Со помал буџет и со здрави намирници може да се подготви вкусна храна: Предлог новогодишен десерт од готвачот Александар Пуцко

Добивај вести на Viber

Ако влезете на Инстаграм профилот на готвачот Александар Пуцко (Александар Пановски) ќе ви привлече внимание една цела новогодипна бајка сместена во тортите и во колачите кои ги прави инспириран од празнините мотиви. Вели дека за вакво нешто му се потребни денови, понекогаш и недели, но не му е тешко кога ќе ја создаде совршената слика, и за око, и за уживање со вкус.

Пановски работи како наставник во угостителска струка за лица со нетипичен развој, при ДСУ "Св. Наум Охридски" - Скопје, и вели дека овие деца се негова голема љубов, и од нив многу учи. Дома, негова љубов се сопругата Елена и ќерката Лана. Својата приказна, Пуцко ја раскажува за Женски магазин.

* Од кога започна вашата љубов кон готвењето, кога за првпат зготвивте вистински оброк?

- Најпрво благодарам на вниманието, да можам во неколку реда да го раскажам мојот животен пат. Иако по природа сум голем гурман уште од дете, желбата за готвење се роди од моментот кога отидов на студии во Охрид, на факултетот за туризам и угостителство. Беше предизвик за првпат во мојот живот целосно да се грижам за самиот себе и да подготвувам храна за свои потреби. Готвев секој ден, како и секој друг студент, кој живее изолиран живот, далеку од "кујната на мама". Колку повеќе готвев, толку повеќе растеше мојата фантазија и имагинација во креирање на нешто ново, поразлично. Сведоци за тоа се моите "заморчиња", цимери, кои имаа обврска да го дегустираат секој нов експеримент и секако, сите дневни минувачи, колеги и колешки, за кои мојата кујна беше "јавна кујна".

* Дали сте повеќе фокусирани кон десертите или кон солените јадења, можете ли да кажете дека сте специјалист за едното или за другото?

- Јас сум недефиниран патник, кој ужива во комплексноста што ја нуди кујната и кој се приклучува кон сето она што е инспиративно, ново и трендовско. Сакам да експериментирам со вкусови, бои и форми, ретко кога се задржувам кон класичното и секогаш сум во потрага по перфекција...

* Работите ли на одредено место или до вашите јадења се доаѓа по нарачка?

- Кога станува збор за моите професионални обврски, би рекол дека ги работам двете работи кои навистина ги сакам. Едната како наставник во угостителска струка за лица со нетипичен развој, при ДСУ "Св. Наум Охридски" - Скопје, а другата како приватен шеф (по разни поводи). Работата со лицата со попреченост е мојата животна мисија, на која со сета љубов максимално и се посветувам. Од друга страна, работата на специјални настани ја доживувам како лично пренесување на мојата гастрономска страст и емоција, каде постојано сум во потрага по перфектен спој на храната со уметноста.

* Во последно време, вашиот Инстаграм профил е полн со слики од новогодишни торти и колачи кои потсетуваат на старите бајки. Kако почна таа приказна, по нарачка или е ваша лична инспирација?

- Мојот Инстаграм профил е отсјај на стилот кој го негувам, а таму се претежно слики, отсликани од мојот мобилен телефон, со различни мотиви. Понекогаш храната, од мојата постојана ангажираност на приватни настани, по разни поводи (кетеринг услуги, детски родендени, забави за млади, бранч залчиња, модерни вечери и сл.), ја споделувам со моите пријатели на социјалните мрежи. Во зависност од периодот, а честопати по барање на моите клиенти со кои соработувам или од мои инспиративни причини, знам да го освежам асортиманот на производи со одредени новини. Сите тие новитети бараат инспирација и време, па честопати на шега знам да речам дека мојата кујна дома ми е безвременска лабораторија за креирање храна. Од тука се започна...

* Колку време ви треба да подготвите една ваква торта која е една мала уметност?

- Со оглед на тоа што секогаш самостојно ги одбирам и подготвувам сите елементи од композицијата, независно дали е тоа салата, предјадење, главно јадење, тесто, десерт или во овој контекст новогодишна куќичка, односно лампион, крајниот производ е мое уникатно дело, за чија подготвка ми се потребни повеќе денови, а понекогаш и недели.

