Сите деца се исти

Добивај вести на Viber

Жителите на Тимјаник, но и на голем дел во цела Македонија треба да се едуцираат. Треба да добијат прилика, секој поединечно да биде во контакт со дечињата кои сакаат да ги одвојат и да ги однесат на пуст остров, само затоа што се различни од нивните.

Во одделението на син ми има две дечиња. Нема да го појаснувам нивниот проблем. Децата ги прифатија совршено. Тие се дел од секој настан, од секоја претстава. Можеби не е едноставно секој ден. Но, сите треба да даваме шанса. Прво затоа што децата заслужуваат шанси, можности и љубов. Потоа затоа што родителите на тие деца го приспособуваат животот на потребите на детето.

Нема различни деца. Тие се само деца. Имаат еднаква потреба. Љубов.

Наместо да дебатираме дали треба или не да бидат овде или онде, треба сите едногласно да дадеме поддршка и да бараме начин како да им го олесниме секојдневието. А тоа не е ни малку лесно.

Наместо ограниченост, покажете човечност. Еве ова нека биде примерот од кој Македонија ќе се смени. Пробајте. Побарајте на еден час да смените некој родител на дете со попреченост. Да, само така чекориме во цивилизираност.

Наместо да се дебатираме кој грешел, зошто е така, сите треба да се обединиме. Време е за иницијативи со кои ќе помогнеме овие лица, заедно со нивните семејства да добијат прилика за нормален живот. 

Не знам дали сте се запрашале или сте имале прилика да видите како изгледа денот на една мајка или татко на дете со посебни потреби. Тие немаат време за ништо, освен постојано да бидат достапни. Токму и затоа итно ни требаат системски решенија како да им го олесниме животот, кој и онака им е тежок. А тие не се жалат. Го живеат секој миг, како борци кои храбро се соочуваат со секој предизвик. Немаат време да паднат. Немаат време да плачат. Понекогаш, немаат време ни да јадат. А кога ќе ги запознаете, имате впечаток дека од нив грее сонце.

За тоа сонце, време е Македонија да се едуцира. За тоа сонце време е Македонија да се адаптира. На тие лица им требаат решенија кои ќе им го олеснат животот.

На крај, секоја промена почнува од децата. Преку наш личен пример. Време е да ги научиме нашите деца дека сите деца се исти. Време е да ги научиме нашите деца дека секое дете сака да игра и да се гушка. Секоја агресија може да се смири со многу љубов и трпение. Затоа да се смениме ние, да ги насочиме нашите деца, да бидеме луѓе.

Побарајте семејство кое има детенце со попреченост. Направете им го денот различен. Прашајте ги што им треба. Направете нешто убаво за нив. Родителите ќе ви бидат благодарни. А преку нив ќе ве огрее и љубовта на нивните деца.

За Женски Магазин, Вики Чадиковска