Страв од љубење

Добивај вести на Viber

Ко за возрасна жена (да не речам, во години), имам стравови и тоа не баш малку. Да почнам од баналните. Страв ми е од гужви, особено што знам да добијам напад на паника кој и не е така пријатен за поднесување, а богами ни за гледање. Оној кој не почувствувал, веројатно ми се смее сега дур чита, но оние кои барем еднаш во животот се соочиле со тоа, знаат за што зборувам. Чувството дека сте без воздух и дека колку и да дишете длабоко, градите не ви се наполнети, несвестица, вртоглавица, препотување и тресење. Друг страв ми е оној од авиони. Знам, знам...имам и јас читано дека статистички авионскиот превоз е најбезбеден на светот. Но, тоа и не ми помага многу кога треба (а успешно избегнувам) да летам. Не ми е мене проблем полетувањето и слетувањето, за кои знам дека се најопасни, туку она лебдењето горе. Ми се има случено цел лет да седи стјуардеса до мене и да ме држи за рака, што баш и не и’ беше паметна одлука, оти и’ ја помодрев раката. Кутрата, уште и ми рече да гледам надвор и да видам колку се убави облаците. На тоа доби одговор дека е понормално надвор да гледам луѓе и автомобили, а не облаци. Типично за мене!

Интересно, ама како за женско чељаде не се плашам од инсекти, ниту од змии или гуштери, ама имам паника од бубашваби. Оние гнасните, црни, големи и дебели. И сега додека го пишувам ова, ми се наткрева желудникот од нив. Имам страв од агресивни луѓе, особено од оние пасивно-агресивни кои секогаш, ама секогаш наоѓаат перфидни начини да се чувствувам виновна за нешто, а не знам за што. Единствено што ми помага тука е што низ годиниве научив да ги препознавам и да ги одбегнувам во широк лак. Страв ми е од болести (не од смрт) и од се’ што ме прави да се чувствувам зависна, без оглед дали е тоа емотивно, финансиски или здравствено. Секој облик на немоќ и отсуството на можноста да одлучам сама, ме парализира од страв.

Но, кога се работи за љубов, тука сум безумно храбра. И тоа одам до граници кои и мене некогаш ми се нејасни. Значи, те сакам...ме имаш. Ама целосно, комплетно, без изговори, без премислувања и без оние финти кои почнуваат со “ама”. Кај мене во љубовта нема АМА. Секогаш има начин како да ја искажам, покажам, стојам со сета себе зад неа и никогаш не се каам, дури и тогаш кога некој направил магарица од мене. А не дека не се случило. За љубов сум наивна ко мало дете. И верувам. Ама верувам додека еднаш не ме излажат. После тоа, веќе е друга приказна. После лага која сум ја открила не дека немам желба пак да верувам, туку не можам. А до тогаш, да ми каже некој дека тревата во неговиот двор е црвена, ќе речам “да, црвена е”. Е, до таму одам, што и не е баш најпаметно.

Имам една блиска другарка која често ми вели “Аман бе Ана, не се луѓето како тебе, не верувај секому, не се давај веднаш”. Таа лекција ми е СЕДИ АНО, КЕЦ. Не научив и не верувам дека допрва ќе научам како да бидам мудра. Настапувам искрено со сите оние со кои комуницирам. Не се штедам и не калкулирам. Мојата теорија или мото по кое живеам е дека животот е еден и краток и дека немам време за пресметани односи. Никогаш не ми се случило да ги мерам и вреднувам луѓето според изгледот или позицијата во општеството. Со опроштење, баш ме заболе лев глужд кој си и што си, ако не си човек. Не можам да си го губам времето, кое патем речено е многу зезната категорија, па да планирам 10 чекори нанапред како да постапам или изреагирам за да добијам нешто. Ете, од тоа немам страв, или да бидам попрецизна, ко улава се затрчувам. Поаѓам од тоа дека во суштина сите луѓе се чесни и дека влегуваат во односи (не мислам само на љубовни, туку општо) за да научат нешто, да еволуираат и да дадат.

