Стисни „пауза“ или „назад“!
Ние луѓето сакаме навики, колку и да велиме дека нѐ
возбудуваат нови работи и авантури. И веројатно сето тоа е врзано и со годините
во кои моментално се наоѓаме. Кога ќе ми текне на младоста, особено периодот
после завршување на факултетот, ми текнува само на тоа дека живеев од денес за
утре, без некаков план за утрешнината. Бев спремна да ризикувам со нови работни
места, да експериментирам како би се снашла во нови области кои немаа никаква
врска со мојата струка-економијата. Бев убедена (а и спремна) дека ќе менувам
работа на секои 5 години, оти имав некаде читано дека човек секогаш останува
креативен доколку го освежува умот, односно да менува работни позиции.
Еве ме, 20 и кусур години отпосле. 16 години работам на исто работно место (не дека се жалам, оти имам среќа да работам интересна работа и да имам прекрасни колеги), живеам во истиот стан (разликата е во тоа што живеам сега со ќерка ми), за среќа пријателите ми се тие (или поточно, се исфилтрирале и останале оние со кои сме грнче и капаче), љубовниот живот и не ми е баш за машала (ама јас сум од оние наивните кои до смрт веруваат во љубовта и нејзината сила). Се’ на се’, многу малку останало од она како замислував дека ќе биде. Но, интересно е што барем до овој момент ништо не би менувала. За годините наназад задоволна сум со она што направив и која сум.
Верувам во тоа дека само една секунда да се смени од минатото, сиот живот добива сосем нов тек. Можеби ќе беше поарно. Можеби ќе беше полошо.
Прашањето ми е...што ако имаме копче „ПАУЗА“ или „НАЗАД“? Еве, да може да се стисне, знаејќи дека свесно би се вратиле во минатото, со можност да смениме нешто, без оглед дали е некоја ситница или крупна работа. Колку знаеме да бидеме среќни и задоволни со она што го имаме сега и тука и колку нѐ опседнува она што знаеме дека никогаш нема да го имаме? Колку низ животот учиме дека она што го живееме сега е потполно во склад со нашите одлуки, кои од друга страна биле резултат на убедувањата кои ги имаме, воспитувањето од дома и на крај, созревањето како личности.
Пред извесно време ми пиша еден драг пријател кој го знам уште од основно одделение за да ме потсети дека во 7-мо одделение на познатите училишни игранки во тогашното „Браќа Рибар“, ме поканил на танго!
Јас и танго! Прво што ми текна беше „Боже, штом се сеќава на тоа уште има трауми од моето газење“. После, откако се изнасмеавме за моите две леви нозе, се испостави дека неговата девојка го натерала да ме покани на танго, затоа што (како и вообичаено) сум седела во некој ќош и сум била молчелива. Сега, кога се навраќам наназад, таква бев! Молчелива, срамежлива и меланхолична. Муабетот ми беше дека со неговата покана веројатно (колку и да ми било срам и да сум го изгазила по нозете) сум се осетила убаво. Колку еден потег од минатото можеби влијаел на мојата самодоверба (оти да бидам искрена, не бев баш нешто често канета за танцување). А нему, гестот кој го направил веројатно му останал и понатаму како карактерна особина во односите со женскиот пол...да биде внимателен и да има разбирање и за оние кои не се вклопуваат во толпата.
(Не навлегувам во тоа дали ако има копче „НАЗАД“ би се вратил и би го сторил истото, иако гледајќи во каков човек израснал, мислам дека не би сменил ништо. Ж.М., ти благодарам што ме потсети на случкава).
Дали би смениле нешто?
И што?
А најважно....зошто?
