Среќата со пари не се купува
“Се’ што може да се купи со
пари, евтино е’’... ова сум го слушнала уште многу одамна од
татко ми, особено кога сум се нервирала кога ќе ми се скинело омиленото парче
облека или кога ќе изнаносам кондури кои ми се погодени, па им дошло ред да ги
фрлам. Не дека баш разбирав што сака да ми каже со ова, оти најчесто народните
мудрости ги сфаќаме токму тогаш кога и самите ќе стекнеме некое животно
искуство, а со тоа и барем малку мудрост.
Растена сум во семејство во кое никој никогаш не аздисувал за луксуз. Татко ми прво двоел од платата за да се подмират трошоците за струја, вода, парно, потоа доаѓало на ред да се тргнат пари за храна за тековниот месец, она што било неопходно од средства за хигиена, па гардероба (нови чизми за зима, патики или јакна ако сум израснала нешто) и да се подзаштеди малку од малку. Не е дека сме пливале во пари, но не е дека сме кубуреле. Често знаат моите да кажат дека порано времињата не биле вака пеколни како сега, за луѓето да земаат кредити за да одат на одмор, да се прехранат или за да врзат крај со крај во месецот. Така, мене ден-денес ми е останата навиката дека само што ќе земам плата веднаш треба да платам сметки, а олеснето е и дека сега со електронсково банкарство нема потреба да се чекаат сметките да стасаат во сандаче. Нејсе, иако сум била едно дете и сум имала можност да бидам разгалена, никогаш не ми било дозволено да се лигавам за да ми се купува нешто.
Еден период од животот бев старомало. Тоа е онаа возраст кога сите сакаме на 18-20 да изгледаме како 30+, дур не наполниме 30 а потоа и плус 20 па да почнеме да бираме гардероба која не’ подмладува. Е тој период беше многу интересен и никој кој ме знае отпосле не ни претпоставува дека сум носела костуми (сако со мини сукњи) и тоа во разни бои, свилени марами (се разбира, секоја да одговара со соодветната боја на костумите) и високи потпетици од кои не само што не се симнував, туку можев да трчам со нив и тоа по калдрма. И потоа, како пресечено со нож...костумите дадени, штиклите фрлени, марамите наваму натаму, а некои и мајка ми се’ уште ги користи. Удобноста на фармерките, патиките, долгите фустани и балетанките ми станаа синоним за слобода на телово. Башка, како стареам и потребите ми стануваат се’ помали и помали. Одвреме навреме сакам да си поткупам книги, мерак ми е да седнам некаде на пијачка и некако тука стивнувам. Купувам на распродажби ( што би рекла една моја другарка “читав дека има понижење”) оти верувам дека тогаш ги купуваме работите по некоја колку-толку пореална и повистинска цена од онаа која е напумпана кога во продавниците светат буквите NEW COLLECTION.
Но, сето ова е избор-мој, стекнување на одредени навики и свикнување на начин на живот кој ми е мене лагоден за живеење. Олеснувачки е кога човек ќе се прилагоди на она колку му е потребно, а не колку може да потроши или да аздиса. Реално, можеме без половина од она на кое сме навикнати. Порано се фаќав себе како неконтролирано можам да потрошам пари на крпчиња кои нема да ги облечам повеќе од 3-4 пати, ама тој раскалашен трошаџиски импулс ми давал некаква сатисфакција и утеха. Маркетингот кој има достигнато совршенство да ви го заскокотка рачето ги преплавува сите медиуми, а факт е дека кога човек има во себе некоја празнина или кога се чувствува како сите бродови да потонале, знае да се лечи со шопинг. Така, имам влезено во дебел минус купувајќи секси долен веш после раскинување (демек самодовербата ко жена да си ја поткренам, а вистината е дека немав партнер уште 3 години потоа-значи сосем непотребно), па паметам едни вртоглаво високи лаковани салонки кои еднаш ги облеков, ама затоа ги пцуев месец дена без престан, па еден капут со крзно (вештачко, да сме на чисто) кој заврши во плакарот на мајка ми, потоа неколку парчиња накит кои никогаш не ги носам оти немам навика за да ставам накит на себе (освен во оној период погоре опишан во кој носев огрооооооомни обетки на штипки, од кои ушите ми беа партал направени-со рани и крвој, се’ додека не добив забрана од доктор да ги носам).
