Познатата оперска певица Павлина Апостолова- Богданова повеќе не е меѓу нас
На 90 годишна возраст почина првенката на Македонската опера Павлина Апостолова- Богданова.
Оваа тажна вест ја соопштило семејството на Апостолова- Богданова.
Апостолова е родена на 16 мај 1927 година во Тетово. Пеење учела кај вокалните педагози: Н. Кунели, З. Шир и П. Богданов–Кочко, а се усовршувала во Италија и во Виена. Во 1950 година дебитирала на оперската сцена на МНТ со улогата на Мими во операта Боеми. Постојан член на Операта и на МНТ (1950–1983).
Реализирала 40 улоги од класичниот, современиот и домашниот оперски репертоар. Меѓу нив се издвојуваат: Констанца (Грабнување од сарајот), Розина (Севилскиот бербер), Виолета Валери (Травијата), Мими (Боеми), Абигаила (Набуко), Норма, Чо-Чо-Сан (Мадам Бетерфлај). Настапувала и на концертниот подиум, посебно негувајќи го македонското музичко творештво. Како лирско-колоратурен сопран, во толкувањето на улогите, успешно го соединува вокалниот момент со разиграноста и сценскиот шарм.
Автор е на монографијата Мојот пат во оперската уметност. Гостувала во сите поголеми оперски центри на поранешна Југославија.
(Фото: МОБ)