Промените повеќе ги сакам како свесна одлука која дошла од искуствата кои попатно сум ги собрала. Еве, во иднина повеќе би патувала. За тоа признавам дека сум инертна и мрзлива. Ми треба да се наканам да тргнам, па ко ќе тргнам мислам на враќањето. Терсене. Некако би поработела на тоа да се опуштам и да бидам поголем авантурист. Ама, отсега па натаму. Оти искуството ми покажало дека џабе каењето отпосле кога сум го пропуштила мигот за некое егзотично патување. Не да се вратам наназад и сменам, туку со овој ум да ја креирам иднината.
Друго...еве би почнала да спортувам нешто. Не за да ослабам, не за да бидам ултра згодна “дападнетеунесвест” жена, туку заради одржување на кондиција и здравјето.
Трето...ќе вежбам да не ме погодуваат неправди и разни ниски удари кои се дел од секојдневието во кое сите горе-долу сме жртви.
Има уште неколку работи кои би ги сменила кај себе за да не ги повторувам истите грешки во било која област од животот, но свесно и како резултат на тоа што ми се потврдило дека не ми влијаат добро ниту на менталното, ниту на физичкото здравје.
Би стиснала пауза само за една работа. Да ме почека животот додека се наспијам и одморам како човек. Верувам дека ова би го направиле многумина, особено младите мајки на кои ќе им порачам да не се потресуваат многу, оти имале право старите кога велат „мали деца-мали проблеми, големи деца-големи проблеми“.
Ете, мене ми треба пауза само за спиење, за одмор. За ништо друго, колку и да ми изгледа примамлива можноста за да ги вратам нештата назад, или да стиснам пауза за да ги коригирам барем малку. Веројатно, доколку би ја имале таа моќ, многумина од нас би ја искористиле веднаш. Па би менувале и менувале додека не си ги направиме животите онакви какви што сме посакувале во најубавите соништа, не водејќи сметка дека некогаш соништата знаат да се претворат и во кошмари. Сигурна сум дека имаше таков филм, на кој сега не се сеќавам! Слободно пишете коментари и потсетете ме на филмот.
Не посакувајте совршен живот. Грешките кои сме ги правеле, ги правиме и ќе ги правиме се неопходни за да се оформиме како личности, да одраснеме некои ситуации и луѓе, да се соочиме со сопствените демони и да продолжиме напред, посилни и поспокојни. И некојпат, стиснете на ПАУЗА во главата и одморете. Од сивилото, од секојдневието, па и од себе...ќе видите дека после ќе имате повеќе сила за сѐ, дури и за најголемите животни предизвици.
До следниот понеделнички муабет,
За Женски Магазин, Ана Бунтеска
да можам назад да се вратам
ете, в рака временско далечинско да имам
и на rewind да стиснам
ќе се вратам на почетокот
ќе вртам назад до мигот ко те сретнав
и во сета наша приказна
само едно нешто ќе сменам
карминот!
да, не туку се смеј
и не ме прави улава
ти велам, да можам назад да се вратам
со црвен кармин ќе бидам
и таква стокмена сиот бол ќе го изврвам
жигосана со бакнежи
облепена со здивови
и ќе тропам со штиклите
небаре можам на асфалтот дупчиња да направам
исправена
со главата угоре и душа удолу што влече
и на усните црвениот кармин
како оној кој баба ми го носеше
со години, децении
за венчавки, повојници и погреби
кога животот славеше
а смртта на живите им наздравуваше
со мал намиг за скорешно видување
со црвен кармин
како од крв бојата да му е дадена
со таков кармин животот се врви
и на секое паѓање
уште еден слој се става
за да се знае дека мора плеќите да ги исправиш
колената да ги зачистиш
косата да ја спастриш
и повторно напред да одиш
со рацете во тупаници
и гордост во чекорот
со очи кои не трепкаат на сонце
ниту пак на дождот замижуваат
оти солзите однатре ти течат
и насмев
насмев на лицето мила
замрзнат и исцрвен
како роза трнлива
како крв на усните да имаш
ете така низ животот се оди драга моја
со црвен кармин
во онолку слоја колку што душата ти тежи
драга моја...