Специјална репортажа од Анталија: Рај за очи, празник за стомак, домаќини за мерак

Има дури 300 сончеви денови во годината, сезона која трае 11 месеци, 400 километри долг морски брег и преку 3.000 хотели. Тоа се само дел од причините зошто Анталија во Турција е топ туристичка дестинација меѓу домашните туристи. Со години е популарна и кај Русите, гостите од Скандинавија, Англија, Германија, Иран, Израел, земјите од поранешна Југославија. Минатата година, Анталија ја посетиле 13,8 милиони туристи, а годинава се очекува таа бројка да биде во пораст, и тоа двојно. 

Возбудлива тура со брод се нуди од пристаништето во Аланија 

Туристичката агенција „Фибула“ од Скопје беше наш домаќин на седумдневната инфо-тура минатата недела. „Фибула“ нуди повеќе од 400 хотели низ целата област, а ние видовме седум од нив. Сите со различна приказна, програма и концепт, а сепак слични по една битна работа: познатата турска гостољубивост. Каде и да пристигнете во Анталија, загарантиран ви е пречек со широка насмевка: од менаџерите на хотелите, преку рецепционерите, келнерите, до жените кои како попладневна ужина го подготвуваат традиционалното турско ѓозлеме. 

Хотелиерите од Анталија се горди што храната која ја служат е домашна, особено Аланија, единствениот град во областа кој ништо не увезува. Горди се на своите плантажи на домати, краставици, лубеници, дињи и малите банани за кои со сигурност велат дека се послатки од оние во Еквадор. 

Недвижностите во Анталија одат „како алва“, велат туристичките водичи. 250 илјади Руси кои си купиле станови во оваа област не ги користат само во текот на летниот период, туку живеат таму во текот на целата година. Благите зими со минимални 10 степени во просек во јануари се една добра причина за тоа. Топлотниот африкански бран знае да ја зафати Анталија во јули и во август па температурата може да достигне и до 50 степени, што не е секогаш правило, а има еден и ден во годината кога температурата на морето оди и до 42 степени. Затоа на плажите нема чадори туку тенди, а сите хотелски барови нудат дебели сенки во кои туристите уживаат со студен пијалок. Стан од 120 квадрати, во Анталија се продава за 35-50.000 евра, што освен за Русите е исплатливо и за Скандинавците и Германците. Турскиот стандард е понизок од европскиот. Просечната плата е околу 500 евра. Летната сезона започнува во април и трае до крајот на ноември. Нашата група замина со првиот чартер лет на „Фибула“ . Во текот на целата сезона, ги има три пати во неделата, секој понеделник, четврток и петок, до 27 септември. 

„Crystal Palace Luxury Resort & Spa“ во Сиде е првиот хотел кој нѐ пречека. Се простира на 22.000 мери квадратни, нуди три надворешни базени, еден внатрешен во спа центарот и плажа широка 190 метри. Аква паркот, мини клубот за најмалите и бројните анимации и активности го прават еден од најбараните во Сиде. Член е на големото „Кристал“ семејство. Во областа Анталија има 13 хотели кои се дел од ланецот, а имаат и еден во Бодрум и еден во Кападокија. За храната која ќе им остане, менаџерите на хотелот велат дека со љубов ја донираат во центрите за грижа на животните.

Плажата на хотелот „Crystal Palace Luxury Resort & Spa“

Хотелот „The Raga“  исто така во Сиде, нашата втора дестинација, нуди ултра сѐ вклучено концепт, исто како и претходниот, и повеќето во Анталија, со тоа што е хотел само за лица над 16 години. Изграден е минатата година, и сѐ уште „мириса на ново“. „Рага“ е еден од оние хотели кои инсистира на квалитет, а не на квантитет. Помал е, со околу 230 соби, и нема анимациска програма. Од него добивате мирен одмор и внимателно избрани рецепти на шведската маса. Нема да останете рамнодушни на добронамерните шеги на келнерите додека наутро ве нудат со еден од свежо-цедените детокс сокови, турско кафе со локум и тазе испечен ѓеврек. Вечерата на терасата со поглед на целата плажа е искуство кое ќе се памети засекогаш. 

Хотелот „The Raga“ нуди исклучително квалитетна кујна 

Најголемиот од трите хотели во кои претстојувавме е зелената оаза, „IC Hotels Green Palace“ во областа Лара. Рај е за деца и за возрасни, со шест базени, седум различни тобогани, анимациска програма која не мора ни да ја следите на огласните табли. Анимацискиот тим самиот ве повикува на караоке, во диско, на едно од возбудливите шоуа во амфитеатарот-ние ја имавме таа среќа да го гледаме африканското. Билијард, куглање, цел шопинг центар на приземјето, средена плажа, шест ресторани и сето ова сместено меѓу палми, зеленило и многу цвеќиња. Храната е исклучително вкусна, од морските специјалитети, до топлите вафли кои самите си ги декорирате. Во состав на хотелот има и комплекс на вили со приватен базен.

Рај за деца и за возрасни.- хотелот IC Hotels Green Palace“ во областа Лара

Приватните вили во хотелот „IC Hotels Green Palace“ 

Плажата во хотелот „IC Hotels Green Palace“ 

Дел од нашата обиколка беше и Alan Xafira“, луксузен и простран хотел во областа  Turkler, на 15 километри од Аланија. Хотел со 804 соби, кој вложува во гастрономското уживање, особено во традиционалните турски слатки. 

