Што зрачиш, тоа привлекуваш
Разговарам деновиве со една другарка на телефон и секако дека
разговорот беше маратонски и со сите нишани. Не сум некој фан за лафење преку
апарат оти како стареам, времето ми станува се’ подрагоцено, ама ситуацијата така си бараше.
Не се имавме слушнато подолго време и конечно се најдовме двете со саат
слободен во денот и наместо ко сите нормални луѓе да закажеме кафе, ние го
пиевме секоја во својот дом и со телефоните залепени на уво. Другарка ми е одамна
разведена, можеби има повеќе од 10 години и има возрасна ќерка (оти си беше
паметна и си роди дете во втората половина од нејзините 20ти, а не ко мене на
скоро 35 па сега дома имаме битка на пубертет и климакс-уште сме 0:0). Низ сите
овие десетина години бев сведок на 2-3 нејзини промашени врски кои почнуваа
многу оптимистично и со надеж дека тој е ТОЈ, а кои завршуваа неславно. Уште
кога и’
го чув гласот, знаев дека нешто убаво и’ се случува. Тоа е онаа боја на глас која буквално
ви слика едно насмеано лице, полно свежина и радост. Дури можев и да ја
замислам како свети во ликот. И да, љубов беше во прашање и не само што беше
љубов, туку и наоѓање на две сродни души кои се препознале во ова време во кое
луѓето се’
помалку се гледаат за да се видат. Тој, малку повозрасен од неа и вдовец со
сите нишани, од деца до внуци. Реализиран татко и дедо, си тера бизнис, смирен,
кроток. Се нашле сосем случајно и замислете, не на социјални мрежи, туку на
некој настан (чинам беше изложба) каде што и двајцата биле појдени сами, но се
нашле во исто друштво. Тој немал фејсбук, па и’ побарал број на телефон, се јавил следниот
ден (јас тука сета во шок, оти нормално е нели во денешно време сите да се
прават мангупи, па да се јават тогаш кога и ќе заборавите како изгледале па
немате врска кој ве бара), пиеле кафе и започнале дружба. Со еден збор, сосем
нормален и посакуван тек на работите, токму онака како што би изгледал еден
здрав однос. Колку што е таа темпераментна, толку е тој смирен. Карактерите
различни, ама интересите исти. Ја прашувам што е тоа што се случило кај неа за
наеднаш (после разочарувањето од претходните врски) да се опушти и влезе во
нешто за што мислеше дека никогаш нема да и’ се случи. Со смеење ми вели “престанав да
барам и решив дека ќе уживам во секој ден во кој ќе се разбудам жива”. И да, знам дека
звучи како извадок од некој романтичен филм или некоја книга од оние “како да се
најдете себе/пат до успехот итн”, ама ме замисли. Трката по љубов знае да не’ направи малку
невротични и секој неуспех да резултира со огорченост и незадоволство кое си го
носиме. И не само што го носиме, туку и го емитираме вон себе.
Што зрачиш, тоа привлекуваш...жива вистина, иако малку ме подуплаши земајќи предвид дека последниот пат привлеков (и бев привлечена) од човек со кој имав прилично нездрав однос. Мојата емотивна глад и испостеност толку силно кулминираше што бев решена по секоја цена дека ќе имам љубов па макар ја присилила нељубовта да изгледа поинаку. Среќа што не завршивме ко Ромео и Јулија, оти на овие години секој стрес си има огромна цена која се плаќа со стареење на душата и болести. Нејсе, сфатив дека она што си го носиме во себе секогаш наоѓа начин да излезе надвор од нас. Енергијата која ја зрачиме си “повлеквит” компатибилна енергија. Страшното е што го учиме тоа на потешкиот пат (секоја чест на оние кои учат од туѓото искуство), убавото е во тоа што го научуваме, сакале или не. Се вратив прилично наназад со меморијава и ми текна на сите ситуации во кои сум си кажала “зошто токму мене ова ми се случува”, а не сум била свесна дека потсвесно сум си го барала, зрачејќи на погрешен начин.
Се сетив кога пред повеќе од 20 години барав работа и одев на интервјуа. По природа сум интроверт, со вкоренет страв од неуспех. Колку и да беа добри моите познавања од англискиот или работа на компјутер, веројатно оставав впечаток на особа која е крута и нема баш некој однос кон тимска работа. Без оглед што се трудев да изгледам повеќе од пристојно, со одбрана гардероба и смирен израз на лицето, мојата енергија создаваше бариера. Тие неколку неуспеси ми беа поразителни, оти се чувствував дека не вредам доволно. После некое време (откако поштено си ја намачив душата), си реков дека “баш ми е гајле ако не ме примат” и појдов на интервју сосем олабавена од мислата дали ќе ме примат или не. Дури и не се потрудив околу изгледот за да оставам впечаток на сериозна особа. Нормално дека ја добив работата и тоа без второ интервју. Моето кревање бело знаме пред сама себе за да оставам некаков впечаток и без да се оптеретувам си го сторија своето. Дури тогаш можев да бидам она што сум, без страв дали и како ќе бидам прифатена.
