Фасцинантно е колку ни се менуваат приоритетите низ животот и како
ги вагаме работите кога имаме 20, а сосем друга е приказната на 30, 40 или 50 години. Некогаш, кога ќе погледнам
наназад како да гледам некоја друга Ана, која само наликува на онаа која денес
ја наоѓам во огледалото. Порано мислевдека за да бидам среќна ми се потребни многу
предуслови, да се наместат коцките за да не оскудевам од ништо колку тоа “нешто” како што биле финансии,
љубов, здравје и уште еден куп ситници не биле неопходни. Младоста е сама по
себе алчна и кога го велам ова, не го мислам на лош начин. Самата младост која
со себе носи самоувереност, чувство на бесмртност и храброст има право да бара
се’,
ама буквално се’
и да мисли дека тоа и’ следи без поговор. Ретко кој 20 годишен човек се занимава со
прашање за здравје или спокој, тоа се години кога пукаме од здравје и кога
спокојот воопшто не ни е во мислите. Живеењето 100 на саат е сосем нормален,
исто колку што е нормално да си го исцрпуваме телото без да ни пролета мисла
дека сето тоа еден ден ќе мора да биде наплатено. Останување по цела ноќ
надвор, директно одење на факултет после журка, темпо на живот од кое во
40-тите се уморуваме уште на самата помисла.
И се’ е ова нормално, се’ си е онака како што треба да биде. На младоста не и’ е дозволено да мисли на староста, исто како што на старост не е баш паметно да се плаче по младоста и по нејзината сила. Човек мора да си ги знае границите и да ги почитува доколку сака да го изврви животот во еден релативно прав пат, а кога велам прав пат, не мислам на досада и рутина туку без трауматизирање на умот и телото. Кога бев млада воопшто не се грижев за себе. Бев дива, своја, своеглава, себична, силна и правев се’ што ќе ми паднеше на ум. Правев работи за кои денес си велам “кај ти беше умот?!”. Работев многу, се журкав (додека не почнаа паничните напади во гужви), работев паралелно во кафуле и имав сила за да истерам се’...факултет, работа, журка, прекувремено останување, драматичен љубовен живот кој сега ми се познава на психата. Можев се’, сакав се’ и имав се’. Единствено што немав, немав граница за да кажам СТОП, време е за одмор.
Дали жалам? Не! Да се вратам назад, никогаш не би сменила ниту еден миг од она што сум го изживеала и преживеала. Она што ме направило тоа што сум денес, е онаа Ана која беше таква каква што беше на свои 20-ти и 30-ти. Секогаш бев поборник на она дека е подобро да се каам за она што сум го направила, отколку да се прашувам цел живот дали постапив погрешно или исправно доколку не направев нешто. И сето тоа е ок, младоста која ја имав и живеев ми беше исполнета со гласна музика, луѓе, танцување, кршено срце, лепење на срцето и изреката “life goes on”. Е сега, кога наполнив некаде околу 37-8, како со нож ја пресеков папочната врвца со младоста која ем ми минуваше, ем не бев спремна да ја пуштам и да почнам поинаков живот. Не е точно дека големите животни одлуки ги носиме со многу мислење и со разум, најчесто (барем кај мене) тоа е спонтана одлука за која не ни знаеме дека сме ја донеле, додека не почнеме да ја живееме.
Се повлеков од се’. Создадов свет во кој збира малку луѓе, свет во кој приоритетите не ми се ни оддалеку исти како што ми беа порано. Она што беше олеснителна околност е дека не се почувствував лошо, само знаев дека е време да почнам да живеам нова етапа, во која изборот беше мој дали ќе сум среќна или не. Престанав да играм бркотница со себе и да се истоштувам до повраќање, ја спуштив топката и си го најдов мирот. Да бидам искрена, ова со мирот е малку менлива категорија и некогаш она што ми е мир во 90% од времето, во останатите 10% знае да ми е пекол. Има моманти кога си велам оти патот кој инстинктивно го одбрав е само бегање од реалноста, ама сфатив дека нема рационализирање на изборот кој го правиме. Некогаш треба само да дозволиме животот да одбере што е најдобро за нас, без многу да филозофираме.
Нејсе, ми се смени поимањето на она по што сите трагаме низ целото наше битисување, СРЕЌАТА. Додека порано ме правеа среќна работи кои денес ги сметам за површни (џебот да ми е полн, да имам со кого да излезам, да сум присутна секаде, да бидам сакана и прифатена), сега сето тоа ми изгледа како дамнешен сон кој секој од нас барем еднаш во животот го сонува. Тоа е оној сон во кој сакате да трчате, а нозете ви се толку тешки што не успевате да направите ниту чекор напред. Сега, среќата има поинаква тежина и димензија и е најмалку во финансиите (иако е полесно да си среќен кога имаш финансиска независност).
Сега среќата ми е во мигот кога ќе отворам очи изутрина и ќе си речам “ок, жива си”, во мигот кога ќе ја видам ќерка ми како се буди и си велам дека е просто неверојатно како го родив ова чудо од дете (типично родителски муабет, знам), се радувам на денот кога ќе ми донесе инспирација за пишување, знам да застанам на џам и да гледам како надоаѓа ноќта, тоа е оној специфичен момент кога има неверојатни бои на небото, дури и во зима кога денот знае да биде сив. Сега се радувам на прочитана книга, на телефонски муабет со некој кој ми е многу драг, на седнувањето надвор на кафе сама, па си се чудам на себе зошто кога бев млада ми беше страв од самотија.
