Суштината на една дама е суптилно да те освои и да те задржи без тренд, без наметнати правила, едноставно моќно и зрело

Добивај вести на Viber

Доаѓа момент каде што треба да одлучиш како ќе старееш. Кој е правецот во кој ќе ги броиш твоите брчки. За мене тој момент беше оваа година, не заради годините кои ги носам, туку искуството кое го оставам позади себе. Во обид да се составам од се што приватно поминував во текот на целата година, одлучив да направам ревија која ќе го отслика целиот мој животен цуклус, минато, сегашност и иднина. 

Се повикав на Вера, Надеж и Љубов, ги извадив сите мои минати состојби и процеси, се преслушав сега и погледнав напред. Знам дека секогаш ми бил важен идентитетот и така ќе остане, не можам да славам туѓи празници кога имам свои, не можам да величам туѓи култури пред да ја негувам својата, и не можам да дозволам никој да ме избрише или униформира и претвори во маса. Тоа е моќта на поединецот, неговата мисла, глас, состојба и визуелен идентитет. 

Па така, во мојот процес на себе дефинирање и со едно богато минато позади мене, одлучив да се посветам на припаѓање. Нашето лично јас не го дефинира политиката, туку чувството за припадност и лична манифестација на сопствениот идентитет. Ако сме од Македонија не значи дека треба да сме заглавени во црно бели баклави, нашето минато е тешко да, но иднината не мора да биде. 

Може да ја интерпретираме во современа верзија на едно секојдневие каде ние ќе дадеме се што можеме како жени, за општеството да може да расте и да се развива. Кога се враќаме на вистинските вредности, оние што тежат и се претешки, добивката е една богата иднина визуелизирана во дамски став и стил, без осуда за туѓи избори и со доволно храброст за соочување со осуда. 

Од ревија на писта, до фотосесија, до сцена, еден стајлинг на три различни жени буди три различни емоции во ист правец, ја вади жената на пиедестал без потреба за китење со лажно перје, без агресивно наметнување на лични ставови. Зарем тоа не е суштината на бидување на една дама, суптилно да те освои и да те задржи без тренд, без наметнати правила, едноставно моќно и зрело. 

Од манекенка на креатор па на исклучителен изведувач, еден стајлинг ги освои сите срца, дури и оние најмодерните што тврдокорно веруваат во наметнати западни вредноста и дискретно се наметна како потребен тренд, тренд да се биде жена. Моќна а кревка истовремено, храбра жена која знае дека животот е поубав кога има партнер покрај неа, кога иднината ја гледа во очите на нејзините деца и старее со достоинство кое приликува на една дама. Секоја на свој начин, секоја своја, секоја совршена. 

Бојана Скендеровски, благодарам за нашата беспрекорна соработка и твојот одблесок на изминатиот Макфест, исклучителна жено