ШТО ВЕЛАТ ИСТРАЖУВАЧИТЕ ЗА „ДОЛГ КОВИД“: Меѓу најчестите упорни симптоми се замор, отежнато дишење и когнитивни проблеми

Добивај вести на Viber

Светската здравствена организација (СЗО) оваа недела ја објави дефиниција за „долг ковид“, термин што се користи за да се опишат упорните и долготрајни здравствени проблеми што влијаат на некои од пациентите кои се избориле со болеста, а научниците се уште работат на разбирање на синдромот, наведува Ројтерс. Еве што знаат досега.

КАКО СЕ ДЕФИНИРА „ДОЛГ КОВИД“?

СЗО го дефинира долгиот КОВИД како состојба со најмалку еден симптом што обично започнува во рок од три месеци од почетокот на потврдената или веројатна инфекција со коронавирусот, опстојува најмалку два месеци и не може да се објасни со друга дијагноза. Симптомите може да започнат за време на инфекцијата или да се појават за прв пат откако пациентот ќе се опорави од акутната болест.

Меѓу најчестите упорни и долготрајни симптоми се замор, отежнато дишење и когнитивни проблеми. Други вклучуваат болка во градите, проблеми со мирис или вкус, мускулна слабост и срцеви палпитации, односно забрзано биење на срцето. Долгиот Ковид генерално има влијание врз секојдневното функционирање.