Соголи се

Добивај вести на Viber

Од сите соголувања, најголем предизвик ми бил оној на соголување на душите. Низ животов се имам изнагледано соголени тела, особено на лето. Тоа деколтеа, нозе, фустани со отвори кај стомаците, шлицеви до половина.

Да се разбереме уште на почетокот. Јас сум жена која сака да гледа убави жени. Сите мои другарки се преубави, секси, со бистар и остар ум. Не гледам скришум и под око, напротив, гледам и знам да дадам комплимент на друга жена. Не ме мачи нивната убавина, уживам во начинот на кој ја носат и презентираат. Нема ништо поубаво од жена која знае да се носи со се’ во животот, а притоа да изгледа убаво. Кога велам убаво, ама ич не мислам на шминка, накит, облека...туку на суштинска убавина која излегува од порите на една жена. Жена која знае како да чекори, а тоа не е смислено или вежбано по дома. Жена која знае да јаде со прсти, а тоа да ви предизвика грутка во стомакот од желба по неа. Жена која носи машки кошули и елеци, а притоа ви се чини дека е гола пред вас. Ете, на таквите жени мислам.

На оние кои можат да бидат закопчани до грло, а да ви предизвикаат ерекција. На оние кои кратката коса (тука замавнувам со глава, оти коса немам) ја носат со истата женственост како и долгата грива. На оние кои одат на рамно и нишаат со колковите како да се на 12-ка штикла. Жени кои знаат да бидат жени од утро до вечер, само затоа што не глумат и не се преправаат во нешто што не се.

Мојата пасија за гледање жени нема врска со мојата сексуална ориентација. Повеќе ми преовладува психолошкиот момент на тоа дека жена која е дарувана со убавина од Бог знае да биде незабележлива, само затоа што е несигурна во себе, полна фрустрации (сеедно дали и’ се наметнати или вродени) и длабоко несреќна. И од друга страна, тука се оние жени кои секојдневно можете секаде да ги сретнете. Сосем неоптеретени со тоа кој што мисли за нив, дали се прифатени онакви какви што се. Тоа се жени кои сами себе се прифатиле и тоа им е доволно во животот.

Се навраќам наназад. Никогаш не сум се сметала себе за убава. Искрена да бидам, тоа ми е врзано некако со одредени параметри и симетрии на ликот, кои не ми се познати. Значи, не сум била ни како девојка една од оние кои предизвикувале WOWWWWWWW по улици. Имам една преубава другарка со која редовно се шегуваме дека шетајќи со неа и јас дочекав да се вртат мажи по мене (по неа де, ама тука ќе забега и некој поглед накај мене). Нејсе, сум била симпатична, шармантна, своја. И сум била задоволна со тоа. Убавината во денешно време е обврска, секогаш да сте спастрени и да го оставате истиот впечаток. Тоа не го можам. Ама ич. Особено не ако нешто не ми е погодено. Во тој момент ама ич не се замарам дали седам во спавача или косата ми штрчи на некоја страна. Не дека па многу се замарам и кога ми е се’ погодено, ама тоа е друг муабет.

Е сега, во ера кога е се’ разголено и отповеќе, па веќе ја изгубило дражта за откривање, се наметнува прашањето за соголување на она што е највредно...душата. Колку што се изместија границите на она физичкото соголување, тилку се изместија и оние другите. Колку поголема храброст во истакнување на физичките атрибути, толку помала потреба од тоа да се покаже што се крие зад убавата фасада со 2 метра нозе, гради кои гледаат во небо, свилени коси и напрчени усни. Каде ли исчезна фетишот кон откривање на умот?

Знаете дека ми се случило заради работите кои ги пишувам да имам фитбек од различни луѓе. Мажи, жени, секакви возрасти, жени кои да ги видите ќе ви изгледаат како излезени од моден часопис (што би рекле старите, како од Бурда), секакви професии и различни статуси во однос на брак, сами, во врска, па она комплицирано. И да знаете дека има еден куп предрасуди кон жените кои се убави. Секој разговор само ми се потврдува колку знаеме ние луѓето паушално да лепиме етикети и да се издигнеме себе на сметка на понижување на некој друг. Паметни, духовити, свои...ете такви се. И сето тоа го прикриваат оти стана многу поважно да се излезе од дома среден од глава до петици, наместо да се води сметка за тоа дали и колку заеднички теми ќе имаме.