Она што ми беше грешка е дека не го применив истото и во другите сегменти во својот живот. Но, среќа што годините не носат само брчки на лицето, туки и искуство кое сакале или не, си го наоѓа патот за да излезе од нас. Сега сум многу поотворена и поолабавена за се’. Бива-супер, не бива-супер, ниту едното ниту другото не ми е пречка да си го живеам своето. Научив да кажувам НЕ кога нешто не ми е по ќеф и да не се чувствувам виновна заради тоа, научив да тргам луѓе од животот кои само ми ја арчат енергијата и ми создаваат мачнина, научив да бидам сама и да уживам во сопственото друштво. Тоа ми даде слобода која знам како да ја вреднувам. И сега, да не излезе ова како бајка со среќен крај, нормално е дека во одредени ситуации се фаќам себе како енергијата која ја емитирам е напорна или лоша. Среќа што можам да го видам/почувствувам тоа без да изврви многу време и да се преслушам зошто е тоа така, дали нешто или некој ме прави да се чувствувам нелагодно и да се коригирам. Некогаш ми оди брзо, некогаш ми треба да се подизмачам себе, ама сознанието за себе секогаш преовладува.
Имав пријателка која не веруваше во енергија и во тоа дека што зрачиме, тоа привлекуваме. Отсуството на самокритичност ја претвори во огорчен човек кој за се’ си имаше оправдание пред себе, а сите околу беа виновни. Татко ми секогаш вели оти ако не ти оди со еден човек (без оглед дали е односот пријателски или љубовен), шансите некој да не чини се 50:50, ама ако не оди со многумина, тогаш да си ја бараш одговорноста во себе и никако надвор.
Дека енергијата си привлекува слична енергија се гледа од еден прост пример. Излезете од дома со насмевка и секаде каде што ќе појдете кажете “добар ден”, дајте некому комплимент без оглед дали го познавате или не и гледајте какви се реакциите на луѓето. Од лично искуство, знам дека никој не е имун на позитивна енергија (освен ако не е психопат, ама за нив некој друг пат). И најснамќорените ќе извадат насмевка и дури е многу очигледно како им се менува изразот на лицето, како им омекнуваат строгите црти и како се’ станува некако поглатко. Не ни треба многу, само добра волја, верба и малку среќа.
Дај убост, за да добиеш убост.
Дај љубов за да добиеш љубов. Се’ останато е лук и вода, трка со себе во која сме сите поразени и тоа од сопствената суета.
Да сте ми живи и здрави!
До следниот понеделнички муабет,
За Женски Магазин, Ана Бунтеска
Никојпат лош збор
Низ уста да не ти се истркала
И да не дај горнион
Низ уста поганлак да ти излези
Ниту на куче, ниту на маче
Ниту на чоек да не прогоориш лошо
Оти на душата тебе ќе ти се залепи
Секој збор неубав кој си изустил
Секоја мисла-отров која си ја помислил
И стежнува удолу
Душата удолу оди накај земја црна
И ништо појќе угоре не ја крева
Кон небото, кон синилото
Никојпат лош збор
Никому како клетва да не викниш
Оти и клетвата назад се враќа
Можи не на тој шо ја кажал
Ами на чедото негово
Или на чедата од неговото чедо излезени
Оти Универзумот си работи
И цел еден круг секоја мисла врви
За на крајот да се врати
Да му се врати на оној кој ја помислил
Никојпат не пои некого со злоба
Ниту со арамилак земај нешто
Ниту со грубост нарани чоек
Никојпат црното да ти е поголемо од белото во тебе
И да не дајш да те голтни горделивоста
Оти малку време тука сме
И малку време за љубов имаме
Та наместо очи да си ваѓаме
Можиме едни со други да си наздравиме
За убост
За чисто срце и топла дланка
За бистри очи од кои чоек мудрост ќе се напие
За збор помеден од погача под вршник
Никојпат
Никојпат да не си ја поганиш устата
И јазикот да ти се прпелка во злоба
Ниту душата да ја испоганиш
За лесна тебе да ти биди
Оти нема чоек кој арен ако е
Нема среќен да биди
И нема чоек-отров
Кој среќата можи да ја фати
И во убоста нејзина да се искапи
Та на поколенија да ја остави
Како аманет
Како дар
Како љубов