Светот во шок од македонскиот волшебник на клупата и младите јунаци на теренот

Добивај вести на Viber

Македонија – Унгарија 27:27. Информацијата делува како сон, но само за оние кои што не го гледаа вчерашниот натпревар.од настапот на македонската репрезентација на светското првенство.

 А сигурна сум дека овој резултат силно ќе одекне низ целиот свет и ќе им објасни на сите дека Македонија конечно ја заврши смената на генерации и има што да му понуди на ракометниот свет. Бевме толку блиску до победа, само 40-тина секунди нѐ делеа од сензација.

Лазаров на време повика и тајм аут. Но, нашите млади и феноменални јунаци како малку да се подисплашија од неочекуваната можност за победа и не успеаа мирно и сигурно да го завршат нападот со уште еден гол и да го досредат грогираниот противник. Следуваше молневита контра на Унгарците, како реакција на нашиот подарок и гол за нерешно. Многу слично како на еден натпревар со Данска, пред многу години, кога имавме напад за победа, а во контра Хансен и другарите нѐ казнија и загубивме. Да, овој бод е голем како планина, и за нас, и за Унгарците. За нас, затоа што конечно после неколку првенства, успеавме да освоиме некој бод со некоја ракометна велесила, а за Унгарците – затоа што беа речиси победени, што подоцна и призна нивниот селектор. Можеше да биде и подобро, но и полошо. Водевме со 4 разлика во првото полувреме, но подоцна губевме и со три разлика. Бевме долго време во егал со моќните унгарски џинови и игравме гол за гол, па можеби овој нерешен резултат е и најреален исход.

Македонија играше како сериозен тим, кој знае што сака. Сигурно и тимски, со долги напади, со само 9 технички грешки, со користење на сите грешки на противникот. Со октоподот Митревски на голот, со новиот голем лидер Кузмановски и со одличниот организатор Митев. Нашата одбрана ротираше и сите што играа во неа жестоко се бореа со физички моќните Унгарци, чија одбрана личеше на непробоен бедем. Нивнио млад голман нѐ изненади и фати многу топки, но нашата упорност, инает и дрскост до последната минута, нѐ одведоа до позитивниот резултат.

Промашивме два пенала и ќе мораме да бидеме покоцентрирани при нивното изведување. А можеби треба да најдеме и трет пеналџија, покрај Серафимов и Кузмановски. Погодивме и неколку стативи. Погодија и тие. Тоа е ракометот. А Македонија секогаш знаела како се игра овој спорт. Со оставање срце на теренот. 

Унгарија е ракометна велесила. Беше петта на последното Европско првенство, а учестуваше и на Олимписките игри. Има феноменални играчи, кои играат во најдобрите европски екипи, Веспрем и ПИК Сегед. Знаевме дека ќе биде многу тешко со нив, но знаеше и нивниот селектор Чема Родригез. И ги предупреди своите играчи. Но, налетаа на една млада и полетна Македонија, полна со самодоверба и како никогаш порано, компактна, борбена и еднствена како тим. А дополнително и шокирана од ненадејната загуба на нивниот драг учител Александар Јовиќ и со желба да одиграат во негова чест.

Ова е деветто ракометно првенство за Македфонија и седмо светско првенство по ред. И многу поголеми спортски нации го немаат овој континуитет. Но, утре е нов ден и нѐ очекува нов противник. Брзата и негзодна Холандија, која без проблем нѐ победи пред неколку години. Со паметна и моќна игра како против Унгарија и со ракометниот волшебник Лазаров на клупата, сигурна сум дека ќе им се реваншираме на лалињата.

Соња Алексоска Неделковска

Фото: Ракометна федерација на Македонија/ Фејсбук