Светски ден на книгите за деца: Читањето не е морање, туку длабоко небесно орање

Роденденот на Ханс Кристијан Андерсен, данскиот мајстор на бајките (2. Април 1805.), секоја година се одбележува како Светски ден на книгите за деца, ден –потсетник на моќта на читањето и на улогата на книгите во воспитанието на децата. 

-Книжевноста за деца не е кума лиса и баба меца, таа треба да носи ука, или без или со многу бука. Малку бука не чини, ни денот – ден го дени, ни ноќта – да ја засени. Мустаќ да се усука, да се мисли-премисли, да се смисли какво семе да се засади во кое време. Книга-мига за да никне, за да цветне, за да летне и пак до нас да е, да нѐ мае; да се прочита и пак отворена да ни зјае. Да чекаме уште, да ни фали. Да нѐ гали, и големи и мали. Да ни влезе в сон и оттаму да изнесе смеа еден тон. В кревет да ни легне, по скришното да ни посегне; да нѐ храни, да не ни бара мани, да не ни вика „рано стани“, ништо да не ни брани – вели ФБ- постот на писателката Оливера Ќорвезироска на денешниот Светски ден на книгата со кој таа им го честита на сите – родители и деца, писатели и наставници.

-Книжевноста за деца не е земно морање, таа е длабоко небесно орање – вели Ќорвезироска.

Денот се одбележува од 1967 година, кога Светскиот борд на книги за деца и млади го промовираше како ден за поттикнување на децата кон читањето и за поширока промоција на литературата за деца. Читањето има значајна функција во психолошкиот развој на детето, ја подобрува неговата способност за учење и за правилно однесување во светот кој постојано се менува.