Симона е душа која ме зема за рака и ми покажа дека љубовта не знае за бариери: Гере Трипков, активист за правата на лицата со попреченост за Женски магазин

Гере и Симона Трипкови, неодамна прославија пет години брак. Уште една потврда, колку љубовта е силна, моќна, ги разбива стереотипите, дава поддршка, те издига во височините.

-Со сопругата се запознавме на Скопје постер фестивалот, таа беше во тимот со кој предводев како менаџер на овој меѓународен фестивал за дизајн. Брат ми, како нејзин ментор и како одговорен за фестивалот беше нашата сврзна алка. Да не беше тој, немаше да постои фестивалот, да не беше фестивалот немаше во тие околности да се запознаеме со Симона. Понатаму е се прекрасна историја...

Во брак стапивме две години по запознавањето, но ја побарав за сопатничка на годишнината од нашето запознавање. Свадбениот танц го изигравме на песната „All Of Me“ од Џон Леџенд - вели Трипков.

Има вродена мана на р'бетен столб и како што вели било пишано да остане неподвижен во долните ектремитети веќе 10 години, независно што извршил операција.

-Несреќата е мојата среќа. Во секој момент од животот и за се треба да гледаме како можност да учиме и бидеме подобри. Симона е душа која ме зема за рака и ми покажа дека љубовта не знае за бариери. Неописливо прекрасна, грижлива, емпатична, со големо чувство за човечност, професионално врвен графички дизајнер и илустратор. Поддршката е обострана, во тоа и се состои придобивката на прекрасниот живот кој ни е даруван да го живееме и искусуваме. Да имаш некој кој може да те поддржи и љуби, за нас како општествени битија, е од суштествено значење – појаснува тој.

Гере Трипков е активист за правата на лицата со попреченост, креативец, Lifestyle Coach и магистер по меѓународни односи на Варшавскиот универзитет, каде запишува и докторски студии.

Неговото здружение „Equality“ Скопје, работи на етаблирање и соодветен третман на лица со попречености и е вклучено во иницијативи кои имаат за цел инклузија на луѓето кои припаѓаат на маргинализираните групи во општеството.

Работи како Lifestyle Coach, по програма на Меѓународната федерација за Coaching – Академија за Coaching SET (Полска). Искуството во дипломатијата, работата во државни институции од највисок ранг, паралелно работејќи и во невладиниот сектор – креативни индустрии во последните 10 години, како и неговото лично искуство како лице со попреченост се соединува во карактерни особини на посветен човек во мисија за создавање трајни позитивни промени во општеството.

(С.А.Н)