Стопанска банка доделува грантови за реализација на проекти за лица со посебни потреби во рамки на „Сонуваме. Менуваме“
Пред нас е петтото издание на „Сонуваме. Менуваме“ – кампања за подигнување на свеста кај јавноста за потребата од поголема инклузија на лицата со посебни потреби во општеството. Како нераздвоен дел од кампањата, Стопанска банка АД-Скопје повторно ќе им додели грантови во вредност од 20.000 евра на асоцијациите на лица со посебни потреби за реализација на конкретни проекти со кои се поттикнува инклузијата на децата со посебни потреби и се подобруваат условите во средината во која учат и живеат.
Јавниот повик за доделување грантови е објавен на веб-страницата на Банката, а на повикот може да се пријават сите асоцијации на деца со посебни потреби, инвалидитет или со периферни оштетувања. Организациите треба да аплицираат со конкретни проекти кои опфаќаат поголем број деца, овозможуваат континуирана работа со нив преку нови едукативни, инклузивни или физиотерапевтски методи или пак овозможуваат нивна поголема слобода при движењето и извршувањето на секојдневните активности.
Испратените проекти треба да содржат информации за целната група,времетраењето на проектот, целта и очекуваните резултати, буџетот за реализација, како и за носителот на проектот (апликант, асоцијација, здружение и сл.). Проектите, заедно со контакт податоците, треба да се испратат најдоцна до 20 декември 2023 година, на мејл адресата csr@stb.com.mk со назнака „Предлог проект за грант: Сонуваме. Менуваме. 2023“.
Проектите ќе ги оценува посебно формирана комисија од Стопанска банка, а избраните проекти кои добиле финансиска поддршка ќе бидат објавени на 29 декември 2023 година.
Во изминатите години, неколку десетици асоцијации и организации на лица со посебни потреби добија грантови за реализација на повеќе проекти. Дел од нив се специјализирани училишта и институции за деца со оштетен слух или вид, организации за помош и поддршка на лица со Даунов синдром, здруженија за лица со церебрална парализа и др.
Кампањата “Сонуваме. Менуваме“ своја кулминација ќе достигне повторно со театарско-музичкиот спектакл кој ќе се прикаже во МНТво Скопје, во пет термини од 20 до 27 декември. Зад претставата стојат ОхО продукција со омилените ликови од „5+ фамилија“ и режисерот Дејан Пројковски, па очекуваме одлична семејна забава.
Деталите за претставите и продажбата на влезници ќе следуваат наскоро.
Стопанска банка АД – Скопје
На ваша страна
ПР објава