Станав татко среде настап, гостите ми ја скинаа кошулата, се славеше со огномет: Пејачот Александар Белов и неговата сопруга Јелена добија ќерка

Добивај вести на Viber

Поп-пејачот Александар Белов сношти стана татко на ќеркичка, која се вика Мина. Неговата сопруга Јелена, се породи во Клиничкиот центар во српскиот град Крагуевац, каде што Белов живее последниве четири години.

Убавата вест, Белов ја дознал на многу необичен начин, среде негов настап за Стара нова година, во еден клуб во Крагуевац. Вели дека кога им соопштил на гостите, според познатиот српски обичај, почнале да му ја кинат кошулата. 

- Пеев во клубот за Стара Нова година, а Јелена требаше да се породи денес, царскиот рез беше закажан на 14-ти, но ете, на бебето му се брзало. Ми придје еден од гостите за време на настапот, и ми рече: „Те молам, испеј ми ја песната „Пепелашка“ (Пепељуга) од Верица Шерифовиќ. Знам дека е тоа женска песна, но станав татко.“ Му ја исполнив желбата на човекот, му честитав и по две минути се случи. Ми стаса порака од Јелена: „Стана татко“. Веднаш им соопштив на бендот, и на сите гости во клубот. Стана уште повесело, се славеше, ми ја искинаа кошулата. Никогаш не се надевав дека ќе станам татко среде настап. Потоа им реков на гостите: Извинете луѓе, јас веќе не сум способен да пеам, уште две песни и толку. Стара Нова година ќе ја дочекате без мене. Немаше лутиш ни од гостите, ни од сопственикот на клубот“, ни раскажа Белов во телефонскиот разговор.

Пејачот вели дека око не затворил цела ноќ. Најважно му е што ќерката и мајката се добри, и се надева дека тој и Јелена ќе бидат одлични родители. Славњето, потоа се префрлило во неговиот дом, со огномет.

- Дојдоа моите пријатели од „Белов бенд“, и уште некои блиски, се славеше со утрово, немам спиено цела ноќ, а и не можам да спијам. Направивме и огномет“, раскажа Белов. И Јелена, која е по професија економист, се чуствува добро и едвај чека со ќерката да си дојде дома. Инаку, Белови во Крагуевац живеат во еден од најубавите и најзелени делови на градот, покрај Шумаричко езеро, во близина на меморијалниот парк Шумарице.

Откако се пресели од Македонија, Белов со неговиот бенд интензивно настапува низ Србија, и вели дека поради пандемијата, за жал, две години не дошол дома, во родното Неготино, да ги види блиските. „Само нека се тие здрави, ќе имаме време за дружење, особено сега кога семејството е поголемо“, додаде пејачот кој кариерата ја започна во шоуто  „Операција триумф“. Во претходно интервју за Женски магазин, Александар раскажа како ја запознал Јелена Станковиќ:

- Приватно се знаеме многу подолго како пријатели, но некако тој вистинскиот чекор јас го направив во периодот кога баш бев учесник во првата сезона од „Танц со ѕвездите“. Тогаш таа изненадно дојде да ми биде подршка на снимање. Таму се појавија тие први искри, неочекувано и спонтано се започна од тогаш, а неколку месеци подоцна ја започнавме нашата приказна која трае до ден денес. А она што најмногу го сакам кај неа е еден подолг список на работи, но само ќе кажам дека Јелена ми е најголемата подршка и мотив, најдобар другар и пријател кој сум можел само да си го посакувам. Едноставно џабе не рекле дека Вага и Водолија е најдобрата комбинација“, ни раскажа Белов претходно.

Милица Џаровска 

Фото: Приватна архива