Славимир Футро: „Девет“ е роман чија порака е да ги прифатиме сопствените грешки и маани
„Главната порака на оваа книга е да се прифатат сопствените грешки и
маани со цел да се прифатат и туѓите. Ретко некој намерно и тенденциозно
сака да ве упропасти. Но, генерално сите ние имаме впечаток дека некој
нè влече за нога. Сакав со мојот пример да покажам дека мора редовно
самите себеси да се погледнеме во огледало и таа слика да ја нагодиме“,
истакна реномираниот белградски дизајнер Славимир Стојановиќ – Футро на
вчерашната онлајн промоција на неговата прва книга „Девет ‒ роман во
илустрирани приказни“. Делото веќе е објавено во Англија и има пет
изданија во Србија од кој првиот тираж бил распродаден за само една
недела. „Девет ‒ роман во илустрирани приказни“ сега е преведен и на
македонски јазик во издание на „Арс Либрис“, дел од „Арс Ламина ‒
публикации“ и може да се најде во сите книжарници „Литература.мк“ или да
се нарача онлајн на www.literatura.mk.
Oнлајн промоцијата која се одвиваше на фејсбук-страницата
„Литература.мк“ ја водеше уредничката Татјана Димовска – Атанасова.
Приказната е инспирирана од животот на писателот и е фокусирана на Саво
Николиќ, белградски дизајнер, кој е еден вид на алтер-его на Футро.
Главниот лик паѓа на глава на 9 години и поради тежок потрес на мозокот
го губи помнењето. Триесет години подоцна како резултат на сплет на
околности и драматични случувања, помнењето почнува да му се враќа сè
додека не се врати во времето кога имал 9 години.
‒ Тежок беше процесот на создавање на овој роман и повеќе беше резултат
на некоја психотерапевтска работилница отколку книжевно дело. Не го ни
доживувам така. Повеќе го направив затоа што сфатив дека може да им
помогне на други луѓе да освестат некои слични проблеми и да им помогне
или, пак, да ги инспирира да издржат во своите соништа и надежи –
објаснува Футро и додава дека со пишувањето на романот се ослободил од
голем притисок.
Делото е составено од 47 приказни и секоја од нив е илустрирана од
различен дизајнер, уметник или фотограф од Балканот. За авторот токму
тоа е и најголемата вредност на книгата кое сам го нарекува „мала победа
на заедништвото“. Ова е прв роман на Футро кој е белградски дизајнер,
визуелен уметник, креатор на лајфстајл брендот „Футро“ и автор на
серијалот детски сликовници „Авантурите на Синги Лумба“.
‒ Мојот канал за пишување за деца се отвори кога добив дете. Кога
раскажував приказни за добра ноќ сфатив дека од тоа може да се направи
серија, книга. Моето дете посака за роденден сликовница, но првин не
сакав затоа што со години се немав занимавано со илустрација и
карикатура. Сепак, таа беше упорна и шест месеци се потсетував на тоа
како се црта. Но, работата на таа прва книга „Синги Лумба и дрво
чаробних оловака“ ме натера да поверувам во мојот авторски талент. Јас
немав никаква доверба во него затоа што 30 години работев исклучиво за
своите клиенти – вели Футро и посочува дека авторската работа е место
каде може безболно да „сецне“ парче од сопствената душа и да се пласира
за публиката.
Неговите проекти во доменот на дизајнот имаат добиено повеќе од 300
меѓународни награди меѓу кои и награда за животно дело од Здружението за
пазарна комуникација на Србија. Тој воедно има работено постери за
„Скопскиот џез фестивал“ како и омоти на албуми за култни групи и
музичари како „ЕКВ“, „Партибрејкерс“ и Рамбо Амадеус. Во моментов
најмногу ужива во предавање на факултет и безрезервно пренесување на
своето знаење на помладите генерации. А, најголемата лекција што може да
им ја даде е да работат со страст, преданост и комплетна искреност.
Футро во моментов работи и на својот втор роман со работен наслов
„Палома“ кој исто како и „Девет“ е инспириран од неговиот личен живот.
Вели дека делото овој пат е со поведар дух и тон, а фокусот е на повеќе
генерации од едно семејство кое го носи презимето Палома.
Целиот разговор може да се погледне на следниот линк https://bit.ly/3hg4or6