Светско, а наше: Александра Стоилова се натпреварува за Австралија на ЛОИ, но со гордост би изјавила дека е Македонка

Добивај вести на Viber

Летните Олимписки игри 2024 година во Париз се во полн ек. Секојдневно се одржуваат неколку натпревари во повеќе спортски дисциплини. Дел од нашите натпреварувачи порано го завршија своето учество на Олипијадата 2024 година, но една девојка која по потекло е од Македонија, а е родена во Австралија ќе се натпреварува во атлетика, токму под боите на оваа далечна земја.

Станува збор за 19-годишната Александра, а нејзините родители како млади отишле да работат и живеат во далечната Австралија.

Тие со гордост зборуваат за нашата земја и откриваат дека Александра по овогодинешната Олимпијадата во Париз ќе учествува и на светскиот натпревар во атлетика во Перу, и доколку ја прашаат со гордост би изјавила дека потекнува од Македонија. 

За нејзината кариера, почетоците, но и нејзините идни планови зборуваме со нејзината мајка Валентина Стоилова, која и самата се занимавала со атлетика и има постигнато рекорд, која вели: „Александра има само 19 години и е носител на неколку национални титули на 100 метри. Последната титула ја доби овој април како 18 годишна во Аделаида кога се натпреваруваше во дисциплината 100 метри, помали од 20 години“. 

*Колку време живеете во Австралија, кога заминавте?

- Јас заминав за Австралија во 1995 со мојата најстара ќерка. Александра е родена тука во Кембелтаун, Сиднеј Австралија. 

* Како се развиваше спортската кариера на Александра и дали таа сакала како мала да биде спортистка?

- Уште од мала Александра вежбаше фудбал и атлетика. Во двата спорта беше многу добра бидеќи како и мене има натпреварувачки дух. Кога почна да се натпреварува за основното училиште во атлетика, многу тренери го препознаа нејзиниот талент и почнаа да ја бараат да се натпреварува за нивните клубови. Меѓутоа ние останавме во нашиот локален клуб, а потоа кога почна да оди во средно спортско училиште се пресели во Westfilds Sports club. 

* Александра ќе учествува на Олимписките игри во Париз, ќе игра под Австралиското знаме, но дали открива дека има потекло од Македонија? Во која дисциплина ќе се натпреварува?

- Александра ќе се натпреварува во дисциплината  4*100 и на Летните Олимписки игри ќе ја претставува Австралија. Таа е многу горда од нејзиното потекло и ако ја прашаат  со гордост ќе изјави дека е Македонка.

Селектирањето на Александра да се натпреварува на Олимпијадата во Париз е прекрасно изненадување, но и очекувано бидејќи таа работеше многу за да стигне до овој степен каде што е сега. После завршувањето на средното училиште, Александра доби полна стипендија да оди да студира и тренира во Соединетите Американски држави, каде во последните две години живее и студира во Јужна Каролина. 

* Дали доколку добие понуда, би се натпреварувала и за Македонија?

-Да. Ако ѝ се понуди на Александра да ја презентатира Македонија, таа со гордост би ја прифатила понудата.

* Доаѓате ли често во Македонија? Кое ѝ е омилено место на Александра, место кое сака да го посети кога ќе биде овде?

- Откако почна по професионално да се занимава со атлетиката, малку поретко доаѓаме во Македонија, бидејќи мора да тренира за натпреварувањата. Но кога доаѓаме, најчето шетаме низ цела Македонија бидејќи секој дел од Македонија е прекрасен. 

* Која македонска традиционална храна редовно ја подготувате и ја има на вашето мени?

- Супа од кокошка, гравче и мусака се дефинитивно на нашето мени многу често. 

* Дали Александра која е млада девојка сака да се занимава професионално со спорт во иднина или сака да студира?

- Александра има само 19 години. После Олимпијадата има светско првенство во Перу, каде ќе се натпреварува на 100 метри индивидуално, и на  4 *100 штафета, а резерва е за 200 метри. Таа веќе студира и се занимава со атлетиката професионално. 

* Која е вашата желба како родител за неа, каде би сакале да ја видите за 10 години од сега?

- Како родител кој исто така се занимавал со атлетика и во 80- тите имав рекорд на 100 пречки, се надевам дека ќе се занимава со овој прекрасен спорт уште многу долго, а и дека ќе учествува на многу идни светски првенства и олимпијади, а ако даде Господ, можеби ќе ги носи и прекрасните црвени бои на Македонија.


Наталија Миланова