Сега, кога помислувам на тоа колку сум знаела да потрошам без да е тоа од ќеф или потреба, ми е срам пред сама себе. А што е најстрашно, ништо од сето тоа не ми донело некоја вистинска сатисфакција, спокој или среќа. Е, оттука е и она кажаното од татко ми дека во суштина, работите кои човек може да купи со пари се евтини, колку и да е цената на нив. Не е џабе и нашата изрека дека среќата со пари не се купува, а си ја имаме и народната песна да не’ потсети. Знам луѓе кои пливаат во пари, познавам и онакви кои можеби не пливаат во нив, ама имаат доволно за да приуштат што и да им падне на ум без да се грижат како ќе се покријат после големиот трошок, исто како што знам луѓе кои едвај го минуваат месецот и секогаш се со вклучен калкулатор во умот за да не испозаглават во долгови. Сите имаат свои грижи, сите до еден. Не е дека на оние кои можат со едно покажување на картичката да си купат автомобил или стан, грижите им се помали, особено оние кои немаат допирна точка со материјалното. Исто, не е дека оние кои внимаваат на секој денар, немаат радост и среќа во домот. Сите сме исти кога се работи за љубов, страв, немир, тага...буквално исти. Не е љубовта посилна кај оние кои имаат многу пари и не е тагата поголема кај оние кои ги немаат. Кога било кој од нас ќе изгуби човек, најмалку е важно дали над гробот ќе има скапа плоча со изгравирани златни букви или скромна на која ќе има само слика и датум на раѓање и смрт. Болката дека човекот го нема повеќе е иста, без оглед дали е гробот луксузен или не...оној кој ви недостасува е под земја и ниту една пара нема да го врати назад.
Низ животот научив дека парата колку што знае да го олесни животот, толку и го отежнува. Затоа верувам во баланс и тоа не само во материјалното. Човек кој има постигнато внатрешен баланс е среќен човек, а не оној кој има премногу од се’. Оти како велат старите...и многу арно не е на арно. Се’ што е премногу штети, па некој и нека се смее, ама и за парите го мислам истото. Имаше баш еден статус на фејс кој беше вака некако...првата половина од животот го трошиме здравјето за да заработиме пари, а втората половина ги трошиме парите за да си го опрајме здравјето. Балансот е веројатно во формулата да си ги сведеме апетитите на некој минимум (секако, со повремени опуштања кои ќе се од терање ќеф, а не од расипништво) и да научиме да уживаме во нештата кои се навидум евтини, а се најскап(оце)ни. Нема ништо поубаво од живот кој е исполнет со здравје и слога, мир во куќа и полна душа. Да имаме за да не сме гладни, да не сме жедни, да не сме боси и да сме секогаш со покрив над глава. Сосем доволно е тоа од материјалниот аспект, а од оној другиот само здравје и среќа. Оти оние работи кои не можат со парите да се купат се оние работи кои животот ни го прават рај или пекол, во зависност од тоа дали ги имаме или кубуриме со нив. Знам дека човечката природа е преполна со слабости меѓу кои и алчноста, ама моето лично искуство, а и она што сум го видела низ животов ме научило дека алчноста е бунар без дно и дека никогаш нема крај, дека никогаш нема да е доволно.
Доволно ми е да ми се живи и здрави тие кои ги сакам и без чие присуство би била само половина човек.
Доволно ми е да се разбудам утре.
Доволно ми е да ме служи умот.
Доволно ми е да сте ми тука, да сум ви тука.
И ништо од ова не е на продажба или на аукција. Ништо од ова што ви наброив не се купува, нема цена...ама вредноста му е непроценлива.
Да сте ми живи и здрави, среќни и спокојни...толку треба, само толку ни треба на сите.
До следниот понеделнички муабет,
За Женски Магазин, Ана Бунтеска
На кантар се’ ставивме
Си ги измеривме зборовите
Синкир ако некој убав кажеме
Посиромашни за суета останавме
И срцата не ни тежат повеќе
Оти со алчност ги испразнивме
Та место појќе не ни остана
За смеа во нив да збираме
И добрите дела
Ете и нив со грдост ги заменивме
Небаре вредиме онолку
Колку што зло од нас ќе излезе
Поган народ, велиме
Поган народ се изнакоти
А ништо поарни од него не сме
Та заслуги за ич сторено си припишуваме
Полни со себе од носот подалеку не пулиме
И чоек со чоек од немајкаде се замразивме
И еве сме
Без искри во очите
И без љубов во душите
Како сенки кои со утрото умираат
Без сомилост и милост
Ниту кон себе
Ниту кон ближниот свој
Одродени од најблиските
Чунки крвта сепак вода е
А водата матна ко мочуриште
Се’ на кантар кладовме
На оној лош кантар кој вредност нема
Та убај ни се оние
Кои најмалку убост во себе носат
Ама пусто џебот полн им е
И рубата светкава и нова
А под неа само ѓубре насобрано
Од три животи наназад
И очи сами си ископавме
За да не се свестиме
Оти парата и моќта никого чоек не сторила
И за мајтап зборот убав го земаме
И кревките убај луѓе кои на овој свет
Полека се поболуваат
Дур еден ден не ни изумрат
За и после смртта да ги исмеваме
Се’
Се’ на овој свет со кантар мериме
За ситни пари душите си ги продадовме
Небаре со нив некого горе ќе потплатиме
За портите на рајот да си ги отвориме
И заборавивме дека ништо не вреди
Ако љубов немаме
И дека никаде
Освен неколку метри под земја нема да стасаме
Дур кантарите не си ги избаждариме
Добрина и чоечност да мерат
Наместо бол
Наместо јад
Наместо нељубов-љубов без мерка да даваме