сум врзана за него), јас стокмена (како што велеше баба ми) “ко за бендис” и седнувам во едно од омилените места за читање, пишување, пуштање мозок на пасење или фотографирање. Омилени места во Скопјево во кои се чувствувам слободна за да минам неколку часа без да ми е непријатно оти барам да сум блиску до штекер заради кршот од лаптоп спомнат погоре и од паранојата дека ќе ми се испразни батеријата на телефонот (сите си имаме по некоја болест де!) ми се Ли, Деус и Жапон. Времето погодено, гужва нема оти беше порано, штекерот до мене...како да ви кажам, се’ таман и сите предуслови исполнети за да имам раат.
Дур пребарувам што музика да пуштам на слушалки (мора да ми е погодена музиката за пишување, иако си свири нешто сосем ок од кафичот) седнуваат пред мене двајца млади. Од авион се гледа дека се пар по говорот на телата, некако спонтано се чувствува тоа, а и делуваа прилично складни еден со друг. Доаѓа келнерката, нарачуваат пијачка и додека ја чекаат пијачката, а јас уште се двоумам дали Били Ајлиш ќе ми биде по ќеф, момчето во еден момент се врти накај девојката и ја прашува “што ти е?”.
Во истата секунда низ глава ми пролетува “ајаооооооој, некој оплескал нешто изгледааааааа”, кога таа (без воопшто да се заврти накај него), му враќа со “ништо”. И кога повторно низ главава ми поминува мисла “ќе го јадеш стапот брат, штом е НИШТО”, после 10-тина секунди пауза следи дополнување од едно милозвучно “убаво ми е”.
Шах-мат.
Мислам дека подзинав од шок, оти најмалку тоа го очекував. Знам, знам...предрасудите се неубави и во право сте, особено што го стеснуваат видното поле и го ускратуваат човекот за нови сознанија. Признавам дека бев со предрасуда, но (иако не е никаков изговор за моето отсуство на способност пошироко да ги гледам работите) низ животот толку многу имам слушнато, па и изговорено НИШТО на прашањето “што е/што ми е”, а било/ми било нешто, што ова ме начека сосем неспремна. Вистината е дека не паметам од кога немав слушнато НЕ МИ Е НИШТО, со дополнување кое не е по дифолт наговестување за кавга. И ај што не е наговестување за кавга, туку според мене е една од најубавите работи меѓу двајца што може да се случи. Да се молчи дури сте заедно и тоа да е убаво и полно спокој. Отсекогаш ми тежело она непишано правило дека мора нешто да се меле додека сте во друштво.
И за да не се разбереме погрешно, има повеќе видови на молк на маса. Од оние кои сум ги видела, па и доживеала, ќе одвојам неколку:
1. Молк заради зјапање во телефони...и видено и доживеано. Да, многу безвезе и немање никаков лезет во дружбата (со кого и да е). Зависноста од социјалните мрежи, потребата да се постира моментот наместо да се ужива во него зароби многу луѓе во свет во кој владее “јас и телефонот”, иако навидум сте во друштво. Ај што е грда сликата гледана отстрана (што е и најмал проблем), најгрдо е всушност што има неверојатна празнотија на една маса на која има неколкумина, ама сепак се чини како да е празна.
2. Молк заради нелагодност од многу луѓе или отсуство на теми. Особено тешко за интроверти на кои секогаш им е нелагодно кога се во друштво, а не дај боже да има и луѓе кои не ги познаваат, катастрофа! Кај интровертите е сосем исто дали има или нема теми за муабет, стално гледаат да се незабележителни или да ја здувнат во првата можна прилика.
3. Молк заради УБАВО МИ Е. Најубавиот молк на сите времиња. Тоа е оној необременет молк со прашалници, прашања, чувство на нелагодност, нервоза и останати негативни емоции. Молкот од убаво е нешто што го нема на секој чекор и мој совет е да си ги чувате ко очите во глава оние со кои можете да молчите и да се чувствувате најубаво на свет.
