Строги правила и големи казни за непочитување: Македонка од Копенхаген, за вондредната состојба со коронавирусот
Кога станува збор за Скандинавските земји: богатството, благосостојбата и високите даноци се само неколку работи што ги имаат како заеднички. Но, кога станува збор за справување со кризата со коронавирус, тие се на многу различни бранови должини.
Додека во Шведска нема никаква вондредна состојба, на 13-ти март, данската социјалдемократска влада објави помалку или повеќе целосно исклучување на јавниот сектор. Потоа, дојде до забрани за социјални собири на повеќе од десет лица и присилно затворање на ресторани и кафулиња.
За состојбата во Данска, разговаравме со македонска државјанка Кристина Силјановска Пецуровски, која веќе три години живее во главниот град, метрополата Копенхаген.
- Вонредна состојба е прогласена моментално, но не се чувствува паника воопшто. Се почитуваат новите правила од поголемиот дел од населението. Сигурно 80% ги почитуваат, но сепак ги има и тие 20% што не почитуваат и поради нив секој ден се носат се построги и построги закони.
Ние се чувствуваме чудно, ни исплашени, ни неисплашени. Некако како светот да застанал. Празни се улиците. Скоро ништо не работи. Само некои маркети и аптеки работат. Другото скоро се е затворено. Јас не одам на работа, но ми е платено тоа што седам дома. Додека мојот сопруг мора да оди на работа бидејќи работи во пекара, прави леб, а без леб не се живее- раскажува Кристина.
Таа вели дека во пекарата кај сопругот работат по посебен протокол односно со посебна униформа, и задолжително маски и ракавици. Максумум по 10 луѓе се на работа во погонот и на минимум 2 метра оддалеченост. Останатите вработени се 4 недели на платена пауза дома, па после тоа доаѓаат тие, па другите се дома и така се вртат во круг.
Кога станува збор за нерационалното купување на големи залихи храна, Кристина вели дека тоа било случај на почетокот, но работите се смениле.
- Пред 3 недели луѓето почнаа да купуваат на големо, но премиерката на телевизија се обрати до сите да не купуваат во големи количини, бидејќи секогаш ќе работат маркетите за храна, и оттогаш е смирено.
Инаку сега во маркет пуштаат само по 10 луѓе, а другите чекаат надвор, додека во аптека само по 5. На секој влез има средство за да ги дезинфицираш рацете, па влегуваш и пазариш, и на излегување пак се дезинфицираш со средстсво кое стои на касите. Вработените се заштитени со паравани пред нив, а стапчињата со кои се одделува храната на купувачите на каса се тргнати заради превенција. На подот се залепени линии за луѓето додека чекаат да бидат оддалечени по еден метар- раскажуваа нашата соговорничка од Копенхаген.
И покрај новите правила кои важат за превенција од коронавирусот, сепак во земјата се уште не е воведен полициски час.
- Немаме полициски час, бидејќи министерката смета дека подобро би било да не сме ограничени и во секое време кога ќе ни се здосади дома да можеме да ја запалиме колата и да свртиме кругче низ градот за да „убиеме“ досада- објаснува Кристина.
На отворено, осносно во паркови и покрај езера, луѓето мора да се движат во правец на стрелките на часовникот за да не се разминуваат меѓу себе.
- Има големи контроли и ако ве видат дека сте тројца или четворица и ако не држите растојание или ако се шетате двајца, а не сте фамилија и не живеете на иста адреса веднаш ве казнуваат со 1500 круни тоа се 12.300 денари- додава таа.
Во јавниот превоз се воведени нови и строги правила кои мора да се почитуваат, инаку следуваат големи казни.
- Јавниот превоз е ограничен, возовите се на половина час, автобусите на 20 минути, метрото на 10 минути, а навечер го исклучуваат. Во автобусите влегуваме од средна врата, бидејќи е забрането да се оди накај шоферот. Исто така во автобус може да се возат само 10 луѓе. Во јавен превоз не смее да се возат настинати луѓе, дури не смееш ни да кивнеш или да ти тече нос, значи не смееш да се возиш ни со обична настинка- раскажува Кристина.
Ако во Данска има вондредна ситуација, во најблискиот сосед Шведска, како што напоменавме ситуацијата е сосема различна и луѓето слободно шетаат, без да се грижат за КОВИД-19. Колку ваквата ситуација ги загрижува граѓаните на Данска, особено поради фактот што Малме и Копенхаген се оддалечени само 10 километри со познатиот Ерсундски мост.
- Никој од Малме не смее да доаѓа навака, бидејќи сите мостови и граници се затворени. Никој не смее да влезе во државата, и аеродормите се затворени. Од Малме и Шведска можат да дојдат само луѓе кои имаат договор за работа, треба да докажат дека работат во Копенхаген и дека немаат услови да работат од дома, па мора да се појават на работа. Затоа не се грижиме дека можеби би дошол некој заболен во нашата држава- објаснува таа.
До вчера во Данска се потврдени 2046 случаи на коронавирус, од кои има еден излечен пациент и 52 починати.
- На сите приватни клиники им е наложено да се затворат и да не примаат пациенти, за целиот персонал да се распредели по државните клиники, за да имаат поголем капацитет за лечење на болните од коронавирус- вели Кристина.
Кога станува збор за процедурата за проверување дали си заразен со вирусот, постапката е многу едноставна.
- Ако мислиш дека имаш симптоми, не смееш да одиш на лекар, но се јавуваш и ти доаѓа екипа дома за да ти направи тест. Ако тестот е позитивен и ситуацијата е посеризона, те носат во болница, а ако си со полесна клиничка слика тогаш остануваш на домашно лекување- заклучува нашата соговорничка.
Д.Караташова
Фото: Фејсбук-страница на Presse-fotos.dk