Си бркаме работа!

Добивај вести на Viber

Муабетот течеше вака некако:

“Да бе да, добри се, деца растат, бизнисот им тера супер, како им се погоди свака част, а за другото...ех,  си брка секој своја работа”.

Изразот “бркај работа”се одомаќини на многу чуден начин. За мене бркањето работа значеше дека си ја гледам мојата черга и ѓубрето под неа си го зачистувам, без да им зјапам на другите околу што и како им е во животот. Ама не! Бркање работа во денешно време значи дека двајца се во брак (врзани со парче хартија кое најмалку се однесува на она-во добро и зло), но дека секој од нив си задржува слобода да биде и со други луѓе. И тоа не за шопинг, гледање фудбал, излегување со другари/другарки и останати активности кои се однесуваат на тоа дека секој од нас сепак не е сијамски близнак со партнерот, туку на тоа дека е сосем во ред да се има љубовник/љубовница.

Пред повеќе од една година гледав еден прекрасен филм со наслов “5 to 7” (топло ви го препорачувам), кој малку ми ги помести границите на моите крути гледања. Накратко, млад надежен писател се вљубува во жена која е (секако) мажена и чиј маж си има љубовница. Ќе речете дека е клише. Ама не! Не застанува тука приказната, туку текот е уште поинтересен. Во сите тие измешани односи, секој знае за секого. И не само што знае, туку сето тоа е толку нормално. На пример, во една сцена сопругот на главната актерка дури и му се заблагодарува на писателот што ја усреќува жена му. Куршлусот настанува кога овие двајцава ќе се вљубат и сакаат да се тргнат за да градат некаков однос. Со тоа го нарушуваат воспоставениот систем на “си бркаме работа”.

Филмот ме измести од повеќе аспекти. Прво, се ставив на местото на жената која беше со двајца мажи истовремено.

Да се разбереме. Според она што го знам, гледам и слушам, жена може да сака само еден маж.

Точка.

Седењето во брак и имањето афера настрана, не е дека таа не може да се одлучи, туку дека има нешто друго што ја врзува дома. Гледајќи околу, тврдам дека жена кога ќе засака друг маж многу полесно решава да го остава оној со кој е во брак, доколку тоа не значи дека ќе и’ ги одземат децата или дека таа лично не чувствува дека мажот кој го сака нема да ја остави на цедило.

Од друга страна, мажот ретко кога го напушта огништето заради друга жена. Впрочем, не му се остава веќе проверената улога на докажан заштитник на семејството кое толку многу го сака, што не е способен одредени органи да си ги држи в пантолони (закопчани). Знам дека ја приметивте мојата иронија. Имаше еден статус по социјалниве мрежи кој гласеше вака “лесно е да освоиш жена која не те познава, оди и освои ја онаа која знае каков мочко си”.

Бркањето работа како начин на живот едноставно се впи во порите на општеството. Нашите покојни баби и дедовци сигурно се превртуваат во гробовите од денешново бркање работа. И еве, се обидувам да сфатам. Не сум човек кој може да изневерува. Едноставно, не сум така скроена. Ќе ме познаат за 3 минути откако ќе направам глупост, имам триста обврски во текот на денот и сериозно немам фолдер во главата каде да ги чувам лагите. И ете, си седам мадро, па се обидувам да се ставам во друга улога. Да имам сопруг со кој ќе разговараме за темава, па да се сложиме взаемно дека е тоа сосем нормално и уште амин да му дадам за да си тера. Ма немој! Ама баш така....ма немој! Јас ќе му ги перам гаќите, ќе го слушам како ждрига, прди и се жали за работата, ќе готвам и ќе му терам ќефовите, за тој спастрен од дома да си брка работа!

И сега некои ќе речат...епа затоа си сама! И во право ќе бидат. Но, тоа се компромиси што човек или може или не може да ги прави со себе. Па уште да се врати дома и да мириса на друга жена....хах. Ако веќе ми е сеедно дали го прави сево ова, тогаш ќе си заминам без оглед што немам никого. А ако веќе умот ми се мати по некој друг, повторно чесно ќе си заминам.

