Сумирав:
1. Дете, здраво и право со напливи и изблици на пубертетски моменти. Рака на срце...и мајката не беше ништо поарна од аспект на климактерични испади. Уште сме 1:1 со Нина.
2. Родители, арни (фала му на Универзумот)...да ми се живи и здрави уште долго.
3. Пријатели, сите на број и сите успешни. Кој смени работа, кој доби дете, кој направи бум со сајт, кој си освои награди по фестивали. Ве сакам многу, си знаете кои сте...и фала што ме трпите и ме сакате во секакво издание.
4. Љубов...Откако Кијану си фати девојка, решив посериозно да се занимавам со љубовниот живот. Башка, лута сум му. Не ми спомна дека имаме open relationship, па јас будала го чекав. Значи, ако го видите и ако праша за мене, кажете му дека му раскинав за озбилно, дека знам оти е до него а не до мене и дека му е простено.
5. Две книги за деца...оваа година беше трета по ред во која ми цвета соработката со Просветно дело. Книгите за деца беа нешто што не сум знаела дека го имам во себе и многу ми е драго што го пронајдов. Јавно и’ се извинувам на ќерка ми за поткраднување на случки и настани од нејзиното секојдневие. Нина сине, ич да не се грижиш...и твоите деца ќе се срамат од тебе. Те сака мама.
6. Една книга колумни...2020 ќе има и нова, со колумните од 2019 година, со колумните од најчитаниот магазин за жени, мојот и ваш Женски магазин. Кој не го лајкнал до нега, изволте, никогаш не е доцна за мудри одлуки. Дечки, вам ви благодарам на довербата, разбирањето и професионалноста. Се читаме на 6-ти јануари.
7. Една книга поезија (или како и да се вика). Најди ми име или во слободен превод....дур ме викаш со љубов, викај ме како сакаш, па макар и љ(г)омце или љ(ч)удовиштенце. Уште ми е пред очи промоцијата, сите прекрасни луѓе кои дојдоа и кои ми ја дадоа својата поддршка, а и оние кои беа спречени да дојдат, ама беа со мене. Жените алтани, змејови, ЖЕНИШТА...кои стоеја до мене и кои ме исчитаа како од нивната утроба да е секој збор откорнат. Ви се поклонувам...и на публиката и на дамите кои имаат име, заедничко....ЉУБОВ.
8. Умот...тука (да бидам искрена-некогаш спастрен, некогаш забеган). МОЈОТ НАЈГОЛЕМ ПРИЈАТЕЛ И НЕПРИЈАТЕЛ. Го знаете она....ај, да спиеме те молам. А тој...еј, чекај уште ова да ти кажам. Така веќе децении. Уште се пазариме за многу работи, па се расправаме, па се мириме...ама имаме заеднички став. Ќе се пишува до крај, што и да значи крајот.
9. Здравје...низ годината што изврви немаше нешто што не ме заболе, макар и за миг. Значи, ме заболе и она што не знаев дека има во човечкото тело како орган. Ама знаете како велат...после 40-тата ако ништо не те боли, не е на арно. Добро е, жива сум.
Ова е отприлика мојата година. Низ сето ова, провлекувани случки, таги, болки, преиспитувања, па малку плачки. Се’ на се’, година која ми помогна да потпораснам уште малку. И ако ви се гледа смешно што една жена за неполн месец ќе полни 48, а зборува за растење, нека ви текне дека годините се само лична перцепција и на огледалото. Патем речено, кога сме кај огледалото...брчки уште по некоја плус, целулитот и свадбарките стојат. Од што јадам гурабии за тоа, почнаа да ми стигаат френд риквести од салони за антицелулитна масажа. Дечки фала, јас на својот изглед работев со години. Мој наклон, ама сакам да си остарам ко шо ми личи согласно она што го бамборам тука и во песните. Решив дека ќе имам години колку што јас сакам да имам и дека кој како ме гледа и дали сум според нечии критериуми стара или не, негов проблем. На крајот...поважно ми е душата да ми остане без брчки и срцето без лузни. Другото и не ме мачи до толку (оти знае некогаш да ме мачи, признавам).
Не сакам да правам планови за годината што следи, ама генерално вака ја замислувам. Сакам да сме живи и здрави, да решам да почнам да се бавам со спорт, да си ја најдам љубовта на мојот (остаток од) живот(от_) и да поднапишам уште една книга. Скромно, нели?
