Сведоштво на Менсур Ѓунеш за земјотресот во Турција: Другарот ми почина од срцев удар, додека се тресеше земјата

Менсур Ѓунеш (59) живее во Истанбул, а со мислите е во Искендерун, градот за кој го врзуваат многу спомени и пријателства. Се уште не може да поверува дека убавите историски зданија, згради и куќи за миг станаа рушевини.

Во вчерашниот земјотрес кој го погоди југот на Турција покрај самата турско-сириска граница најлошо поминаа Газијантеп и Искендерун, каде ретко останала цела зграда.

- Веднаш штом ја слушнав стравичната вест, почнав да се јавувам кај пријателите. Не беа достапни. Рацете ми се тресеа, душата ме болеше. Го молев Бога само да се добри. Постојано стигнуваа вести за ситуацијата во погодените места од стравичниот земјотрес. Не можев да ги сопрам солзите од жал за сите изгубени животи. Успеав преку WhatsApp да се поврзам со еден пријател. Беше во шок, едвај зборуваше. Ми рече дека сé се случувало како на филм. Пукале прозорци, паѓале греди. Тој ми ја соопшти и страшната вест за мојот добар другар Кијасетин. Починал од срцев удар во својот стан додека се тресела земјата.– ни изјави Ѓунеш во телефонскиот разговор.

Живеел и работел во Искендерун неколку години. Кога се вратил во Истанбул, двапати годишно го посетувал местото, за да се сретне со пријателите и поранешните колеги.

- Успеав да стапам во контакт и со една моја пријателка. Зградата во која живееше со своите родители е разрушена. Едвај зборуваше. Го слушнала гласот на својот татко под рушевините. Но, не и на нејзината мајка. Се надева дека ќе се случи чудо. На двајца мои другари куќите им се срушени до темел, но никој од нивните семејства не настрадал. Седат под импровизирани шатори и велат дека ги имаат потребните услови. Турција е во голема жалост, но покажа голема спремност за помош на настраданите. Веднаш се упатија екипи од поголемите градови и ја пружија неопходната поддршка на народот кој живее во погодените подрачја од разорниот земјотрес – заклучува Ѓунеш, кој е роден во Македонија и живеел во земјава до својата тригодишна возраст.

С.А.Н

Фото: Инстаграм