Познавам еден навидум совршен пар. Први секаде за правење чест. Слави, родендени, свадби, терање адети. До толку уиграни што исто и се облекуваат и си молчат по дома. Ниту тој среќен, ниту таа. До толку не се поднесуваат, а се навлечени на тие игри со наметнување на вина еден кај друг (демек кој прв почна што сме катастрофа) што тој кога доби писмо за активностите на жена му не мрдна со мал прст, ниту пак таа се потресува за него, иако знае дека со години тој има љубовница...ама луѓето си бркаат работа. Едноставно така и никако поинаку. Таа болна игра оди дотаму што бркањето работа станува нешто што, од една страна е “потребно” за да се освежи бракот, а од друга страна се сокрива за да не пукне тиквата пред сите.

Она што не ми е јасно, е следново. Ако бркањето работа е толку шик, бенигна и потребна активност, зошто тогаш да се прикрива?! Нели секој од нас кога е убеден дека нешто прави исправно и дека не греши, на сиот глас ќе го брани својот став, па дури и ќе се расправа ако се обидат да го разубедат. Така и со ова. Ако сте толку убедени дека е ок, што не си ги седнете родителите, пријателите и децата и да им кажете дека вие со вашиот партнер или партнерка си ја бркате секој својата работа, ама дека сите попатни и формални работи ќе бидат тип-топ.

Кого лажете?!

И што е најважно...зошто?

Се вадите на досада без да го испотите задникот за да го освежите односот. Седите пред телевизор и гледате вести, наместо да се запишете на танго заедно или да изгледате еротски филм.

Се облекувате ко да сте еднојајчани близнаци без да водите сметка дека мажот не може да е мажјак, ако жената не е женка.

Се мразите и сте зацапани до гуша во таа омраза до толку што почнувате да уживате во неа (последно што чув беше муабет меѓу двајца кои не се разведувале дека не знаеле како да го поделат имотот! Односно дека нечиј дел ќе бил поголем при делбата).

Не си бркајте работа...живејте! живејте со еден човек, кој ќе го одберете од вистинските причини. Не постои материјално добро кое ќе ви го купи мирот. Не постои лага која не е откриена и не постои среќа, ако не се испотите за да ја заслужите и одржите. И не прифаќајте да сте помалку од се’ во нечиј живот...се разбира, со сета слобода во која треба да уживате. А слободата не е лага, ниту фраерлук. Таа е во вас, во она што сте вие, во вашата личност.

До следниот понеделнички муабет,

За Женски Магазин, Ана Бунтеска


Во овој живот

На две столици не научив да седам

Ниту на две љубовта да ја делам

Та еден дел тебе да ти дадам

А друг на некој по кој пилето не ми пее

Ниту знам како себе на две да се пресечам

И која полојна кому ќе ја стокмам

Ниту со две лајци знам да јадам

А и од две чаши вино не пијам

Ете не знам

Не знам како еден чоек на два дела се дели

И не научив срцето и глата да ги одвојам

Та срцето за еден да ми чука

А глата да одбери кој душава нема да ја скини

Кај мене сето едно е

Ко со златна жица врзани

И тегни ја

Сечи ја

Џабе кога не бива

И џенем да фатам ако знам оти баш тебе те љубам

Ко глата знај оти за срцево болест си ми

А тоа инаетливо и пак кај тебе се врти

Ко да не му е доста

Ко самото бељата да си ја бара

Не научив

Во овој живот не научив мудра да бидам

И срце да замрзнам

За да ми трае

За да го имам и на старост

Туку давај без усул

Ко да не ќе осамне повторно ден

Ко да не ќе ми треба и за година или две

Та парчосувај го

И кини од него

Раздавај ко задушница да е

Ко на гробје за сите собрани да има

Не знам

Ете пусто тоа само не знам

Како на две столици да седам

И како со една рака твојата да ја држам

А со другата за некој што ќе ме чува да се фатам

Оти рацеве знаат само еден човек да гушкаат

И лице да милуваат

Оти и молитви ко кажуваш

Двете споени ги држиш

И не знам

Не знам како душата неискасапена да ја чувам

Кога од две зла

Секогаш ќе те одберам тебе