TAA E…Анжелика Колева: РАКОТ МИ ГИ ОТВОРИ ОЧИТЕ, МЕ ПОТСЕТИ ДЕКА СУМ ЖИВА, ДА ГЛЕДАМ ПОИНАКУ НА ЖИВОТОТ
Таа е дефинитивно една од моите жени-карпи.
Своја, храбра, истрајна и огледало на мојата душа, ако веќе треба да се наслика
душата. Ме освои уште пред години, на прва, со силните бои и вечниот мотив,
жената. Додека не се огласи и јавно проговори за канцерот на социјалните мрежи,
ниту оддалеку не можеше да се насети пред каков предизвик стои. Таа е
инспирација, не само за создавање песни, туку е инспирација и поттик за секоја
жена која се соочува со ракот и која започнува да војува со него. На секое
прашање за тоа како е и дали е во ред, секогаш со насмев велеше дека ќе излезе
победник и дека сета таа борба ќе ја остави зад себе и ќе продолжи да биде тоа
што е. И ете ја сега, уште многу посилна од порано, полна сила за да создава,
полна љубов кон себе и сите околу неа.
Со голема чест, љубов и задоволство ви ја најавувам мојата денешна гостинка во ТАА Е...
Ladies and gentlemen…Анжелика Колева!
* НЕ СИ АКАДЕМСКИ СЛИКАР, НО ТВОИТЕ ДЕЛА ЈАСНО ПОКАЖУВААТ ДЕКА ТАЛЕНТОТ И УПОРНАТА РАБОТА СЕ ДОВОЛНИ ЗА УСПЕХ. ОД КАДЕ ЉУБОВТА КОН СЛИКАЊЕТО?
- Не сум академски сликар.Љубовта кон сликањето и креативноста доаѓа од мали нозе.Откако паметам за себе тоа ми беше пасија, да обојам сенешто. Дури, како дете фарбав по дома ѕидови, плафони, цртав по нив, па дури и фасадата од нашата куќа. Никогаш не ми беше досадно, ниту пак ми досади да творам. Се префрлав од една креативност на друга. Додека децата беа мали, се пренасочив на цртање на нивните торти, им ја украсував храната итн. По природа сум перфекционист и за мене, упорноста да го реализирам тоа што сум го наумила секогаш ме држело во тоа што го работам. Често изјавувам дека секој ден учам и се усовршувам. Додека сме живи учиме. Талентот ако не се надградува со упорно работење ќе згасне.
* ВО ТВОИТЕ ДЕЛА ДОМИНИРА ЖЕНАТА КОЈА Е СЕКОГАШ ПРЕТСТАВЕНА КАКО ВОЗВИШЕНА, ХРАБРА, СВОЈА. ЗОШТО ТОКМУ ЖЕНАТА ТИ Е НЕПРЕСУШНА ИНСПИРАЦИЈА?
- И самата го даде одговорот на ова прашање, токму од истите причини кои што ги наведе. Жената за мене е непресушна инспирација, тргам прво од самата себе. Секоја емоција ја пренесувам преку мене, емоциите на другите жени, нивната/мојата храброст, како се носиме во и со животот, колку сме свои итн. Пред се’ мојата мајка. Жена која најчесто ме инспирира и ме турка да движам понатаму. Жена со големо Ж. Жена која цврсто стои зад проблемите и лошото животно искуство. Жена која што животот ич не ја милува. Таа е мојата најголема инспирација. Показател како една жена треба да се носи со сите проблеми. Кога ќе погледнам во неа и во сите нејзини брчки (секоја приказна за себе) си велам: Немој да си се осудила да плачеш и самосожалуваш, и те како си привилигирана! Благодарна сум и што одгледала жена каква што сум денес. Еве јавно имам шанса да и’ се заблагодарам. Ти благодарам мајко за животот што ми го дари, за се’ што ме научи, за се’ што ме учиш, најмногу за тоа каква жена сум, што ме инспирираш со својата големина како личност! Те сакам!
