Последен понеделник за 2021 година, последна
колумна за годинава. Како мала не ги сакав завршетоците на нештата, особено на
цртаните филмови или кога бевме на гости некаде каде што ми било убаво, не ги
сакав завршетоците на книгите кои ги голтав оти ми беа пасија. Општо, не сакав
кога се назираше крај на нешто, ме фаќаше уплав од она што допрва треба да
дојде како предизвик, искушение или ново искуство. Како што врвеа годините
научив да уживам во фактот дека се’ си има
свој момент на завршување. Научив да бидам спокојна во исчекување на она новото
кое ми го носеше животот. Престанав да се плашам од помислата дека треба да
почнам да испишувам нови страници, туку научив (и уште учам) тоа да го правам
во мир со себе и да уживам во тоа.
Долго се мислев што да напишам во денешнава колумна, дали да биде осврт на она што ми/ви/ни се случуваше во изминатава година или да тргнам без никаков план, туку да напишам она што чувствувам, на начин на кој чувствувам, без да си ставам цензури и без многу да му ја мислам. Одбрав да биде второво, затоа врзете се....полетуваме.
Годинава само ми се потврди колку сме сите исти и колку сакаме исти работи кога се во прашање љубов, здравје и среќа. Без особени мегаломанштини, без некакви желби кои се нерални, сите истото сакаме да го живееме. Секако, секој со своето гледиште за тоа што претставува љубовта и среќата, па и здравјето. Спокојот на домот, присуството на луѓето кои ги сакаме и смирена енергија во која ќе можеме да одмориме, се нештата во кои секој од нас се пронаоѓа.
Ако ја направам онаа листа ЗА и ПРОТИВ кога треба да зборувам за 2021, мислам дека годинава точките и од едната и од другата страна ќе бидат на отприлика изедначено ниво. Единствено мојот оптимизам и желбата да ги гледам нештата од посветлата страна ќе допише некој плус на листата.
Годинава бев сведок на голема хуманост која е се’ уште присутна кај луѓето и која ми влева голема надеж дека човештината во нас е поголема од нагонот за преживување. Од друга страна лута сум на власта, институциите и сите оние кои имаа моќ и начин да ни го олеснат животот во многу сегменти, ама одбраа да се занимаваат со опстојување во политиката и собирање поени кај народот, со ветувања кои вредат колку ланскиот снег.
Годинава бев сведок на започнување на многу љубовни приказни и на завршување на неколку започнати од поодамна. И едното и другото ми измами насмевка, особено што оние кои ги започнаа своите љубовни приказни беа луѓе кои подолго време чекаа на својата втора половина, а од друга страна, оние кои ги завршија своите беа подолго време несреќни и во грч, па конечно им видов насмевка на лицата.
Годинава видов дека за среќа навистина не треба многу и дека човек ако нема здравје, џабе му се и пари и моќ и власт. Точно е тоа дека среќата сами си ја кроиме, видовме дека некогаш сме директно и сами одговорни за сопственото здравје и дека парите нема да ги однесеме во гроб, ниту ќе не’ паметат по тоа колку сме тежеле финансиски, туку емотивно.
Годинава ме болеше заминувањето на повеќе луѓе, некои од болест, некои од тага. Колективно не можам да ни го простам ниту едното ниту другото, оти колку и да си наоѓаме изговори, факт е дека моќта за да се сменат нештата е во рацете на народот. Како што излегувавме на улици за се’ и сешто, можевме да излеземе за да се сменат работите во здравствениот систем и да ни остане достоинството дека на сите придонеси што ги плаќаме за здравството, имаме третман каков што заслужуваме (ова се однесува на состојбата на болниците, опременоста и снабденоста со лекови...не на оние кои се во белите мантили и кои ја покажаа својата посветеност кон професијата). Не можам да си/ни простам за сите оние кои ни заминаа од тага и депресија, кои не можеа да ја изджат болката која доаѓа од душата и која некогаш е многу полоша од физичката болка за која има апче.
Годинава сфатив дека сите сме голтари во животот ако немаме барем неколку луѓе кои ќе ни кажат “те сакам”, “застани, каде одиш”, “што ти е, ти требам ли?”, “не си сам/а” и дека тие се вистинското богатство кое треба да го сочуваме до крајот на животот.
