СИТЕ МЛАДИ КОИ ПОЧИНАА ОД КОВИД СЕ НЕВАКЦИНИРАНИ: Апелот е насочен за граѓаните над 18 години да се вакцинираат
Министерот за здравство, Венко Филипче денеска на прес-конференција посочи дека состојбата со корона вирусот во Македонија спласнува, но ситуацијата е се уште сериозна заради што апелираше да се вакцинираат што повеќе млади луѓе. Вели дека најголем индикатор за тоа каква епидемиолошка состојба имаме се амбулантските прегледи.
-На Клиниката за инфктивни болести, сега има околу 120 прегледи дневно, намален е и притисокот во болниците. Во Тетово во моментов болнички се лекуваат 90 пациенти, за разлика од претходниот период кога имаше и 120 хоспитализирани. Најголем број од хоспитализираните пациенти кои се вакцинирани имаат примено само една доза. Освен тоа, сите млади кои ни починаа во изминатиов месец поради компликации од ковид-19 се невакцинирани, посочи министерот Филипче.
Истовремено, Филипче нагласи дека вакцините на Фајзер се препорачани и за децата од 12 до 18 години, но сега главно апелот е насочен за граѓаните над 18 години.