„Си реков – „Ане соземи се, имаш деца за гледање, изгледот не е битен сега“ “: По 5 години и 8 месеци од дијагнозата канцер, Анета Б. Грданоска раскажува за голготата низ која поминала

Добивај вести на Viber

Животот е подарок кој треба да го живееме со „полни гради“, да се стремиме да го вдишуваме секој миг кој ни носи радост. Да живееме значи дека постоиме, дека треба да твориме, да се радуваме, но и да се бориме до последен здив, за нас, за нашите најмили … Животот некогаш е полн со искушенија, препреки кои треба да се надминат, пат кој е непредвидлив. Оние најхрабрите најчесто велат дека е „борба“ во која мора да се истрае во име на убавите мигови кои секој еден од нас треба да ги искуси. Да си „борец“ е тешко, особено во битката со една од најтешките болести на денешницата – канцерот. Токму една од овие „големци“ е Анета Балоска Грданоска од Струга, сопруга и мајка на две деца, дипломиран економист и вработена во финансиско друштво. Ужива во подготвување на здрава храна и пишан збор. Страшната дијагноза ја добила токму кога го прославувала денот на нејзиното раѓање, а приказната за Женски магазин ја започна споделувајќи го моментот како се чувствувала кога го добила резултатот од биопсијата, а блиските и пееле „среќен роденден“.

„Сите добиваат подарок за роденден. Исто и јас, на мојот 30-ти роденден добив „специјален"подарок. 15.02.2019 резултати од биопсија: канцер. На денот на роденденот не кажав никому. Го прославивме со моите најблиски. Моите две девојчиња ми пееја happy birthday. А, јас цел ден бев надвор од овој свет. Најблиску што сум се соочила со рак беше кога ја гледав серијата Desperate Housewives. Ама сега беше стварност“, ја започна приказната Анета, па се осврна на почетокот кога прв пат забележала грутче под левата рака.

„Да почнам од почеток. Неколку месеци пред да ги добијам резултатите, почувствував блага болка на левата рака, ја кренав и почувствував грутче. Не кренав паника зашто ја доев помалата ќерка Ива, па мислев дека е нешто минливо. Но, сепак, отидов на лекар. Докторот што ми правеше ехо, одби да ми направи мамографија, иако имав упат од матичен, со образложение дека на пациенти со 29 години и доилка, не прават мамографија. Ми рече дека е млечна жлезда, нешто инфекција или слично. Од тој преглед поминаа повеќе од три месеци. Јас си живеев нормално“, вели Анета.

Се било нормално до тој февруари 2019 година, кога, како што вели, Бог ја натерал да скршне од патоот и да појде кај матичниот лекар по втор упат.

„Господ Бог ме натера јас пак да земам упат за мамографија, но за кај друг доктор. Сосем случајно, одејќи од преглед кај стоматолог накај дома, свртев накај матичниот лекар. Ниту планирав, ниту имав намера пак да одам на ехо на дојка. Од тој момент знаев дека Бог е со мене. На вториот преглед, докторот беше сигурен дека се работи за канцер. И биопсијата го покажа истото.

Најтешко ми беше кога им ја кажав дијагнозата на моите најмили, на моето семејство. Двете ќерки беа мали, шест и две години имаа во тој момент. Цело време ја имав мислата: Дали ќе дочекам Стефи да ја испратам прваче? Слава на Бога, дочекав. Помалата ќерка Ива имаше само 2 ипол години. Прва одлука беше каде да се оперирам. Целото мое семејтво ми помогна, фининсински, емотивно, ме поддржуваа низ целиот процес. Ако не беа тие, овој пат ќе беше милион пати потежок. Отидов во црква и по молитвите на Св. Нектариј го почнав моето патешествие.

Операција: целосна масектомија, извадени лимфни јазли.

Резултати од операцијата: инвазивен дуктален карцином, 3 стадиум. Тоа е.

