Сузана Турунџиева со ќерката Матеа посети три грчки острови летово: Морето ми ја дава силата и е мој моќен сојузник

Ова лето беше незаборавно за водителката, пејачка и писателка Сузана Турунџиева и нејзината ќерка Матеа. Сузе и Матеа, за нивна летна дестинација ја избраа Лефкада, каде што секое утро, рано, додека плажите уште се празни, објавуваа слики од убавините на овој остров.

На дел од фотографиите изгледаше како Сузе и Матеа да имаат своја приватна плажа, токму поради нивната ранобудност и уживањето во убавите морски слики на почетокот од денот. 

- Ова лето заедно со мојата помала ќерка имавме предизвик да го посетиме островот Лефкада и за среќа успеавме во реализација на идејата. Чистата тиркизна вода, долгите песочни плажи, многуте лагуни и бисерно белите камчиња ме купија за цел живот“, ни раскажа Сузе која сега им се врати на работните обврски, како водителка на Утринската програма на ТВ Алфа. 

- Лефкада е 3 во едно: море, планина и село. Имавме можност да реализираме и некое крстарење и да ги посетиме Кефалонија и Итака. Посебно уживање за мене беше и посетата на големиот водопад во близина на Нидри“, ни раскажа Турунџиева. Вели дека ова летување за неа било ревитализирање на енергијата. 

- Патувањата секогаш успеваат да ми ја ревитализираат енергијата и да ме инспирираат да размислувам на убави нешта, проекти. Му благодарам на морето што ми ја дава неопходната сила и што е мој најмоќен сојузник“, раскажа Сузана за Женски магазин.

Таа е наставник по музичко во ОУ „Гоце Делчев“, и наскоро ќе повторно ќе почне нејзината дружба со учениците, а паралелно продолжуваме да ја гледаме на фреквенцијата на ТВ Алфа.

Сузана е среќна баба Јаков кој во март годинава наполни три години. Јаков е син на нејзината постара ќерка Лора и зетот Филип. Пред неполни две години, таа ја издаде својата книга „Зборотерапија“.

Откако пред шест години почина нејзиниот сопруг Марјан, Сузана Турунџиева утехата ја наоѓа во пишувањето. Книгата која му ја поствети нему почнала да ја пишува само еден ден по неговата смрт.

„Зборотерапија„ е финалниот производ на мојата долгогодишна  потрага по сопственото ЈАС... Тоа е разговор  со мојата душа... Одговори, кои ги откривав одејќи по најдолгиот и најтешкиот пат... Патот до себе, не заобиколувајќи ниту една кривина. Без шорткат и без отстапки. Како што одлучил животот – така! 

Животот е непредвидлива авантура во која не влегуваш  со упатство за живот. Не постои правилник за живеење. Нема видео упатства. Не може ни гугл да ти помогне. Но,  ако свртам поглед наназад, (а не го сакам тоа)  во мојот живот, мене ми се случуваа „сценарија“ кои многумина ни на филм ги немаат видено. Јас сето тоа го доживеав, и го преживеав. И останав на нозе. Насмеана, распеана и благодарна на животот за секое искуство кое ми беше дадено. Терапија ми беа семејството, моите деца, сега и моето внуче, мајка ми  како столб и потпора на сите нас, и секако музиката која никогаш не ме напушти, дури и тогаш кога јас ја напуштив нејзе. Тие се мојата терапија, и поради нив јас не престанав секоја солза да ја претворам во насмевка, и секоја болка и тага да ја лекувам со музика. Дури и во моментите кога бев скршена од болка. Музиката ме држеше „за рака“ и ме постетуваше дека е тука, и дека секогаш ќе биде со мене, до мене, во мене, за мене.“, рече Сузана во претходно интервју за Женски магазин.

Милица Џаровска

Фото: Приватна архива