Шундот кај нас е голем општествен проблем: Охриѓаните The Backdoor Band со искрена порака

Македонскиот рок-состав од Охрид, The Backdoor Band, го претставија видеозаписот за нивниот нов сингл „Брзај!“. Аудиопродукцијата е на Ивица Јанкуловски и неговото студио „Алшар“, a спотот го сними и обработи Пеце Настевски - NP Studio.

Членовите на бендот најавуваат нови музички содржини, гостувања во странство како и албум во брзо време. The Backdoor Band досега има настапувано низ целиот балкански регион, а има остварено и мини турнеи во Норвешка, Германија, Романија..

Групата работи своја авторска музика од средината на 2013 година и досега има издадено шест видео синглови. Во составот се Жарко Јакимоски (вокал и бас гитара), Лазе Фармакоски (гитара) и Никола Ози Колјушевски (тапани). Бендот е организатор и на фестивалот на рок музика TRUCK & ROLL кој се одржува во Охрид и кој низ годините доби меѓународен карактер.

- Нашите очекувања се дека ќе ја доближиме рок-музиката до слушателот во едно време на еднолично сивило на сцената. Младите имаат жар за рок музика ако им е добро сервирана и пред сѐ лесно достапна. Целта е да помогнеме да се популаризира и да излезе од сенка, од некој темен ќош - објаснува вокалистот Јакимовски.

Според него, иако создаваат музика за тренирано уво, енергијата која ја носат со себе е неспоредливо поголема од сѐ останато!

- Сето тоа ја прави интересна како за слушање, така и за гледање. Кога тоа би се доближило до сите и би биле правично медиумски застапени, несомнено е дека во голем дел би се намалиле непожелни и шунд музички влијанија, кои што пак, од друга страна, влијаат неповолно за развитокот и културното оформување на младата личност,  што реално е голем општествен проблем - вели тој.


Ѓ.С.