Сите твои стравови

Добивај вести на Viber

Од што се плашиш?

Немање муда е кога решаваш да превземеш нешто за себе и во мал мозок ти се уклучува едно копче, чекај, а моите? Чекај, а пријателите, а дечко ми, а девојка ми, а комшиите, а фамилијата што пола не си свесен дека постои и троши кислород? А со другата половина процедурално терате ручек, колку да шкртнеме на ѕид.

И на крајот каде сме? Во измислено стаклено лажно ѕвоно заштитени само од личните стравови и недостиг на успех. Се' што е поинакво не чини, се' што е локално не чини, се' што е посмело не чини. Се' што бара промена на веќе комплетно разјадена фиктивна база, се' што бара смелост и одлука, се' што бара да бидеш подобар за себе, не чини. Така не' учат нели? Не' учат да се покориме на моментот, наместо да го проголтаме.

Епа ај сега да ви ја кажам мојата верзија за страв.

Во целиов процес на себезапознавање и созревање, со сите комплетно радикални утки и промашаи во мојот живот, и со сите последици на сите мои анксиозни испади, пијанства, недоволна самодоверба, комплетно непочитување на себе и сопствените потреби, постојано Да наместо Не, постојано можам наместо не сакам, се доведов до момент каде што не се пријавив прва, туку почекав да ме изберат. Единственото нешто што го добив од таа моја одлука да не застанам прва, да чекам, беше одземено време кое го немам. А резултатот на комисијата беше одушевување од презентацијата. Затоа што и покрај сите проклетија што ги поминав во животов, и покрај сите соочувања со реалноста и свесноста која ја носам во себе, јас се уште се плашам да одам до крај. На 90 посто сум, а пола наше општество е едвај на 30. Зошто и мене така ме учеле, како беше она уште од баба ми, не оди во длабокото ќе те изедат ајкулите. Не се менувај, кујзнае што ќе биде. На последното интервју добив прашање, зошто имаш потреба постојано да се менуваш. Па и едно обично тревче расте бе луѓе. Ако има вода и сонце, ќе прерасне во ливада, ако е суша ќе се срози. Се' што расте се менува, се' што има храброст да се пробие, добива, светлина, воздух, сонце, енергија, кариера, пари, љубов… Опциите се лични, зависи за што станувате од кревет, но за да го добиете она за кое сонувате, во грч седите секоја вечер, ви ја копа утробата и не можете без него, не смеете да се плашите. Без разлика дали е тоа нова работна позиција, напредување на веќе постоечка кариера или нова љубов која е подготвена од корен да ве измести и целиот свет да ви го преврти наопачки, нема простор за страв. Со постојан однос, со постојан непроменлив страв, нема да има промена. Ќе останете таму каде што сте. Заглавени на работна позиција за која едвај се дигате од кревет, заглавени во врска од сто години без никаква емоција, само потреба.

Јас како дете се плашев од пајаци и бубашваби. Имам дигнато цела зграда во воздух заради еден проклет пајак, со плачење до температура. Пред осум години, во состојба на бес и гнев го убив првиот пајак, да не речам тарантула. Сега научив да ги соберам со чаша и да ги пуштам надвор, не се пајаците криви за моите фрустрации, јас сум. Пред 15 години ми беше страв да погледнам дечко, сега јас им пуштам пијачка. Пред три години имав трема кога одев на состаноци, сега ги носам во кафана после состанок. Пред една недела почекав да ме викнат на ред, сега веќе знам дека нема да чекам. Секој следен чекор кој ќе значи повторно промена на моето секојдневие, ќе го превземам прва. Нема да чекам повеќе, ниту пак ќе оставам на случајност и судбина. Да, постои нешто што се вика наместени коцки, прав тајминг и лажица во мед, ама на крајот на денот од вас зависи дали ќе бидете пион во раце на судбината или ќе превземете комплетна контрола над сопствениот живот. Вие одлучувате покрај кого ќе се будите секое утро и денот ќе ви започнува со диво водење на љубов, наместо свртен поглед, вие одлучувате кој е следниот потег што може да ве направи милионер, ризикот е во ваши раце за се понатаму, за секој следен миг во вашиот живот. И за да има напредок, мора да има промена, мора да има ново, секој ден, секој миг. Без страв, без колебање, со сите последици на донесена одлука. Од десет пати загуба, еден ќе биде џекпот, секогаш успева. Ама само на храбрите.

Јас сум Ивана Кнез, другар ми Ано вика живеј, јас ви велам со полна плуќа, без вртење на назад и со здружени сили на мисла и емоција. За да стигнеш до океанот треба да си поток, а не мочуриште. Не си ја умирисувај душата на застоено.

Се читаме следната недела.