Молкот од убаво е најредок, затоа што бара голема компатибилност во табиетите, енергиите и затоа што е можеби и ретко чувство на слобода да се биде свој во секој момент. Нема тука страв и мисли за “дај да отворам некоја тема за да не биде чудно”, нема двоумење дали на другиот му е ок или не, нема преиспитување дали е се’ во ред со односот. Едноставно, молкот од убаво е како омилената маица во која ви е најкомотно, како перницата на која најубаво заспивате, како филмот кој го гледате секогаш кога сте down, за да ве поткрене. И она што е најчудно е следното...тоа може да ви се случи со некој кој многу малку го познавате. Да, компатибилноста на табиетите не мора да е резултат на долгогодишна дружба, едноставно некогаш човек ја има таа среќа за да му се погоди оној карши него уште од старт.
Една од работите кои ме плашеле при изборот на партнер е дали ќе може да молчиме заедно. Зборувањето е лесно, молчењето е тешко да се издигне на ниво на спокој. Можете да зборувате на која било тема, доволно е да се спомне една работа, таа да води кон друга-трета и минало времето. Ама да седите со часови покрај некого, да пиете кафе или да читате, пишувате, па дури и само да си гледате околу додека ја чувствувате топлината на односот без да биде потврдена од она дека МОРА да има комуникација во секој миг, е бесценето. Впрочем, енергијата која ја примате и давате говори многу повеќе од усните. Да емитирате смиреност и сигурност вреди многу повеќе од тоа да зборувате за нив без да може другиот да ги почувствува.
Кога следниот пат ќе ве праша партнерот што ви е, размислете добро пред било што да кажете. Ако навистина ви е нешто, тогаш кажете си ја маката и завршете со тоа. Кратко е времето на планетава за да си играме игри во кои никој не победува, ама минале денови во глупави натегања. Ако ви е нешто, не одговарајте со “ништо” за да се навлечете пак на психолошката игра наречена мачка-глушец. Баталете такви игрици кои ем немаат крај, ем немаат победник. Чувајте го тоа НИШТО за да му додадете УБАВО МИ Е и уживајте во присуството на саканите личности на еден поинаков начин кој ќе ве ослободи од притисокот на дрдорење по секоја цена. Едноставно е, само бара малку труд за да се замени квантитетот со квалитетот. Не се чувствувајте одговорни да бидете дворски шут и не ставајте никого во таа позиција. Молкум градете ги односите со оние кои ви значат и ги сакате. Не мора баш се’ да се каже и да се објасни...делата нека зборуваат додека молчејќи уживате.
Да сте ми живи и здрави!
До следниот понеделнички муабет,
За Женски Магазин, Ана Бунтеска
Си бара душата
Како дете љубов си бара
И некој да ја гушне
Чунки коски ќе и’ искрши
Та среќа што коски нема
И што широка ко небо е
За во неа јата птици да летаат
Душата спокој си бара
Како старец кој во летен ден
На дрвено столче пред куќа седи
Мижурајќи на сонцето
Топлејќи си ја староста со младешки мисли
Дур раката над бастунот му дреми
Држејќи ја својата надеж
Си бара душата
Како жена си бара некој да ја негува
Да ја чува ко капка вода
Како скапоцена капка на жеден во пустина
Чии усни испукани од жештина се
Барајќи живот во едно лизнување на водата
Душата кроткост си бара
Како мајка која чедото си го пули
И која го позема како најголемиот дар
И во него носот го пика
За да му се надиши од невиноста
Од која вербата за арното повторно се раѓа
Си бара душата
Ко чоек е таа
Ко дете
Ко жена
Ко старец и мајка
Ко нежна љубовница
Си го бара она што нејзино е
Ниту отпојќе ниту помалку
Од она СЕ’ кое може да го даде
Та грев е да ја лажеш со малку
И грев е да ја лажеш оти толку заслужила
Оти неа не можеш да ја прелажеш
И таа точно знае
Кога е за на мајтап земена
Та почнува чоек да го мачи
Да се стега ко тупаница
Да вие и да плачи
Ко дете удрено кога е
Ко старец кога на смртта во очи и’ се гледа
Ко мајка која го пушта пиленцето далеку од неа
Ко жена која сакана повеќе не е
Ко оставена љубовница во празна постела
Знае душата
И неа никогаш доста нема да и’ биди
Од галеж
Од љубов
Од сништа
Од друга душа наспроти себе
Во која ќе се гледа
Во која ќе се огледа