Вам ви сакам здравје, спокој и љубов. Ви сакам година во која ќе се имате себе, вашите најблиски и најсакани. Ви сакам и посакувам година со помалку нервози и политика, повеќе смеење и радост. Вам...што чекате љубов, ви сакам онаква со корени до центарот на земјата.
Вам, што чекате лото...прво уплатете.
Ви сакам сила и верба да ги истуркате сите лоши моменти кои ќе доаѓаат, да имате мудрост да се справите со искушенијата и да надминете се’ што ве унесреќува. Ако сте во лоша врска или брак, ви сакам сила да почнете отпочеток и да го живеете она што го заслужувате. Ако сте несреќни дали во односи со луѓе или на работа, ви сакам сила да си заминете и да почнете поинаку да дишете. Ако сте дозволувале долго време било кој да ве гази, понижува или навредува....ви сакам сила да ја кренете главата и да кажете СТОП. Памтете дека животот ни е овој, сега и тука и дека ако сакате да носите новогодишни одлуки, сега е вистинско време да внесете промени кои долго време ги одложувате од било која причина. Памтете дека стравот од промените е најголемата сопка на среќата. Памтете дека за да уживате во љубовта од другите, треба прво себе да се сакате. И дека немате поголем пријател од себеси.
Играјте, пејте, смејте се...не на новогодишната ноќ, туку преку целата година. Помагајте колку можете, сеедно кому. Пружајте рака, намалете со суетата и носот нагоре. Никој не останал несопнат кога шетал гледајќи угоре. Поминувајте повеќе време со оние кои ги сакате и секогаш, ама секогаш пред да си заминете од некој налутени, потсетете се дека можеби тој пат е последен пат кога сте се виделе. Годината нека ви почне со љубов, кон себе, блиските, светот.
Да сте ми живи и здрави, се гледаме и читаме во 2020-та. Среќна нова...
До следниот понеделнички муабет,
За Женски Магазин, Ана Бунтеска
Драга 2019
ти простувам за сиот бол
сервиран во порцеланско чиниче
декориран со разни дребулии
натокмен со солени додатоци
и озгора златно лајче
еве
ти простувам и за самотијава
(за која искрена да бидам, виновни се и 2018, 2017, 2016...)
за ноќите минати на пенџере
и џарење во уличните светла
а ко си ќор, па подзамижиш
и не изгледа толку лошо
и за тагата ќе ти простам
оти и таа свои убости имаше
та на мигови бев гостин во својот живот
Драга моја 2019
ти благодарам за здравјето и среќата на ќерка ми
за мирисот нејзин како лек што го дишам
и што ме потсетуваше дека смеата со неа
е единствениот мелем за сите рани
благодарна сум ти и за луѓето што ми ги донесе
како долгоочекуван дар што ми ги даде
кои такви какви се, тивки или гласни
создадоа совршена музика во мојава глава
еј
ти благодарам и за “најди ми име”
која од мене излезе навидум од никаде
а и за сите светнати лица кои со мене славеа и плачеа
кои ме изнагалија колку за три века
та од љубов, со љубов се наполнивме
Драга 2019
солидно ме истрпи годинава
со сите подеми и падови
хистерични кикотења и подвиткан опаш
саглам ме поднесуваше и со лошотилаков
и ниту еднаш не ми се налути дур сакав да си одиш
ме научи стрплива да бидам
да омекнам со оние кои околу мене беа
да научам дека вљубеност и сакање исто не е (мајку му!)
главата горе да ми е и кога телово се подвиткува
да се исплачам без срам и лажна гордост
ете
ми покажа дека сум силна колку што треба за да преживеам
и дека знам со сите сетила да љубам
а и ме научи да си го сакам и умот и телово
дури и кога огледалото во мене напукнува
Драга 2019
еве
прости ми и ти мене што не те гушкав доволно
што ми фалат денови поминати во агонија
прости и што груба со тебе бев
и што се инаетев со тебе
прошка ти барам
оти знам дека и тебе со мене лесно не ти беше
ама ете
ниту еднаш не се пожали
ниту пак грбот ми го заврти
прости што не знаев нежна со тебе да бидам
(и ако е некакво оправдување, не беше ти виновна)
и прости што не ти напишав песна
како за љубовник или дете што пишувам
ама знаеш што?
да знаеш дека те сакав најдобро што знам и умеам
на некој мој, малку необичен начин
еве да си простиме една на друга
што велиш, м?
Драга
драга моја 2019...збогум!