Си отиде Мајсторот: Почина театарската легенда Мите Грозданов

На 74 годишна возраст, вчера почина доајенот на Драмскиот театар, големиот Мите Грозданов.

Тој беше актер на Драмски театар-Скопје од 1967-ма до пензионирањето во 2008-ма година. Беше нарекуван мајстор на монодрамата.

„Си отиде еден од оние неколку луѓе заради кого занемено се вљубивме во театарот кога беше поумно да се вљубуваш во други работи! Си отиде човекот од кого научивме дека со театарот и сите оние други вљубувања имаат сила и страст за да траат засекогаш! Си отиде човекот чии реплики сме ги знаеле наизуст само од гледање! Си отиде човекот кој за нас беше човек кога за публиката беше Бог! Си отиде Мајсторот! Бог да го прости ..чич` Мите,, - напиша во својот последен поздрав режисерот Јани Бојаџи.

Роден е во Струмица на 14-ти декември 1943-та година. Во својата 40-годишна професионална актерска кариера одиграл бројни улоги во претстави, меѓу кои во „Партитура за еден Мирон“, „Лисистрата“, „Болен Дојчин“, „Војцек“, „Болва во уво“, „Јане Задрогаз“, „И бол и бес“ , „Цар Едип“, „Солунски патрдии“, „Рибарски караници“, „Црнила“, „Сомнително лице“…

Добитник е и на голем број награди, како „Млад борец“, Златен ловоров венец на МЕСС, Сребрена колајна на Фестивал на монодрама во Земун, Актер на годината на „Екран“, награди за главна машка улога на МТФ „Војдан Чернодрински“ во Прилеп на кој во 2010-та ја доби и наградата за животно дело.