Скопјанката Нина Стојановиќ ги посети Малдиви: Пливав опкружена со ајкули

Добивај вести на Viber

Океан со тиркизна вода, бел и ситен песок, богат подводен свет, гостопримливи домаќини, необична и вкусна храна. Малдиви е бисер на Индискиот океан, вели Нина Стојановиќ од Скопје, која островот го посети со својот сопруг.

ЖМ: Какво беше чувство кога првпат слетавте на островчето Мафуши?

- На Малдиви бев со мојот сопруг Андреј за нашиот меден месец. Нашата тура траеше 10 дена, а периодот беше крај на април, почеток на мај. Кога пристигнавме, нѐ мавна некој топол тропски бран и ни стана многу жешко, бидејќи е многу спарно, но со тек на време се навикнавме. Бевме воодушевени од тиркизниот океан и ни беше многу несекојдневно и чудно бидејќи првпат ни беше да отидеме некаде толку далеку, а и на островска земја. 

Малдиви е земја која сочинува околу 1200 острови. Ние бевме сместени во локалното островче Мафуши. На тој остров се наоѓа и најголемиот затвор на Малдиви, којшто има околу 500 затвореници. Освен во главниот град Мале, кадешто е асфалтирано со улици, на другите острови нема асфалт и сите улици се со песок, и дури е убаво и бос да се движиш. Кога влегувавме во продавница, имаше правило чевлите да ги оставиме пред врата и да влеземе боси, за да не оставаме песок, што навистина ни се допадна и се навикнавме на тој начин. Малдиви е бисер на Индискиот Океан!

ЖМ: Какви се плажите, водата, песокот? Што посебно те воодушеви?

- Плажите се навистина преубави, како на Инстаграм и Интернет што се прикажани. Малдиви излегува на Индиски Океан. Интересен факт е тоа што песокта никогаш не е жешка како на другите плажи. Комотно човек може да гази бос на песок и да му биде многу удобно на нозете. Ни кажаа дека тој бел песок бил формиран од коралите и не се загрева и затоа е удобен за одење, дури и во најтоплиот ден. 

Ме воодушеви подводниот свет кога нуркав, имаше различни видови риби, различни корали, а дури сретнав нуркајќи и водна желка, исто како кога сум гледала документарци на телевизија. Беше толку чисто што можеше сѐ да се види под вода. Имаше плима и осека, тоа баш го приметивме на плажата на нашиот остров, еден период водата ја гледаш и до колена ти е, друг период од денот водата ти е до вратот. 

Лежалка скоро никаде не се наплаќа, освен на островот Гули ,15 евра за 2 лежалки и чадор, за разлика од Европските земји што скоро секаде се наплаќа. Можеш со еден пијалок да си бидеш цел ден. 

Посетивме неколку плажи, на неколку острови, а на островот Тинадо плажите ми оставија најголем впечаток, како и самиот остров. Сѐ беше изработено од бамбус, како на пример хотелите, кафулето, лежалките, па дури и тушот. Друго што треба да се знае е дека на плажите што не излегуваат на ресорт кои ги нарекуваат Бикини beach, односно на јавните плажи, мора жените да се бањаат со маица и шорцеви, бидејќи земјата е муслиманска и има некои правила, но на такви плажи само двапати нуркавме, а и не беше лошо да си облечен, бидејќи таму побрзо можеш да изгориш на сонце. Забележавме дека многу туристи си носат и специјална облека за нуркање.

ЖМ: Каков е односот на мештаните кон туристите?

- Луѓето се многу фини и гостопримливи. На почетокот дури ни посочија дека местото е многу безбедно , можеби и заради строгите закони што ги имаат, и воопшто не треба да се грижиме за нашите лични работи, што и навистина испадна така. Воопшто не се нападни да те тераат со сила да им купиш нешто, доколку нешто те интересира и сакаш да го купиш, ќе ти објаснат најдетално што можат. Околу 99% од луѓето се таму писмени и школувани, а околу 90% знаат англиски јазик, а од мое искуство и многу добро го зборуваат. Дури еден ден прошетав низ Мафуши сама и воопшто немав никаков проблем.

ЖМ: Нивната кујна е поспецифична, дали ти беа вкусни тамошните специјалитети? 

-Мене лично нивната кујна многу ми се допадна. Воглавно јадењата им се мешавина од кинеската, арапската и индиската кујна, којашто мене ми е омилена и немам никаков проблем да јадам, иако е прилично зачинета, но на некои луѓе им пречи таква храна и имаа после и проблеми со стомакот. Имаат и интересни и вкусни салати, кадешто ананас и јаболко мешаат во зелена салата, но тоа толку добро се вклопуваше што воопшто немав проблем да го јадам заедно. Особен впечаток ми оставија индиските лепчиња, свежата туна, маракујата, салатите, нудлсот со морски плодовии и пудингот од кокос. Во локалните кафулиња може да се проба било кој сок од тропските овошја. Мене најмногу ми се допадна сокот од папаја, а најмалку од dragonfruit. Во рестораните храната не беше многу скапа, од прилика со цените беа како кај нас. Друг интересен факт е што не смее да се точи алкохол никаде, освен во некои ресорти, но не било каде, и на еден брод што е малку подалеку од бродот на Мафуши, па дури луѓе и се чудеа како сме се журкале со смути и цедени сокови. Единствено кадешто пробавме алкохол беше на островот Ранали во еден локален ресорт каде што имаше all inclusive до 17 часот. Турата на тој остров е цел ден, кадешто има аеробик во вода, зумба и пиење на различни сокови, коктели, пива и слично.

ЖМ: Имавте ли повеќе активности, која од нив најмногу ви го крена адреналинот?

- Имавме различни активности, но најнесекојдневно и адреналински беше пливањето со ајкули. Нуркавме покрај потонатиот брод „Vaavu Shipwreck“, кој пред околу 100 години потонал и пренесувал карго пратки до Индија. Отидовме на песочен насип, кадешто палевме логорски оган и го гледавме најубавото зајдисонце над Индискиот Океан. Чувството беше како да си баш на некој пуст остров, со неколку луѓе и беше несекојдневно доживување. Исто така, и кајакаревме блиску брегот на островот кадешто бевме сместени.

Најзабавна тура беше нуркањето со ајкули. Кога пристигнавме со бродот на местото наречено „Shark point“, прво ме фати малку страв гледајќи ги нив како пливаат, но потоа се надминав себе си и отидов да пливам со нив, кадешто нѐ снимаа прво со дрон, а потоа нуркавме со нив и немавме никаков проблем. 

Блиски пријатели мислеа дека ајкулите се фотошоп, а сликите се со филтер, а немаше никаква врска, а и тажно е место како Малдиви да го фотошопираш со филтри. Ајкулите се од видот „Nurse sharks“, коишто не напаѓаат, доколку не почнеш прв да ги задеваш. Пливањето со нив траеше околу 40 минути.

С.А.Н