Годинава ме измачи, исцрпи, исчеличи, ме тресна неколкупати од земја, ме воздигна до небеса, ме награди со нови луѓе во животот, ме поштеди од дополнителна болка со тоа што ми тргна неколкумина за кои бев спремна рака да си пресечам. Годинава што изминува ми е одбележана со моите сродни души: Биба, Цеце, Кате, Цули, Невен, Ралев, Тања, Каролина, Евита...и сите вас кои ме читате и кои знаете да ми пишете по некој збор преку кој се препознаваме оти сме исти емотивци.
Ви сакам:
1. Здравје на сите и сите ваши блиски
2. Спокој во душите и мирно да спиете
3. Љубов која ќе ја давате и примате како еден неисцрпен круг
4. Здрав разум за да се соочите со сите препреки и да го најдете вистинското решение
5. Сила и храброст да му погледнете на стравот во очи и да го победите
6. Да бидете повеќе насмеани, отколку тажни и да плачете повеќе од среќа, отколку од тага
7. Решителност да отерате некого во мајчината затоа што ви прави да се чувствувате лошо, запоставено, неубаво
8. Милост во зборот и љубов во истиот
Се надевам дека во годината што следи конечно ќе ги тргнеме маските и ќе можеме да се изгушкаме едни со други.
Нека ви е среќна и бериќетна Новата 2022 година...да ни го донесе она што 2020 и 2021 ни го зедоа без тронка милост.
Да сум ви тука, да сте ми тука, да сме си тука...се читаме следната година. Ве љубам!
До следниот понеделнички муабет,
За Женски Магазин, Ана Бунтеска
Драга
2021
ти простувам за сиот бол
сервиран во порцеланско чиниче
декориран со разни дребулии
натокмен со солени додатоци
и озгора златно лајче
еве
ти простувам и за самотијава
(за која искрена да бидам, виновни се и годиниве
наназад)
за ноќите минати на пенџере
и џарење во уличните светла
а ко си ќор, па подзамижиш
и не изгледа толку лошо
и за тагата ќе ти простам
оти и таа свои убости имаше
та на мигови бев гостин во својот живот
Драга моја 2021
ти благодарам за здравјето и среќата на ќерка ми
за мирисот нејзин како лек што го дишам
и што ме потсетуваше дека смеата со неа
е единствениот мелем за сите рани
благодарна сум ти и за луѓето што ми ги донесе
како долгоочекуван дар што ми ги даде
кои такви какви се, тивки или гласни
создадоа совршена музика во мојава глава
еј
ти благодарам и за сите напишани песни годинава
кои од мене излегоа навидум од никаде
а и за сите светнати лица кои со мене славеа и
плачеа
кои ме изнагалија колку за три века
та од љубов, со љубов се наполнивме
Драга 2021
солидно ме истрпи годинава
со сите подеми и падови
хистерични кикотења и подвиткан опаш
саглам ме поднесуваше и со лошотилаков
и ниту еднаш не ми се налути дур сакав да си
одиш
ме научи стрплива да бидам
да омекнам со оние кои околу мене беа
да научам дека вљубеност и сакање исто не е
(мајку му!)
главата горе да ми е и кога телово се подвиткува
да се исплачам без срам и лажна гордост
ете
ми покажа дека сум силна колку што треба за да
преживеам
и дека знам со сите сетила да љубам
а и ме научи да си го сакам и умот и телово
дури и кога огледалото во мене напукнува
Драга 2021
еве
прости ми и ти мене што не те гушкав доволно
што ми фалат денови поминати во агонија
прости и што груба со тебе бев
и што се инаетев со тебе
прошка ти барам
оти знам дека и тебе со мене лесно не ти беше
ама ете
ниту еднаш не се пожали
ниту пак грбот ми го заврти
прости што не знаев нежна со тебе да бидам
(и ако е некакво оправдување, не беше ти виновна)
и прости што не ти напишав песна
како за љубовник или дете што пишувам
ама знаеш што?
да знаеш дека те сакав најдобро што знам и умеам
на некој мој, малку необичен начин
еве да си простиме една на друга
што велиш, м?
Драга
драга моја 2021…збогум!