Alan Xafira“, луксузен и простран хотел близу Аланија 

Bosphorus Sorgun hotel, кој од едната страна гледа на река, а од другата на море, ви го нуди уживањето на топло џакузи среде базен, терасата со поглед од „милион долари“ секако вреди да се посети. Се наоѓа во областа Sorgun, оддалечен 5 километри од Сиде и Манавгат.

Уникатен декор во хотелот Sea Shell Resort & Spa

Големиот турски национален празник 19 мај, кој се одбележува како ден на младоста и на спортот и се слави во чест на сеќавањето на Кемал Ататурк, го прославивме со одлично организирана забава во хотелот Sea Shell Resort & Spa. Празник за очи и за стомак беше трпезата која ни ја подготви главниот шеф, не само како декорација, туку и како вкус. 

Совршено декорирана трпеза на прославата на националниот празник, 19 мај 

Токму главниот готвач дојде да нѐ поздрави, и да ни посака добар апетит. Ни трунка замор не се забележуваше на неговото лице, освен со вештината во кујната, тој не освои и со искрената широка насмевка. Има посебна причина зошто гостите повторно и повторно се враќаат на ова место. Главниот менаџер, со текот на годините станал пријател со нив, а тие како знак на благодарност шетаат со маици на кои го пишува името на хотелот. Забавата заврши со огномет, музика со бенд во живо и најинтересното на крајот, танцувачко шоу што го приредија самите келнери.

Но, Анталија не е само топло море и средени хотели. Највпечатливиот момент на нашата турска авантура беше традиционалниот појадок во дворот на господинот Кајхан Киличкап близу местото Манавгат. „Чајот се пие за време на појадокот, а кафето задолжително по појадокот. За појадокот се вели, што повеќе намирници на масата, тоа подобро“, ни рече нашиот водич Пио Плех од Босна и Херцеговина. Нашиот домаќин ја оправда најавата на водичот. Мекици, домашен мармалад и путер, намаз од таан и печени пиперки кои на наше неверување, тој самиот ни ги лупеше во знак на добредојде. Господинот Кајхан има три хотели со по три ѕвезди. Холивудска е неговата приказна како почнал буквално од нула, и без да трепнеме го слушавме додека раскажуваше.

За топло добредојде, нашиот домаќин Кајхан Киличкап самиот ги лупеше пиперките на традиционалниот турски појадок 

„ Доаѓам од едно мало место оддалечено 1500 километри од тука. Кога дојдов да студирам во Анталија немав пари за претстој. На почетокот, спиев во паркови. Потоа имав среќа, најдов работа и ме примија во студентски дом. На почетокот, работев како испомош во еден луксузен ресторан во Анталија. По дипломирањето, се вработив како возач во една месарница. Кога ме прашаа дали знам да возам камион, реков дека знам. Јас не управував ниту автомобил како што треба, а камо ли камион. Ме примија на работа, и првите месеци, возев по 20 на час. Кога ќе погледнев на ретровизирот и ќе видев колона зад мене, се паркирав и чекав да помине. И така секој пат кога ќе го закрчев сообраќајот“, ни раскажа нашиот домаќин за своите почетоци. Парите што ги заработувал тогаш, тој ги праќал на своето семејство. Денес е горд на сѐ што постигнал, и има прекрасни спомени од Македонија која ја посетил годинава. 

Нешто што мора да се посети додека сте во Анталија се водопадите близу Сиде, на три километри од градот Манавгат. Најубавата глетка и звукот кој смирува е одозгора, но туристите не одолеваат, па ги собуваат чевлите и се освежуваат со студената вода која се прелева на долниот балкон. Ресторанот и многуте мали тезги со сувенири му даваат особен „шмек“ на ова место. 

Актерот Дритон Вејсели беше еден од најзабавните членови на нашата екипа.- На водопадите кај Манавгат 

Водителот Ване Маркоски на водопадите 

Адреналинската тура со брод од Аланија е нешто што нема да се заборави од нашето патување. Беше навистина интересно искуство да пловиш по отворено море за време на ветер и бранови. 

Пристаништето во Аланија 

Плашливите туристи, ги смируваше самиот капетан на бродот, одвлекувајќи им го вниманието со неговата љубовна приказна со сопругата од Данска. Античкиот град во Сиде и плажата со интерсен декор- фламингата пред кои сите туристи се сликаат вреди да се посетат. 

Античкиот град во Сиде 

Плажата со фламинга во Сиде 

Еден од најголемите аквариуми во светот е токму во градот Анталија, со 40 тематски аквариуми и тунел долг 131 метар. Кога поминувате под него и ги гледате рибите и малите ајкули, имате чувство дека се наоѓате под морето. Мистично и возбудливо место. 

Екипата на инфо-турата со водичите Пио Плех и Дарко Марковски пред аквариумот во Анталија 

Стариот град во Анталија и еден од многуте паркови покрај море сигурно дека ќе ве направат среќни, но и посетата на Земјата на легендите- „The Land of Legends“ во Белек. Хотелски комплекс кој исто така е дел од понудата на „Фибула“ со аква парк, адреналински забавен парк, мали плоштади со аниматори, шопинг улица со познати брендови, ресторани и пабови со келнери кои служат на ролерки- цел еден наменски изграден град. Легендарен „изум“ во легендарна област. 

Цел еден нов град е комплексот  „The Land of Legends“

Таква е целата Анталија. Полна со легенди, а најсладок е предизвикот самите да ги откриете.


Милица Џаровска 

фото: Горан Бошковски