Свето Тројство
* Однапред се извинувам за користениот речник, задржувам
терминологија без три точки заради автентичност
Домачица у кујна, Дама на улица, Курва у кревет.
И по мое, додади уште успешна бизнисменка/старлета/кариеристка…зависи која во кое се пронаоѓа.
Одиме по ред, Македонска дефиниција по стандарди на спротивниот пол, за да си соодветна жена за сопатник, треба да си ков шест во едно.
Одиме по ред, дефиниции за горенаведените по локални стандарди и сфаќања.
Домачицата - мора да знаеш какви сарми правела мајка му и истите да ги владееш со вештина на чукун бабата што тлее во тебе. Секогаш да има дома зготвено, со полн фрижидер што нормално сама си го мкне од маркет, да знае да меси, сервирањето на маса да е по мишелински стандарди и ко од шала да ја спрема онаа лесната торта со бисквити и пудинг, реформ ја чуваме од Велигден за роденден.
Дамата - никако не пцуе, не ја личи. Нема социјални медиуми, евентуално користите заеднички, на страна од твојот што не го знае. Се облекува ко за во храм со должини, деколтеа и бои соодветни за пресвето лице, секогаш нашминкана фул, ама онака ко за на свадба, косата изфризирана, нема врска што нема време да дише, ноктите средени ама никако црвени, нешто нежно, дискретно, да не привлекува внимание. Не пие, не пуши, тивко зборува, и по можност на све клима со главата Да.
Курвата - е таа брате излегла од најнова видео продукција филмови плус 18, таа е од оние што после неа нема назад , со неа се фалиш по другари, ја снимаш, ја тераш да ти праќа слики, фрштат вешови, комбинации, држ не дај…
Е сега магичната формула за совршена жена, спои ги овие три во една, додади една од моите опции, ти да си и втор, малку светки, малку штикли, протреси и воала, добиваш Совршена Сопруга за везден.
И тоа што ме извади од памет, што бајкава од погоре за жал е сѐ уште валидна, и стои на побарување. Па така, лека полека категорииве се двојат на сам по сам, секоја една девојка околу мене станува благо фрустрирана и не знае кај тера, маживе се шифра очај, бараме љубов на инстаграм или кој и да е од социјалнине дебилитети…во магичен круг на разочарувања, се броиме на секој следен, само заради однапред формирани погрешни критериуми. Пред некој ден еден мој пријател ми рече, добро бе жено, направи се овоземски можно на интернетов за да ги избркаш сите мажи од тебе. Или си полугола, или си со статуси за подршка на женски права, животни или мода нешто мудруваш.
Моето прашање до сите што ме читате, а сте во мизерни врски или мизерни сами со себе е, Дали знаете точно што сакате и дали тоа можете да си го кажете на себе во една едноставна реченица? И дали сте достојни да возвратите на критериумот кој го барате?
Јас знам. Знам и што не сакам. Не сакам да бидам осудувана за мојата кариера, не сакам да ме ставаат во позиција да треба да изберам. Тоа етикетирањето си се подразбира веќе, јавна личност сум, нека си го. Но, во реалноста тоа што се бара од денешната жена и тоа што се нуди за возврат нема ниту една допирна точка. Очекувањата не уништија, и како пријатели, и како партнери. Очекуваме од другиот, а не работиме на себе и личните психози.
Ошо вели, совршениот маж барал совршена жена и кога конечно ја нашол, таа не го сакала него, таа го барала совршениот маж. Не постои совршено, постои само заеднички правец. Постои работа на себе, сам по сам, исполнување на лични соништа и амбиции, валидирање на успех, а не материјални придобивки, заеднички борби, страствени вечери поминати под отворено небо, планови кои знаете дека нема да се остварат а сепак ги планирате. Дека затоа се сака, за да се надополнуваме, а не дефинираме. За да градиме заедно, да бидеме пријатели, да си ги подржуваме индивидуалните соништа и да си веруваме. Не се обидувајте да се сместите во соодветен фолдер на телефонот, отворете го срцето со цел да бидете повредени. Не сте свесни колку ќе добиете од таа повреда, колку вреди тој пораз.
Јас сум Ивана Кнез, жена, мајка, сестра, кралица, прелепотица, кариеристка, курва, дама, домачица, старлета, спонзоруша….Кој како заслужил.
Се читаме следната недела.