Сликовницата „Шила“ од Калиопи Трпчева и Јана Мишо „шие“ волшебен свет што им помага на децата кои се поразлични од другите

Добивај вести на Viber

Во весела атмосфера, со многубројни деца и нивните родители, во саботата (7 мај) на штандот на „Арс Ламина“ и „Литература.мк“, во рамките на Саемот на книгата, беше промовирана новата несекојдневна сликовница „Шила“ од авторката Јана Мишо и илустраторката Калиопи Трпчева. Книгата, која е во издание на „Либи“, дел од „Арс Ламина – публикации“, ја промовираше уредничката Оливера Ќорвезироска, а пред присутните (покрај авторскиот тандем) се обрати и дизајнерката Ангела Чучкова од „Арс Ламина“, која зборуваше за финалното графичко обликување на делото.
Ќорвезироска истакна дека „Шила“ е топла сликовница за патот до среќата на едно срамежливо девојче, „сошиена“ од лирската приказна на Јана Мишо и колоритните илустрации на Калиопи Трпчева. Играта со ткаенините, со машината за шиење, со копчињата и со конците е впечатлив, личен начин за изразување, но и за справување со емоциите кај децата, различни и поинакви во однос на другите околу нив. Волшебниот свет на Шила преку шиењето на сите попатни емоции низ растењето, нè води до зрелост и целосна исполнетост. Правејќи кукли, Шила го крои и го шие светот по мерка на среќата кон која сите се стремиме. Кругот на животот се свртува со безименото девојче на кое веќе возрасната Шила му помага побрзо и полесно да стане тоа што сака.
„Шила“ е книжевно-ликовен свет, напишан, нацртан и сошиен како поддршка за истрајноста, стрпливоста и самодовербата кај децата. Истовремено го реактуализира чудесниот подзаборавен свет на рачната работа. 


Идејата за сликовницата се родила од цртеж. Илустраторката Калиопи Трпчева прво го нацртала ликот на Шила, а подоцна била напишана и приказната.
– По објавувањето на моето прво авторско дело „Радосница“ (издание на „Арс Ламина“, 2019), што беше инспирирано и посветено на мојот син Марко, втората книга – „Шила“ ѝ ја посветувам на ќеркичката Неда. Ликот на Шила се роди пред да се создаде приказната. Ја нацртав за 20-тина минути со еден молив во блокче... Јас сум дипломиран сликар и илустратор, а една од моите омилени техники на кои работам е колажот. Многу често скицирам ликови, на каква било хартија што ми се наоѓа во моментот. Инспирацијата за сите мои дела произлегува од моите чувства, тага, радост, среќа... што ги прикажувам преку ликови во силен колорит и колаж. Така, еден ден со едно моливче на блокче го нацртав и ликот на Шила. Тогаш дојдов на идеја дека сакам да ги спојам сите медиуми на коишто творам: сликарството, илустрацијата, колажот и најбитното –моите чувства. На почетокот знаев само две работи за приказната: дека ќе постои Шила и дека таа ќе шие кукли според своите чувства – вели Трпчева. 


Одлучила својата замисла за Шила да им ја претстави на уредниците во издавачката куќа „Арс Ламина“, со кои е долгогодишна соработничка. Идејата за Шила им се допаднала, но недостигало приказна... Така, во „кроењето“ на Шила се приклучила и писателката Јана Мишо.
– Неколку скици со Шила и две реченици ѝ беа пратени на Јана Мишо, како идеја за нова книга, без приказна. Таа по инспирација на ликот ја напиша оваа прекрасна приказна за животот, училишните денови, другарството и љубовта на ова девојче, кое шие кукли инспирирани од нејзините чувства. Шила е секој од нас. Животот на Шила го живееме сите, само треба да не ги занемаруваме чувствата и да уживаме во секое од нив, без разлика дали е тоа тага, среќа, надеж... Затоа што во секое добро има и лошо и обратно. Воедно, ова е и пораката на книгата – рече Трпчева. 


Авторката на текстот Јана Мишо вели дека сликите на Калиопи веднаш ја поттикнале да ја напише приказната. За неа, работата на „Шила“ било предизвик и уживање, бидејќи пишувањето за деца е голема одговорност, но и задоволство.
– Беше уживање да се работи на текстот, а воодушевена сум од крајниот резултат. Се гордеам! Калиопи Трпчева е креатор на целата идеја за „Шила“, мене само ми припадна честа да ја напишам приказната. Шила ја имаше замислено како посебна и талентирана, но и повлечена карактеристика што често знае да дојде во комбинација со генијалност. На почетокот, имав неколку илустрации за инспирација и природно, без планирање, приказната ми отиде во тој правец – Шила да има дислексија. Паметно, талентирано и воспитано дете, но ете потиштено и срамежливо, зашто не знае да чита како нејзините врсници. Децата се комплицирани мали луѓе, секојдневно се соочуваат со нешта што им се нови, а кога се повлечени, не споделуваат секогаш што ги мачи. Во нашава приказна акцент е ставен на тешкотиите при читањето, но тоа е само пример. Можноста да ја раскажам приказната за дете кое само се научило да се справува со своите проблеми и нејаснотии, преку шиење кукли, што ѝ ги означуваат емоциите, за да ги разбере подобро, беше фантастична. Преку куклите, Шила учи како да реагира на светот, учи емпатија и наоѓа утеха. Таа шие за другарките, што потоа води до бескрајни игри и прекрасни моменти. Особено ми беше важно дека понатаму во животот станува остварена и исполнета девојка, која својата мудрост може да ја пренесе на други деца, кои допрва треба да пораснат, и избира нејзините кукли да ги сподели со светот. Со Калиопи се разбравме веднаш и многу сум среќна што ја остваривме прекрасната идеја што ја имаше – вели Мишо.
Промоцијата беше проследена со работилница за најмладите посетители, во која децата го цртаа, боеја и дополнуваа со лепенки светот на Шила. 