Прв чекор во лекувањето е Прифаќањето. Тешко ми беше да се гледам после операцијата, но си реков: Ане соземи се, имаш деца за гледање. Изгледот не е битен сега. Ова не можев да го сменам, болеста дојде, ќе се бориме. Си реков Господ е со мене.

Наредно беше прием на Онкологија: Не знаев што чека. Мојот онколог веднаш рече: 8 хемотерапии, 25 зрачења. Од филмовите знаев дека косата паѓа, има гадење, губење апетит и истото ми го потврди онкологот. Ја примив првата хемо. Леле претешко ми беше. Децата ги оставив дома, со сопругот и неговите родители. Тие се грижеа за нив додека јас бев кај моите родители. Не сакав да ме гледаат додека повраќав. Два пати мајка ми викна брза помош. Едноставно само лежев со огромни болки. Болки во коските, температура, гадење, херпеси во хранопроводник.

Многу тешко ги поднесував. Ја изгубив косата, ослабев многу. Најтешко ми беше за моите деца, ама за нив се борев. Секоја хемотерапија ми беше кошмар. Чекање на онкологија, па целата изнемоштена се враќав. Ми беше тешко, премногу, ама за сите кои ме сакаа околу мене мораше да сум силна. Имав совети од мои блиски кои поминале низ истото, ме подготвуваа за секоја наредна хемотерапија.

Најтешко ми беше кога децата ме видоа без коса, ама фала на Бога, прифатија дека нивната мајка мора така да изгледа за да останам и понатаму со нив. Кога поминаа хемотерапиите сфатив колку сум била силна, со верба во Бога и со помош од семејството, можно е сè. Хемотерапиите ми го намалија квалитетот на животот. Многу работи не можев да ги правам. Чекорите ми беа тешки и се заморував лесно бидејќи сите хемотерапии оставија трага врз секој дел од моето тело.

Нареден чекор во лекувањето беа 25 зрачења. Радикален третман, навидум без нус појави, ама премногу радикален.

Додека лежев на онкологија, по иницијатива на моите најблиски, запишав обука за сметководител. Додека се лекував, сфатив дека канцерот не мора да е death sentence. Па така продолжив со она што го сакам најмногу, да учам.

После зрачењата, онкологот ми даде хормонска терапија, што сè уште ја примам. Хормонската терапија исто така ми го намали квалитетот на животот. Нервоза, топлотни бранови и ослабнување на коските, добив остеопороза.

Нови прегледи, нови терапии за коските. Не е лесно. Но пак ќе кажам, за моите најблиски и за моите деца ќе се борам. Во овие неколку години поминав низ „милион“ лекарски прегледи, неколку томографии, неколку скенови на коски“, вели Анета.

Денес се чувствува добро, а болеста е под контрола.

„Немам метастази во овој момент. Не сакам ни да помислам каде ќе бев доколку го послушав првиот доктор и му поверував дека не е ништо сериозно. Август 2024, 5 години и 8 месеци од дијагнозата. Можеби не е храната причина за појава на рак, меѓутоа јас ја сменив исхраната. Се трудам секојдневно да внесувам цедени сокови од овошје и зеленчук како што беше случајот низ целото мое лекување. Имам среќа да имам пристап до природна храна, па сум посигурна што внесувам. Мојот инстаграм профил simplyane.healthy го направив со цел повеќе да сум мотивирана, да јадам здрава храна и да бидам мотивација за некој друг што се бори со оваа болест. Исхраната заедно со цврстиот дух и волјата можат да направат чуда. Иако знам дека ме чекаат чести контроли и секоја од нив ќе ми доаѓа со доза страв, знам дека контролите се оние кои можат да го спасат животот. Убавите резултати на крајот на денот се една од тие ситни мали работи кои заслужуваат прослава. А се надевам и се молам за сите кои минуваат низ ова да имаат причина за славење. Јас никогаш не се запрашав: Зошто јас? Си реков: а зошто не јас? Господ знае на кого му ги дава најтешките битки.Огромната верба во Бога и помошта на најмилите, беа од клучно значење за јас да се борам, да не се откажам“, ја заврши својата приказна Анета.


Елеонора А.