„Слушајте го гласот на сопственото тело, животот нема реприза, но може да биде совршен со сите негови несовршености“: Интервју со Вања Мицевска, новинар во радио
Млада и амбициозна, но и голем борец. На само 26 години ја водеше најтешката битка во животот. Успеа да го победи најголемиот непријател на денешницата, и да продолжи храбро да чекори во животот.
Полна со самодоверба по битката со ракот, новинарката Вања Мицевска, секој нов ден го пречекува со насмевка и позитивна мисла. Научи дека животот понекогаш знае да погали, но и да удри толку силна шлаканица, од која треба да знаеш како да застанеш на цврсти нозе.
Денес во секој нов ден гледа нов предизвик. Го сака новинарството и ужива во работата како радио новинар во Радио Канал 77 и ММС, но ја сака и природата, прошетките на нови места, луѓето кои со својата аура шират само позитивни атоми.
Денот го започнува со голтка кафе или дома или во канцеларија, но секогаш со поткасти кои испраќаат позитивни вибрации.
- Во зависност од она што ми го носи денот, првото кафе го пијам или дома или на моето работно место. Додека го пијам дома се подготвувам за да го зграпчам денот слушајќи поткаст. Задолжително темите кои сакам да ги слушам се поврзани со менталното здравје, зашто сметам дека поткастот е одлична форма на изразување која третира теми што не се доволно застапени во традиционалните медиуми.
Доколку немам време, тогаш во првото кафе уживам додека го правам распоредот на обврските кои ми претстојат на работното место, но и тогаш најчесто тоа го правам сама бидејќи ми се допаѓаат утрата во кои нема многу метеж и врева.
Кафето како прва опција со колегите. Втора какаото, во друштво на нејзината најверна пријателка – мама Снеже и кое како што велат експертите е поздраво за организмот.
- Кафето ми дава енергија, но секако дека сè што е претерано не е добро, па така сметам дека две кафиња дневно се сосема доволни. За разлика од утринското, пладневното го пијам со колегите и така ги полниме батериите за да продолжиме продуктивно во времето кое ни преостанува до заминувањето дома.
Освен кафе, обожувам и какао кое со мајка ми го пиеме речиси секој ден во доцните попладневни часови. Тоа е наша рутина која ја воспоставивме од лани во време што го резервираме за нас во нашиот дом додека разговараме на секакви теми.
Изборот на Вања по нејзин вкус е она кафе без шеќер.
Во животот е многу важна средината во која се поминува секојдневието. Изборот на луѓето и темите кои се одбираат за разговор, знаат да бидат токсични. Но животот ја научил Вања, како да го вклучи „филтерот за прочистување“ кој и носи дополнителна и позитивна енергија.
- Убава енергија ми даваат убавите луѓе. Многу е едноставно и тука не мислам на нешто кое е поврзано со надворешната убавина, туку на луѓе без високо его кои се приземјени и кои не гледаат да отежнат, односно не се вбројуваат во групата на таканаречените „енергетски вампири“. Одбирам колку што можам да се тргнам од каква било токсична средина. Иако живееме во динамично време кое континуирано носи стрес, според мене е исклучително важно секој да знае да балансира меѓу личните граници и емпатијата кон другите за да има лезет, а не живот со фрустрации.
„Луѓето кои прават нешто за некого, без да бараат ништо за возврат“, токму такви луѓе се главна мотивација за Вања во животот.
- Ме мотивираат искрените реакции на луѓето на кои на некаков начин сум им помогнала и гледам дека дури и наједноставната постапка не ја земаат здраво за готово туку знаат да бидат благодарни за тоа, па и обратно – луѓе кои кон мене направиле некаков гест од срце без да бараат нешто за возврат.
Но најмногу ме мотивираат моите внуци и нивниот бескраен елан за игра. Интересно е како кога сте со деца мора да бидете на некое детско ниво за да имате заеднички активности кои би биле соодветни за нив, но сепак и да покажете доволно зрелост за да научат нешто ново и да знаат дека имаат на кого да се потпрат.
Новинарството како професија секогаш новинарот го нурнува во нешто ново, па така дневните планови и обврски на Вања се поврзани со работата. А слободното време го планира според расположението.
- Најголем дел од моите дневни обврски се поврзани со работата, а сè останато зависи од расположение. По природа сум амбиверт, па може да има периоди кога сакам да се дружам, да истражувам нови места и да шетам, но и такви кога ми треба време за себе. Добро е луѓето да знаат дека самотијата и осаменоста се различни поими па сосема е во ред некогаш да останат сами со себе за да направат пресек и да видат каде има простор да се подобрат.
Вечерните часови ги посветува на добра книга, а столче во театарските сали секогаш има резервирано за да изгледа претстава.
- Не сум од луѓето кои знаат да се заразат со серии, па филмови гледам ретко. Попрво би одбрала некоја лесна книга која ќе ме релаксира. Настрана од читањето и гледањето филмови, обожувам да одам на театар и со нетрпение ја чекам новата театарска сезона.
Во животот се води со една мисла, а тоа е „слушајте го гласот на сопственото тело“.
- Овде мислам на фактот дека и кога имаме проблеми со менталното здравје, тие може физички да се одразат. Во суштина, телото секогаш ќе ни даде знак кога нешто не е во ред и во наша полза е да соработуваме со него на некој начин. Да се грижиме за нашата ментална хигиена и емоционална интелигенција. Животот нема реприза, но може да биде совршен со сите негови несовршености.
Габриела
Додевска Глигоровска