Еден час претходно се одржа промоцијата на првата популарна книга за космологија, астрономија и космогонија напишана на македонски јазик, „Мултиверзум за почетници“ од Златко Василкоски. Кон книгата, покрај промоторот и уредник на книгата – Филип Видиновски, се осврнаа и проф. д-р Мимоза Ристова (Институт за физика), која укажа на научниот аспект значењето на авторот и делото и д-р Илина Јакимовска – која зборуваше за книжевниот аспект на ова дело, до агол на пошироката читателска публика.

Во оваа книга од „прва рака“ добиваме одговор за многу интересни прашања: Како математиката нужно води кон противречности? Каде универзумот е „згрутчен“, а каде „мазен“? Што имаат заедничко „Епот за Гилгамеш“ и „Сердарот“ на Григор Прличев? Како го знаеме она што го знаеме за вселената? Како Галилеј се сетил на релативноста векови пред Ајнштајн? Што е вакуумот, според квантната теорија на поле? Каква е врската помеѓу бурекот и Зеноновите парадокси? Зошто фундаменталните природни закони се онакви какви што се? На кој начин берзите потекнуваат од кафеаните? Кои се најновите достигнувања во областа на истражувањето на вселената?
Оваа книга, покрај тоа што е напишана на разбирлив јазик и неоптоварена со несовршеностите на преводот, е и исклучително актуелна, опфаќајќи и научни сознанија до кои е дојдено во 2021 година.
Мартин Карплус, добитник на Нобеловата награда за хемија во 2013 година, за книгата на Златко ќе каже: „Ме воодушеви големата сеопфатност на книгата. Почнувајќи со потеклото на нашиот универзум, проследено со создавање на животот на Земјата, човековата цивилизација, па сè до денешната наука и идејата за мултиверзумот. Уште поважно е што овие идеи се многу јасно изложени, што ги прави достапни за читателите кои имаат само минимално разбирање на денешната физика“.
Авторот Златко Василкоски е горд велешанец кој на своите студенти во Харвард и на колегите ширум светот со љубов им раскажува за својата Македонија и за својот Велес. Повеќе од 30 години живее и работи во Бостон, САД, каде што ја води групата за вештачка интелигенција во компанијата „ЕБСКО индустрис“ (EBSCO Industries, Inc.), а на Универзитетот во Бостон предава анализа на податоци со вештачка интелигенција. Деновиве е на краток престој на Македонија. 


Василкоски е предавач на најпрестижните универзитети во светот, како Харвард и МИТ, и човек кој е на „ти“ со врвните светски авторитети од областа на природните науки. За фасцинантните вселенски теми авторот е во непосреден контакт со изворите на знаењата со кои може да се пофали современото човештво.
– Во САД последниве 30 години постои голем интерес за ваква популарна наука. Книгата ја создадов со цел на македонските читатели да им дадам прегледен научен одговор на најголемите неодговорени мистерии во науката денес. Притоа, тоа да биде на јазик разбирлив за пошироката публика. Јас сум теоретски физичар, а мојот интерес за космологијата, особено за постоењето на други универзуми освен нашиот, се разви од предавањата на професорот Александар Виленкин, кој беше првиот космолог кој во деведесеттите години на научна основа во науката ја воведе идејата за постоење на други универзуми покрај нашиот. Сите ние сме заинтересирани за клучните прашања не само во физиката туку и во целата наука. Фактите што можеме да ги прочитаме на достапната литература и на интернет сами по себе не значат ништо доколку не се формира правилен начин на размислување и нивно толкување – рече Василкоски.
Негово мислење е дека постои мултиверзум, но во поразлична форма од таа за која се претпоставува.
– Останува уште многу време за да се види какви многу нови работи ќе се појавуваат и ќе се случат во овој наш универзум. Нашата иднина се протега пред нас многу подалеку отколку минатото зад нас - вели тој. 


Во текот на истиот ден на штандот на „Арс Ламина“ и „Литература.мк“ се одржа и работилница за деца инспирирана од популарниот серијал за Исидора Мун, од Хариет Мункастер. Учесниците ги боеја цртежите со ликовите од книгите и изработуваа самовилски или вампирски крилја, дополнувајќи ги со многу светки и ѕвездички.
Посетителите на штандот во текот на денот можеа, во рамките на настанот „На кафе со авторите на Арс Ламина“, да остварат средба и да добијат потпис од Зоран Спасов-Ѕоф („Торонто експрес“), Магде Ангова („Гатанки за сѐ и сешто и за уште нешто“), Алма Растодер („Музеј на детството“), Сашо Кузмановски („Афера во музејот на пари“), Петар Стојановски („Храмот на натписите“), Марија Ралповска („Сенки во подземјето“) и Мери Арсова („Опасна игра“).

„Арс Ламина“ и „Литература.мк“ на годинашното 34. издание на Саемот на книгата се претставуваат под слоганот „По книгата денот се познава“.


ПР објава