Со моите совети ослабнаа Ана Бекута и Антонија Гиговска: Нутриционистката Клaудија Адеми за Женски магазин
Има 50 години, но изгледа десет помалку. Преку нејзиниот личен пример, нутриционистката Клаудија Адеми, објанува како да се храни човекот, за да го одржи организмот во здрава состојба. Истовремено работи и како фитнес тренер.
Вели дека никогаш не била дебела, а кога имала 20 години се натпреварувала на изборот за Мис на Југославија. Ако го следите нејзиниот пример, денот треба да го почнете со овес со црвено овошје, цитрон, киви и јаткасти плодови.
-Ручекот е протеин со витамини, риба, морски плодови, салата, разни зеленчуци. После ручек повторно имам ужина. Јадам желатин, урми, банана. За вечера консумирам храна што не е тешка за желудникот. Во моето мени се јаде на секои три часа. Како кај бебињата. Избегнувам шеќер и брашно. Тие се убијци на организмот – вели Клаудија.
Адеми потекнува од Македонија. Долго време со родителите живеела во Германија. Се омажила и се преселила во Шпанија, но поради природата на работата патува низ целиот свет.
-Мојата професија е да ги учам луѓето здраво да се хранат, да имат енергија, да бидат убави и секси. Да го јадат тоа што навистина им треба, а не да го оптоваруваат телото со непотребни нешта и да се разболат. Завршив мастер за нутриционист и фитнес тренер. Во 2015 година станав личен тренер на повеќе луѓе во ист момент, бидејки имам брзина во работата. Работам со луѓе од целиот свет и според начинот на живот точно знам кои болести може да ги добијат ако се хранат неправилно, без разлика на возраста- дополнува Клаудија и потенцира дека најважно ѝ е покрај дисциплината на исхрана, да постои и доверба меѓу неа и клиентите.
- Ги следам 24 часа онлајн. Со новиот начин на живот и исхрана на многу луѓе сум им го спасила животот. Заеднички сме излечиле многу болести и често знаат да кажат дека сум им ангел чувар. Со нив сум се додека не сум сигурна дека им се сменил чипот во глава, дека понатаму можат сами. Секако ние продолжуваме да се дружиме, но како пријатели – открива таа.
Нејзините совети и режим на исхрана ги примениле и познати личности од Балканот. Нашата пејачка Антонија Гиговска тежината ја намали за 20 килограми. Видливи се и резултатите на Ирена Вељовска.Работела и со српските пејачки Ана Бекута, Инди и Аница Миленковиќ, која со години имала 115 килограми, а сега има 60.
-Има многу кои не се дел од естрада, туку од бизнисот а кои не сакаат да зборуваат за тоа. Најголемо задоволство ми е кога некој ќе се излечи, ќе ослабе и ќе продолжи да живее среќно со функционална штитна жлезда, без депресиија, дијабетис, без холестерол и многу други здравствени проблеми – завршува таа. .
СОЊА АЛЕКСОСКА – НЕДЕЛКОВСКА