Силвана е првата жена во Србија која посвои дете со Даунов синдром: И мене ме оставија родителите, им простив поради Уна

Добивај вести на Viber

Силвана Веселиновиќ е првата жена во Србија која посвои дете со Даунов синдром

Здружението „Здружение на мајки на Србија“ и српскиот портал „Нај жена“ одбираат „Нај мама“ - жени кои се вистински борци и мајки со големо „М“ кои со нивниот пример на сите ни покажаа што значи безусловна љубов.

Силвана Веселиновиќ (52) од Јагодина е жена која не била поштедена од животот, но и покрај сета болка успеала да го извлече најдоброто од себе и да стане личност полна со емпатија кон другите луѓе.Таа е првата жена во Србија која посвоила дете со Даунов синдром. Иако тогаш имала две свои деца, желбата да посвои уште едно дете настанала кога нејзиниот син се приклучил на „Странската легија“. Во Центарот за заштита на доенчиња, деца и младинци „Звечанска“ првпат ја видела Уна, девојче со Даунов синдром.
Уна тогаш имаше три години. Не знаеше да зборува, да седи сама, да јаде... Силвана по само четири дена ја зема и стана нејзина згрижувачка мајка и го започна процесот на посвојување кој траеше четири години.

- Првата средба со Уна беше необична, специфична... Таа седеше во аголот од собата, свртена кон ѕидот. Се јави наставничката и таа се тетеравеше бидејќи не знаеше да оди. Беше некако среќна, ме прегрна, а тие емоции што ги видов во тој момент, иако не знаеше да ми ги покаже, знаев дека е тоа - изјави Силвана за „Нај жена“.

Сопругот и децата веднаш ѝ дале поддршка.

Благодарение на Силвана и нејзината желба да ѝ помогне и нејзиното огромно трпение, Уна почнала да оди, по три години научила да јаде самостојно, а по пет научила сама да оди во тоалет. Денеска Уна има 14 години, оди на училиште, сама оди во продавница, се дружи со други деца и има убав, исполнет живот, благодарение на Силвана која ѝ подари дом, семејство и љубов.

- Секогаш имало предрасуди и лоши коментари кои ги слушаме секојдневно. „Што ќе ти е такво дете, колку пари земаш за такво дете, дали го чуваш само до 18 години?“ и многу други глупави прашања.

Исто така, Силвана забележува дека во Србија луѓето често ги сожалуваат мајките кои имаат деца со некаква попреченост, велејќи „ох, кутрата таа“.

- Не сум кутра, јас сум храбра жена. И повторно да се родам, се би направела исто. Ништо не ни значи тој еден дополнителен хромозом – гордо и со многу љубов нагласува Силвана.


И животот на Силвана бил тежок. Како петмесечно бебе била посвоена од брачна двојка од Јагодина, а до својата 15 година немала поим дека нејзините родители не се биолошки. Тоа сознание го доживеала многу трагично, престанала да зборува и се повлекла во себе.

И покрај тоа, успеала да се снајде и да продолжи со нормален живот, а кога се омажила и останала бремена со своето прво дете, почувствувала потреба да стапи во контакт со својата биолошка мајка.

- Мојата средба со мојата биолошка мајка беше тажна. Тогаш првпат отидов во Белград и таа ме чекаше на железничката станица. Носеше фотографија од мене со неа, долго плачевме, цел живот ми недостигаше, а благодарение на Уна ѝ простив - изјави Силвана за „Нај жена“.