Со нов имиџ во Европа: Откриваме детали за настапот на Андреа Коевска на евровизиската сцена
На гостувањето во Црна
Гора и Романија, нашата евровизска претставничка Андреа Коевска го „скрши
мразот“ и ја победи тремата. Сега е сконцентрирана само на пробите и настапот
во Торино, каде ќе се претстави со темата Circles.
-Бев гостинка во Црна Гора, а мојата евровизска песна ја промовирав во емисијата на Владана Вучиниќ, годинешна претставничка на Евровизија. Се запознав и со претходните евровизиски претставници, кои споделија свои искуства. Неодамна ја посетив и Романија, каде за прв пат ја испеав песната во живо. Го скршив мразот, тремата ја победив и сега ми останува само да вежбам и да излезам на 12 мај како најдобрата верзија од себе. Следни за посета се Лондон, Тел Авив и Мадрид. Овие локации се дел од промо-турнејата која на учесниците на изборот ни овозможува да се запознаеме, дружиме и најважно од сѐ да настапуваме на голема сцена – открива Андреа.
Видливи се промените во нејзиниот имиџ во видеото за евровизиската тема и во новата фотосесија. Коевска посочува дека за комплетниот стајлин за време на одржувањето на изборот и за настапот на сцена ќе се погрижи Цаци Паковска, а за кореографијата Билјана Пашариковска.
Цаци Паковска открива дека на почетокот на нивната соработка двете биле согласни дека треба да се направи промена во имиџот, во смисла да биде препознатлива.
-Првата соработка ни беше на видеоспотот, потоа на официјалната фотосесија. Во тој правец и стил ќе биде и стајлингот за настапот на Евровизија – вели Паковска.
Како долгогодишен професионалец на балетската сцена, Билјана Пашариковска: силно верува дека секој кој во себе носи одредена дарба, има и силна одговорност, секогаш да чувствува глад кон усовршување на истата, да си поставува сѐ повисоки и повисоки цели кои ќе се стреми да ги достигне.
- Многу ме радува што во Андреа го гледам тој сјај, таа желба да даде максимум од себе. Кога зборуваме за неа, нејзината специфична изведба и експресија е она што фасцинира. Таа нема искуство во танцот и затоа не станува збор за одредена кореографија, со која само би била непотребно оптеретена. Но, затоа работиме на нејзини афтентични движења, кои јас ги „ловам“ за време на пробите, за да настапот биде силен, впечатлив, а сепак Андреа да биде своја и да се чувствува природно. Од ден на ден таа „расте“ како изведувач, на мое особено задоволство. Работи напорно, а моето лично убедување е дека трудот секогаш дава исклучителни резултати – открива Пашариковска.
С.А.Н