Колку повеќе бараме и посакуваме, стануваме поисфрустрирани особено бидејќи живееме во едно исклучително не-време, во кое сме бомбардирани од црни вести, лоши прогнози за иднината, пандемии, војни. Имаме армија млади луѓе кои се борат со депресија и анксиозност, имаме незадоволни млади кои си одат за да најдат надвор она што им недостасува тука. Имаме премногу ноќ за сметка на ден, премногу против отколку за. Заборавивме да се радуваме, да сме среќни, да сме задоволни со она што ни е дадено како најскапоцен дар од Универзумот-животот. Заборавивме да љубиме без кантар, да уживаме во термос кафе седнати на клупа, во ветрот и снегот, сонцето. Грижите кои ги имаме ги мултиплицираме во мислите, без да си дадеме одмор за да пристапиме кон решавање на проблемите поинаку, без паника и без “сега и веднаш”. Умираме без да се изнадишеме слобода, љубов, спокој. И тоа ме прави тажна, што за себе, што за сите нас. Гледаме во туѓите животи и домови и убедени сме дека на сите им е поарно отколку што ни е нам. А нема врска, секој си ја бие својата битка со она што му го носи секојдневието. Има вистина во тоа дека зад најнасмеаните ликови се крие најголемата тага.
Сакам едноставност во се’. Ми се смачи од комплицирани односи, луѓе, очекувања кои ги имам од самата себе, па полека се ослободувам од нив. Сега, најголемото очекување ми е да сум жива и здрава и тоа доволно долго за да можам ќерка ми да ја израснам и да ја пуштам да одлета кога ќе е спремна да ги рашири крилата. Се’ останато ми е само бонус и плус доживување. Не очекувам повеќе да сум погодена секому, да сум сакана од луѓе чија љубов ќе ми донесе само тага и бол. Не очекувам и не си клавам на дикат дека треба да ми се случи нешто спектакуларно што ќе го смени мојот свет. Очекувам спокојот кој го имам да ми донесе нова фаза во која ќе сум своја на начин во кој ќе уживам и ќе се најдам себе и моето место на планетава.
“Животот е убав”, најмногу тогаш кога ќе го прифатите со сите подеми и падови и ќе научите нешто и од моментите кога сте горе и тогаш кога сте долу. Уште учам и се надевам дека секогаш ќе има барем уште нешто што ќе ме држи љубопитна и борбена. Да сте ми живи и здрави и дишете со полни гради...никогаш не се знае кој ден ни е последен. Дотогаш, земајте воздух алчно како да сте новороденчиња.
До следниот понеделнички муабет,
За Женски Магазин, Ана Бунтеска
Колку е потребно за среќа?
колку треба за да ти игра срцето
и очите со смеа да ти се наполнат
да ти биди убо во градите
лесно и спокојно ко облак во нив да имаш
ама не
од алчност
од “дај, многу дај”
од тоа душите ни патат
од стрвност за најаска до блуење
за напивање до опивање
за љубов до нељубов
од тоа си патиме
од она шо велеше баба ми
“дури и животното знај кога му е доста
само ние луѓето умираме од премногу”
а мене со годините телово веќе ништо отпоќе не ми прима
ниту храна
ниту вода
ниту среќа
само со тагата беља си имам
ете, кантаров таму нешто грешно ми мери
па си се тешам дека никој совршен не е
и некако врвам, вака или онака
скоро 44 лета сум свикнала
а и од својата кожа нема бегање
колку
колку е тамам за чоек мирен да е
да му стивне во умот и срцето
без тежини и вулгарна еуфорија
мирно да си тера
ама за така скроен треба да си
оти не се учи тоа, никаде го нема
ниту во училишни клупи
ниту пак прирачник има
“спокој во 100 чекори”
та да си читаш навечер кога тивко е
и со книжулето под перница да спиеш
а сабајлината раат да станиш
и да не ти ѕенѕа во утробата
ех
колку ли е доволно за среќа?
за да немаш свенати усни
ниту темни кругови под очите
колку е потребно за да му се насмееш на денот
и во себе да се помолиш
да кажиш фала што жива сум
за детето да си го гушниш и мирисот детски да го вдишеш
та од младоста срцето да ти се подмлади
и навечер пред да си легниш
да се збогуваш со денот
со надеж дека следното утро ќе се разбудиш
а потем дека си научил нешто
дека среќата е во мигот
во пиењето кафе на студот
и мирисот на дождот
во ветрот кој под капутот ти се пика
и смеата со твоите луѓе
во неговиот поглед
и здивот во твојот врат
во моментот кога влегува во тебе
а ти под кожа му се пикаш
кога ќе нашкрабаш песна
и кога некој дур ја чита си вели
“како јас да ја пишав!”
колку треба за среќа
и мудрост за од малку-многу да сториш
еве учам
уште учам
и барам
внатре во себе барам
кантарот го местам
редам и прередувам
за да најдам колку ми е потребно
за среќна да бидам