(Со)живот

Добивај вести на Viber

Во Охрид сум веќе цела недела. Го сакам градов додека уште не е полн со туристи, иако и сега веќе се чувствува гужвата. Секаде каде што одам на подолго време, си наоѓам кафуле по моја мерка, убава музика, опуштено, пријатен персонал и (нормално) разбирање за мојот веќе стар лаптоп кој нема батерија и му треба штекер. Нема да рекламирам (за душегрижниците само ќе напоменам дека никој никогаш не ме платил за да кажам убав збор), но топло ви го препорачувам Кафе Бар Шила, во кој ме третираат како дел од семејство. Е сега, идејата што ми остана од минатиот пат, сепак ќе почека подобри времиња (ако се сеќавате, спомнав дека ќе пишувам за распуштениците), оти со моево пишување секогаш излегува нешто што не е предвидено.

Станот во Охрид ми е во таканаречената турска маала, која деновиве врие од луѓе, дотерани, насмеани и свечено достоинствени во прославувањето на големиот празник Рамазан Бајрам. И тоа ме врати назад, во едно друго време, во Битола, кога бев мала. Преку една куќа од баба ми и дедо ми, живееше семејство во голема куќа на 2 спрата. Љутви и жена му, која патем речено никој не ја викаше по име (се сомневам и дека многумина и’ го знаеја името), туку ја викаа Љутвица, со трите деца Агим, Амиде и Менивер. Прекрасна фамилија. Тој строен, висок и крупен маж, со цигарата в уста и достоинствен чекор, Љутвица беше стално насмеана и правеше чудесии во кујната, а децата им беа прекрасни и воспитани. Куќата ми беше како да влегувам во бајка, шарени теписи, ниско поставени масички и големи перници за седење.

Секое лето (веќе знаете), на 10-ти Јуни бев спакувана и натоварена на воз, за да го поминам летото во Битола. Ма какво море, какви бакрачи. Ништо од тоа не ме интересираше. Го сакав тој свет во кој бев своја и заштитена, среќна и толку многу исполнета, што дури и заборавав да им се јавам на мајка ми и татко ми за да се чуеме. А тие кога доаѓаа, се чудеа колку сум била заруменета во образите и кога коментираа, баба ми гордо велеше “ами се’ јади чупето овде, ама и од авата е”. Летата во Битола беа исполнети со игра, читање книги и дружба со децата од маалата. И се сетив дека немаше поделби меѓу постарите. Кога се правеше веселба, сите помагаа. Не дај боже, за тага, сите беа тука. А и ние децата бевме растеретени од политика и расправии за националности, вери и религии. Нормално беше да се прославува заедно. И Велигден и Бајрам.

И не само тоа. Љутви и Љутвица имаа нива во околината на Битола, на која се садеше тутун. Секое сабајле, уште во мугрите одеа на нива и го береа тутунот, а ние останатите кога ќе се разбудевме, бевме опоменувани од домашните дека “кај Љутви се нижи тутун, ајде да се помогне”. Големи игли, коноп и денот врвеше во боцкање на дршките на тутунот кој полека се претвораше во стежнати низи кои беа закачувани за да се сушат на летното сонце. Пусти раце укочени после неколку часа, прстите лепливи и со мирис на тутун, ама лицата светнати и среќни. Љутвица правеше чај и раствораше домашни сокови, бевме служени со раванија, баклава и кадаиф (кој и ден денес го сакам) и се раскажуваа приказни за се’ и сешто.

Кога ќе ни се потсмачеше, се качувавме на големата дудинка и со сласт ги јадевме плодовите, кои уште повеќе ни ги замачкуваа рацете и устите.

Јас не бев од Скопје, ниту Амиде беше Албанка, Силвана не беше Македонка. Бевме деца и бевме среќни. Од тогаш сфатив дека луѓето се делат само на добри и лоши, на оние со меки и полни со љубов, срца...и на оние другите, кои ги знаевме само од филмовите.

Една од моите најдобрите другарки, сродни души со која се намирисав веднаш е мојата сестра по сензибилитет, Алма Идризи. Па во овие времиња-невремиња, сме се шегувале една со друга, јас нарекувајќи ја Алма Идризовска, а таа мене Ана Бунтеши. Сме се смееле на глупостите кои ги правиме, сме плачеле заедно за секоја болка и сме си биле грб една на друга.

Јас не познавам соживот.

Јас познавам и сакам живот. Секогаш и само со оние кои имаат души широки како небото на кое ќе заминиме, чиј збор тежи и вреди колку што тежи земјата.

Не сакам соживот...сакам живот полн со достоинство и без предрасуди. Ќерка ми ја знае Алма како уметница, која прекрасно слика и која прави накит од кој умот може да штукне. Ќерка ми нема поделба во умот дека е некој од друга националниот, дека има поинаква боја на кожата или дека сексуалната определба му е ваква или онаква.

Успеав да одгледам дете. Не клон на омраза и гледање со недоверба. Успеав да си ја сочувам душата неиспоганета од сите наметнати предрасуди и недоверби.

Деновиве многу мислам на оние времиња кога имавме детство и бевме слободни. Кога секој празник се славеше заедно, без да биде именуван од религија. Затоа и не честитам, ниту Велигден, ниту Бајрам. Повикувам на ум, на разум и на љубов. Впрочем, ниту една религија во својот корен не носи омраза, туку шири љубов и идеја за сплотеност.

Шетам низ Охридов, ваков убав и шарен. Се мешаат јазици на кои луѓето зборуваат, се мешаат лица и гледам да најдам човечност во очите на секој минувач. И ја наоѓам!

Само затоа што сакам да ја видам.

Барајте луѓе.

Барајте питоми луѓе и убави души.

Јас со радост ќе си спомнувам за Љутви и Љутвица...нека им е лесна земјата, а во некој од овие денови ќе се обидам да ги најдам и Агим, Адиме и Менивер. Да си поприкажеме. Верувам дека од очите се’ ќе си видиме, па макар зборувале и на различен јазик.

И запомнете...се’ во животот минува. И слава и пари...и моментален социјален статус. Останува само образот. Чувајте го чист...сега за вас, а утре за вашите деца.

До следниот понеделнички муабет,

За Женски Магазин, Ана Бунтеска