SKOPJE DESIGN WEEK ПО ОСМИ ПАТ ВО НОЕМВРИ
Осум годишно искуство кое го донесе македонскиот дизајн на едно поинакво ниво, основањето на меѓународната платформа за дизајнери – Balkan Design Network, собирањето на едно место на сите култни дизајнери од Mакедонија и Европа е со предзнакот - Skopje Design Week или честопати насловуван како Скопската недела на дизајн.
Овогодинешното издание е од 21. до 25. ноември, во Јавна Соба и Лукс, а земја во фокус е Германија. Германија годинава ветува одлична содржина преку изложба на 12 врвни дизајн студија, отворени презентации на дизајнерите, посета на производни компании и соработка со производни компании од Македонија кои сакаат да настапат на германскиот пазар. Оваа година, на големо задоволство, во организацискиот дел активна улога зема и Делeгацијата на германското стопанство со канцеларија во Скопје но поддршка даде и Германската Амбасада во Скопје. – изјави Александар Велиновски – директор на Skopje Design Week.
Главната компонента во програмскиот дел на Skopje Design Week ќе биде фокусирана кон она што значи да се биде дел од светскиот пазар, претставувајќи се на најголемот саем за мебел во светот ИММ Келн. Мебел производителите се клучниот потенцијал на работилницата под ментроство на Хелмут Меркел и Уве Дитерсен наречена “Како до подобра презентација на ИММ Келн”.
Младите дизајнери ќе можат да се “испробаат” и да “купат” знаење преку работилница за дизајн на производ за млади дизајнери под менторство на Инеке Ханс, продукт дизајнер и професор на академијата за дизајн од Берлин.
Во ЕКСПО секцијата, младите дизајнери од Македонија и регионот традиционално изложуваат сопствени производи и се во потрага по производители со кои ќе реалзираат соработка за нивните иновативни решенија да влезат во сериско производство.
Составен дел на викенд програмата се детските работилници кои се работени со посебно внимание со цел преку нивната креативност и чистина да се дојде до совршени решенија за производ или услуга и да се разбуди кретивноста од најрана возраст.
Храната е неизбежниот концепт кој секоја година добива ново ниво на вкусови, нови идеи и начини на презентација. Марк Де Јонг, во рамките на гастрономскиот корнер ќе води тридневно гастрономско шоу, каде ќе гостуваат познати личности од културно урбаната сцена. Секој нивен заеднички перформанс ќе резултира со дегустација на подготвените јадења.
Целодневниот настан, пет дена по ред ќе биде затворан со искуство кое ќе се памети за сите оние кои во подоцнежните часови сакаат да погледнант добри изложби, да разменат искуства со дизајнери, да направат вмрежување со изложувачите, но и да се забавуваат. Музичката програма како финиш на секоја вечер, ќе понуди премиерни настапи на голем број на бендови и DJ-и од регионот.
Работното време на Skopje Design Week е секој ден од 21. до 25. Ноември од 09:00 до 01:00, а влезот е бесплатен за сите посетители.