* Може ли за малку пари и со здрави намирници да се подготви вкусен десерт, кој е вашиот предлог?

- Не секогаш поскапиот производ е повкусен производ, но најчесто, она што е малку поскапо за џебот, е посодржајно за нашите непца. Секако дека и со помал буџет во комбинација со здрави намирници може да се подготви вкусна храна. Главен фактор за квалитетен финален производ се квалитетни негови влезни инпути, кои треба да се селективно одбрани, а нивната вредност понекогаш знае драстично да се разликува, односно да отскокнува. Друг фактор кој е исто многу значаен е самиот уметник и неговиот избор на "ноти".

* Работите како професор во средно училиште за лица со попреченост "Св. Наум Охридски" во Скопје во угостителската струка, како е да се работи со децата од ова училиште, за што точно ги подготвувате?

- Во училиштето работам 17 години и немам причина да ја менувам мојата професија. Децата се мојата енергија, а лицата со попреченост се љубопитни и невини "големи дечиња", кои безрезервно сакаат и бараат да бидат сакани, со сето свое огромно срце и чиста душа. Уживам во секој ден поминат со нив, особено во деновите исполнети со разновидни училишни активности и работилници, каде тие се во главниот фокус и целото внимание e насочено кон презентација на нивните стекнати навики и вештини од практичната работа, пред присутни гости, колеги и другарчиња. Кај повеќето од нив во зависност од степенот на попреченост, се стекнуваат одлични вештини за помошници во кујна, а кај останатите ученици, сета енергија е насочена кон нивно целосно осамостојување и задоволување на основните животни потреби. Најважно е што кај сите ученици секогаш постои огромна желба да се достигне максимумот, според можностите. Има една реченица која постојано ја повторувам, кога говорам за учениците со попреченост и истата гласи "Не се само моите ученици тие кои учат од мене, туку и јас учам од нив, а тоа е да го сакам животот на начинот на кој што тие го тоа прават, секогаш со позитивен дух и мисла.

* Ваш предлог рецепт за новогодишните и за божиќните празници?

- Рецептите секогаш ги користам како извор или појдовна точка во креација на нешто ново. Никогаш не се придржувам целосно до нив, бидејќи сум човек кој сака да експериментира и додава свои ноти. Модерната кујна со примена на елементи од молекуларната гастрономија ми е секогаш во фокусот кон кој тежнеам, а воедно го користам и како секојдневна терапија. За крај би споделил еден лесен несекојдневни десерт кој се подготвува во три гази, на кој ретко кој останува рамнодушен .

Paris Brest

- За тесто:

- 120гр млеко

- 120гр вода

- 10гр шеќер

- 120гр путер

- 140гр брашно

- 210гр јајца

- 3гр сол

Подготовка:

Од состојките формираме парено тесто, смесата ја ставаме во шприц и фрижидер малку да одмори, а потоа на хартија за печење цртаме голем круг, кој го печеме на температура од 180°С, околу 40минути во зависност од големината на кругот и јачината на фурната. –

Пралин паста од карамелизирани лешници

Потребно е :

 - 150 грама лешници

- 100 грама шеќер

- 30 мл вода

Подготовка:

Карамелизираните лешници,  потоа ги блендираме во food processor, додека не се добие паста.

Пралин мусолин крем

Потребно е :

- 70 грама шеќер

 - 20 грама брашно

- 30 грама густин

- 4 жолчки

- 480 грама млеко (зовриено)

- 165 грама путер несолен (собна температура)

- 1 лажиче ванила екстракт

- 200 грама пралин паста од лешници

Подгототовка:

Во сад ги мешаме шеќерот, брашното, густинот и жолчките, па го додаваме малку по малку топлото млеко. Ја ставаме смесата на оган и мешаме, но внимаваме да не надмине 80°C. Во смесата ја додаваме пралин пастата од лешници, а потоа путерот. Готовата смеса ја мешаме и оставаме во фрижидер да одмори, покриена со стреч фолија. Откако ќе стегне неколку часа, ја матиме со миксер и ја полниме во готварски шприц, а потоа го полниме испеченото и на половина во дијагонала пресечено тесто со овој фил.

Ако сакаме Екстра карамелизирани лешници (дополнуваме со карамелизирани лешници, еколу филот) - Шеќер во прав (сееме врз десертот на крај пред сервирање)


Милица Џаровска