Башка, соголувањето на душата бара храброст која не секој ја има. Сум си го дозволила тој луксуз пред многу малку луѓе. Ама соголување до перверзија. Значи, сосе сите фрустрации, стравови, најскриени мисли. Дали сум се каела? Не. Дали сум претпоставувала дека од тие и онака малкумина, уште помалку ќе можат да се справат со мене таква? Да. Дали пак би го сторила тоа? Искрено, не знам.

Ова соголувањево на душата никогаш не знаеш на каде води. За мене е тоа израз на највисоко ниво на доверба и ставање на мојата душа во нечии раце. За жал, за некого тоа е само полнење на его или натпревар со сам себе колку може и со која брзина да издејствува другиот да се отвори. Нејсе, сум го јадела стапот и тоа два пати со сила од која ми било мачно да се гледам себе во огледало. И тогаш станувам свесна зошто се’ помалку имаме соголување на она што сме, на нашата внатрешност во која ќе ги најдете сите жанрови, од хорор до драма, а се’ повеќе си го откриваме телото. А за мене, право да ви кажам и двете се подеднакво вредни за чување и да припази човек пред кого ги соголува и кому ги дава.

Впрочем, телото е храм на душата и не секој (според мене) е заслужен да го гледа тој храм или да влегува во него. Од друга страна, душата и нејзината искреност очигледно треба да се соголува само пред оние кои ќе имаат доволно доблест и храброст да ве прифатат онакви какви што сте и да ве љубат такви. Да не дозволувате да се чувствувате лошо поради некој кој нема да е во состојба да ве љуби соголени. Да не се сомневате во себе и во тоа какви луѓе сте и дали вредите доволно ако некој не е доволно храбар да ве поднесе токму онакви какви што сте.

Да не станете огорчени и да се зачаурите, да си ја наоблечете душата затоа што има луѓе кои секогаш ќе можат да си поиграат со неа. Нека им е алал, нека им е на чест. А вие, вие останете свои, храбри и скроз голи...во душата. Мене сте ми така најубави. Да сте ми живи и здрави...и да знаете, никогаш не сте сами.

До следниот понеделнички муабет,

За Женски Магазин, Ана Бунтескa

Како дете знам да се радувам
Токму така драги мој
Како дете на шарена бонбона
Завиткана во светликава хартија
Или како она кое за првпат
Однесено во забавен парк е
Та му се чини оти светот негов е
Со очи ширум отворени
Со срце мало за да ја збере сета среќа
Како дете сум
Кое кога трча не гледа каде оди
И треба некој да го пази
Кое со гума во длабокото плива
Без страв дека ќе се издише
Та му треба силна рака
Која на сигурно ќе го однесе
Ете таква сум
Ниту повеќе ниту помалку од тоа
Наивна, со дланки отворени
Во кои сечило држам
И со верба во тебе
Во твоите раце го ставам
Со безгласна молба да ме поштедиш
Ете некогаш дури и од себе да ме чуваш
Оти децата поинаку не умеат
Или те љубат
Или не сакаат да те видат
Та колку и да се обидуваш
До нивната насмевка нема да стасаш
Како дете
Знаеш, како она во една песна
Она кое ширум рацете угоре ги креваше
И на сиот глас викаше
“Те сакам
Те сакам до небото и назад”
Само што моето назад со тебе го снема
Па сега не знам како назад да си дојдам
Оти не бев умна трошки зад себе да оставам
За патот назад да го најдам
Како дете
Како дете кое во вир на дождот цапа
И со залепен нос пред слаткарница стои
Со подзината уста во небото гледа
За да викне угоре колку грло го држи
“Чичко пушти летки”
Таква
Таква сум
За радост ко децата сум
Ама пусто не научив ко дете да плачам
Да врескам дур не заспијам
И да ми олесни
Раат малку да бидам
Ете
Како дете за се’ сум
Освен кога однатре плачам
И никој не ме сеќава
Дека деновиве само подголтнувам
По една грутка тага вечерам
Која ме заситува
До следниот ден
До мигот кога и ти сечилото од раце ќе го испуштиш
И сите чудовишта од под креветот ќе ми ги разбркаш
Како за дете што би сторил
Како за дете 
Како за мене
Top of Form