Совршена - за кого?

Добивај вести на Viber

Сите ја знаеме приказната за Лејди Ди, јас се сеќавам дека сакав да ми биде свекрва кога ќе пораснам. (Читај меѓу редови дебело го имав намерачено Вилијам поштено ме зезна Кејт) Не знам на што вие се сеќавате, јас знам дека секогаш кога ќе се појавеше во јавност изгледаше беспрекорно. 

Естетика со вкус, посебен уникатен стил и личен печат во многу детали што ја направи да биде една и единствена. Веројатно најпознатото нејзино модно појавување во јавност кое остави траен историски белег пресликан во милион верзии потоа, беше после разводот во малиот црн фустан медиумски маркиран како The Revenge Dress кој понатаму стана заштитен знак на секоја жена која одлучува да се разведе, раздели од долга врска во која не била среќна. И на секоја од нас се наметнува прашањето - за кого ние се дотеруваме? Истражувањата даваат различни одговори децении наназад, едни велат за мажите, едни велат за други жени а едни пак сами за себе. Но се почесто налетувам на ситуации и состојби во реалниот живот каде една жена додека е во брак се здебелува бар 20кг, ја отфрла старата гардероба и стил, прифаќа улога на очајна домаќинка ама не како онаа од сериите, и заборава комплетно на себе. 

Од една магепсна девојка која го освојува светот секојдневно, станува жена без волја и желба за живот. Се додека е во брак, се додека трае општествено идиличната приказна за среќа. И кога таа среќа пука или се нарушува, тамтарараммм настапува на сцена Лејди Ди моментот, вадиме по итна постапка 30кг (за секој случај минус 10 од предходно) се купува највисоката штикла во продавница комплетирано со најсветкав, најкраток и најпровокативен фустан, придружено со нови веѓи, трепки, нокти и комплет фасада на лице. И не знам дали е тоа среќата, за жал Лејди Ди доживеа атентат и не стигнавме да дознаеме како ќе се одвива расплетот на нејзиниот живот. Знам дека јас ја правев таа иста грешка во секоја врска одново и одново. Колку и да се облекувам за себе или богами и за вас, во мал мозок ми стоела информација е сега чекај сега ќе го направам љубоморен или па не ме гледа сигурно му е гајле дека сум како партал. Се додека од лично искуство и со лично трескање по глава не сфатив дека единствено нешто што е вистински важно за вистински маж е умереност и вкус. Многу повеќе ги одбива естетиката на промашен лустер или локална старлета, или дизајнерски фустан кој вришти одмазда на него, отколку што ги привлекува. Целата таа драма околу видете ме е наша, од жена за жени многу повеќе отколку за нив. И за лична самодоверба само што мислам дека на крајот не е ниту вистинска ниту искрена. Лејди Ди го помина животот со булимија и анорексија и во постојан грч за туѓо одобрување. 

Денес секоја жена, секоја од нас е Лејди Ди, социјалните медиуми го направија тоа, сите сме на тапет. И за кого денес ние го бираме фустанот кој што го бираме, за нас, на него, за лајк? Не знам, ми требате тука вие да ми одговорите. Јас знам дека имам капацитет со моја модна комбинација да тригирам милион реакции, сите различни. Мене тоа ми е професија, приватно секогаш ќе одберам ролка, фармерки и чизми, бар сега откако влегувам полека во 40ка гледам дека се повеќе одам кон едноставност и квалитет. 

И сега немам потреба од ниту една верификација, ама сега остарев, веројатно не се важи моето. И кога бирам да облечам нешто во кое знам дека сите ќе ме гледаат и ќе формираат мислење, веќе тоа го правам само и единствено за себе, бидејќи јас така се чувствувам. Тоа стана мој личен предизвик, моја мантра. Од мене за мене, со мој суд и моја пресуда. Совршена пред себе и за себе, со сите мани и недостатоци и се што ме прави мене таа што сум.