„Со филмот сакам да го свртам вниманието кон младата генерација која е опседната со социјалните мрежи“: Режисерката на Сестри, Дина Дума за Женски магазин
„Никогаш нема да го заборавам последниот снимачки саат на последниот снимачки ден, последниот кадар снимен за филмот, кога со редуцирана екипа се најдовме на сред езеро во Кањонот Матка на метален чамец и наеднаш почна да врне и да грми, а моторот од чамецот откажа“, вели режисерката Дина Дума, за дел од интересните случки за време на снимањето на филмот Сестри.
Со филмот сака да го сврти вниманието кон младата генерација која е опседната со социјалните мрежи, а истиот за неа е „портрет на една млада генерација која се бори со булингот на социјалните медиуми и slut- shaming“.
Оваа година филмскиот фестивал Браќа Манаки, се отвори токму со филмот „Сестри" кој на престижниот филмски фестивал во Карлови Вари, освои специјална награда од тамошното жири.
Филмот, зад кој стои „Лист продукција“ се прикажа во натпреварувачката програма Источно од Западот, каде влегуваат први или втори долгометражни филмови на авторите и документарци од Централна и Источна Европа, Балканот, земјите од поранешниот Советски Сојуз, Средниот исток и Северна Африка.
Во филмот на режисерката Дина Дума и кинематограферот Наум Доксевски настапуваат Антонија Белазелкоска, Миа Жиро, Ханис Багашов, Мај-Линда Косумовиќ и Верица Недеска. Филмот „Сестри" е копродукција меѓу Македонија, Црна Гора и Косово.
*Што за Вас значи отварањето на фестивалот Браќа Манаки со Вашиот филм?
Д.Д.-Драго ми е што филмот го споделив со македонската публика и секако што филмот се наптреварува за наградата „Златна камера 300“. На фестивалот доаѓам од студент, и чест ми е што мојот дебитантски филм го отвори фестивалот.
Живееме во време кога еден клик може да уништи нечиј живот.
*Која порака сакавте да ја пренесете со филмот?
Д.Д.-Сакам да го свртам вниманието кон младата генерација која е опседната со социјалните мрежи. За мене овој филм е портрет на една млада генерација која се бори со булингот на социјалните медиуми и slut- shaming.
*Дејството се случува во Македонија, но всушност генерално насекаде низ светот. Како дојдовте на идеја за снимање на филмот?
Д.Д.- Мислам дека „Сестри“ има универзална тема, ова се проблеми со кои се соочуваат младите денес. Инспирацијата за филмот ја добив од мое лично искуство. Кога бев на иста возраст како протагонистките во филмот, во моето училиште имаше секс скандал. Една девојка и еден дечко беа снимени како имаат однос, видеото набргу стана вирално и целата ситуација излезе од контрола. Девојката беше таа која беше slut-shamed и доживеа друштвено исклучување, ги изгуби другарките и на крај мораше да се пресели во друга земја, а дечкото стана херој во училиштето.
*Cineuropa го опишаа филмот како ремек дело со емотивна приказна, соработка меѓу Вас и кинематограферот Доксевски. Каква беше соработката со него и воопшто со целата екипа?
Д.Д.- Со Наум работиме од студентските денови, а „Сестри“ за двајцата беше дебитантски филм. Имавме долги припреми каде го дефиниравме визуелниот јазик, а снимањето беше егзекуција. За мене беше најважно да имам слобода во поставувањето на мизансценот без да бидам ограничена од осветлувањето. Соработката со целата екипа беше извондредна, имав огромна поддршка од сите кои беа дел од тимот.
*Имавте интересни сцени снимани под вода . Еден од нуркачите од Битола истакна дека тоа беше неверојатно искуство. Каков предизвик беше тоа за Вас?
Д.Д.- За мене и за целата екипа и продкцијата ова претставуваше голем предизвик, пред се затоа што никој претходно немаше искуство со ваков тип на снимање. Во нашата земја не постои опрема соодветна за подводно снимање, па моравме да изнајмуваме опрема од Хрватска и да дојде подводен снимател од Словенија кој имаше нуркачки вештини. Со нас имаше и цел тим на нуркачи кои ни дадоа огромна подршшка.
*На фестивалот Карлови Вари добивте специјална награда од жирито. Што Ви значи наградата?
Д.Д.- Со самото тоа што бевме избрани да бидеме дел од натпреварувачката програма значеше многу за филмот, но секако наградата е уште поголемо признание. Се надевам дека ќе отвори врати и што побројна публика ќе го види филмот.
*Веруваме дека многу моменти ќе останат запаметени за време на снимањето. Има ли некоја анегдота која посебно ќе Ви остане во сеќавање?
Д.Д.- Анегдоти има многу, но момент кој никогаш нема да го заборавам е последниот снимачки саат на последниот снимачки ден, последниот кадар снимен за филмот, кога со редуцирана екипа се најдовме на сред езеро во Кањонот Матка на метален чамец и наеднаш почна да врне и да грми, а моторот од чамецот откажа.
*Каде продолжува промовирањето на Сестри?
Д.Д.- Следуваат фестивали, постојано добиваме покани, но не смееме сѐ уште да ги откриваме.
Неда Маретиќ