Ако сме искрени, мене повеќе ми земале отколку што ми дале. Та повеќе љубов и поддршка сум добила од сите вас кои сте тука и кои ме читате, отколку од оние кои сум ги љубела, а земале она што им требало, неспособни да дадат. Не се каам, ама за ништо во животот не се каам. Ниту во еден однос во кој сум била изманипулирана не би постапила поинаку, дури и да имам можност да го вратам времето назад. Не знам поинаку, немам капацитет за поинаку. Впрочем, чуму сето тоа?! Давањето себе и љубењето е сепак и себично. Љубам и давам затоа што мене ми е убаво, затоа што тоа ме полни и исполнува, затоа што ме усреќува. Па не сум јас виновна што за многумина среќата е во земањето, а не во давањето. Да едуцирам не можам и не сакам, да се менувам не доаѓа предвид. Можам само да се надевам дека имам научено нешто попатно и дека ќе знам да се заштитам кога нештата ќе тргнат наопаку. А за наопаку не треба многу. И се чудам секој пат колку малку треба за секојдневието да се одрази на човек и љубовта. И не го разбирам тоа, ама ич.

Да, знам дека ќе звучам грубо, но кај мене нештата стојат вака. Денот ми почнува во 6,30 наутро. Носење дете на училиште, па одење на работа, земање дете и обврски со моите родители, пазарење, активности на Нина, пишување и тоа не само песни туку и колумни, во списанија за деца, проекти. Не ми зборувајте за немање време, оти мене во денот ми фалат барем уште 5 часа за да завршам се’ што сакам и сум наумила. Но, тоа е мојот живот и така сум го наредила. И на сите тие обврски, имам време за оние кои ги љубам. Да се видам (иако не често), да ги слушнам, да сум тука за нив. Не може да ми се случи ако сум нервозна од надвор, тоа да го внесам во приватниот живот. Тие две работи кај мене се строго поделени. Не можа ако некому сум кажала дека го љубам да го оставам на цедило или да ме чека, оти сите овци не ми се на број. Без изговори, ве молам.

Секој пат, кога ќе слушнам изговори од типот дека некој има многу работа за да даде делче од себе ми се блуе. Секој пат тоа ми удира во главата како чекан. Има начини, некогаш само едно “те мислам” е доволно да го светнете денот некому. еден убав збор, еден убав гест, една убава мисла е некому доволно за да биде среќен. Не љубете во грамови, туку љубете. Не давајте изговори, дајте се себе. некогаш, кога ќе сфатите дека можело и поинаку, ќе биде доцна. Оти времето не работи за вас, туку против вас. Да сте ми живи и здрави, денес кажете некому дека го љубите. Ќе ви биде и вам убаво, ќе видите.

До следниот понеделнички муабет,

За Женски Магазин, Ана Бунтескa

Го касапевме времето

секој за себе

во мислите

на свој начин

јас

од моментот на разделување

до повторно видување

ти

од мигот на среќавањето

до кажаното збогум

со поглед вперен во часовник

тик-так- тик-так

до следната средба

до претстојното одвојување

полно желби како шарени џамлии

врзани за заеднички утра

со топло пециво и чај

во јазол преплетени прсти

пареа од вжештени тела

го касапевме времето

без усул

со поглед вперен во стрелките

за да ја изрониме сегашноста

како сув лист низ немирни прсти

и еве сме

секој во своето дувло

лажна сигурност

студени ѕидови

те пишувам повторно и повторно

иако си реков

оти не ќе те мислам

ниту тебе

ниту ноќните прошетки

и случајните допири

 украдените бакнежи

стисокот кој ќе мами “ахххх”

ТИ во мене

а јас со топлина во утробата

одбројувам

уште и упорно одбројувам

а некогаш само бројам зборови

оние за тебе напишани

па се сепнувам

и си велам оти е бесмислено

за потем повторно да бројам

но овој пат зборови кои сум ти ги премолчила

ете така во круг се вртам

дур надвор се разденува и стемнува

и има мигови кога не знам

што би ти кажала повеќе од она

во очите што ми свети

од она што го имаш за себе

а во моите стихови прочитано

го броевме времето

ти на еден

а јас на сосем друг начин

и некаде попатно се изгубивме

во лавиринт заталкавме

заглавени

изгубени во броењето

дури сеќавањата еден за друг не ги одброиме

и кутрите не ги искасапиме

за крај

за навек