* ЧИНАМ ДЕКА ПРВА ЗАПОЧНА СО СЛИКАЊЕ НА ГРАМОФОНСКИ ПЛОЧИ, КОИ ДЕНЕС ВО ЕРАТА НА МОДЕРНАТА ТЕХНОЛОГИЈА СЕ МНОГУ РЕТКО КОРИСТЕНИ. ДАЛИ ИДЕЈАТА ТИ БЕШЕ ДА ИМ ДАДЕШ БЕЗВРЕМЕНСКА РАМКА?
- Идејата за грамофонски плочи дојде многу одамна во моите тинејџерски денови, значи многу одамна пред 36 години. На моја четиринаесет годишна возраст бев избрана за најубаво облечена девојка во една дискотека во Струга, на летен одмор. Добив грамофонска плоча како награда, која за жал или за среќа се извитка во кола од топлината. Ми беше жал да ја фрлам и оттука тргна патешествието со нив. Почнав да разлевам разни материјали, топев восок, бои, шминки...сенешто. Оттука тргна и разлевањето и апстрактната уметност, која и ден денес ја обожувам. Целата таа мистериозност во неа и откривање на приказните. После таа плоча следеа уште многу, ни сама не знам колку се на број. Често ги истакнувам како моја прва љубов во уметноста и мој печат во истата. Едно време ги снема, но потоа почнаа колекционери да ме контактираат, знаејќи што правам со нив почнаа да ми носат оштетени винилки на кои јас им давам нов живот и вечност. И да, јас им дадов и им давам безвременска рамка.
* “ФРАГМЕНТИ ОД ЕДНО ПОСТОЕЊЕ” Е ТВОЈА ШЕСТА ПО РЕД САМОСТОЈНА ИЗЛОЖБА, ЗА КОЈА ИНСПИРАЦИЈА ТИ БЕШЕ ИЗВОЕНАТА БОРБА СО РАКОТ НА ДОЈКА. КОЛКУ ОВАА ИЗЛОЖБА ТИ БЕШЕ ЛИЧЕН ПРЕДИЗВИК?
- "Фрагменти од едно постоење", изложба која што едноставно дојде сама од себе. Ги собрав сите парчиња од себе, се собрав и се ставив на платната и плочите. Таа година и пол ја заокружив во таа изложба и половината век од моето постоење. Целиот тој трнлив пат од денот на самото сознание за ракот, терапии и се’ она што ме следеше тој период. Целата борба, болки, смеење, плачење, се’ е во тие платна.
* СЕКОЈ КОЈ СЕ СООЧУВА СО КАНЦЕР, ПРВО СЕ ПРАШУВА “ЗОШТО МЕНЕ?”. ОД ТОА ШТО ГО ГЛЕДАВ КАЈ ТЕБЕ НА СОЦИЈАЛНИТЕ МРЕЖИ ВИДОВ ДЕКА ВО НИТУ ЕДЕН МИГ НЕ ТЕ НАПУШТИ ВЕДРАТА МИСЛА И ОПТИМИЗМОТ, ТУКУ НАПРОТИВ, КАКО ДА ДОБИ НЕВЕРОЈАТНА СИЛА ЗА ДА ИЗВОЈУВАШ ПОБЕДА. КАКО СЕ ИЗБОРИ СО КАНЦЕРОТ, КОЈА МИСЛА ТЕ ВОДЕШЕ ЦЕЛО ВРЕМЕ?
- Нормално дека се запрашав "Зашто јас"-но денес поинаку гледам на сето тоа. Ракот ми ги отвори очите, ме потсети дека сум жива, да гледам поинаку на животот. Да се гледам себеси повеќе од претходно, да обрнам внимание на убавите нешта. И тоа се случува. Не ги потиснувам емоциите за кои што изгледа не било доволно само да ги сликам. Се менувам и ми успева. Ракот ме промени, ми ја врати самодовербата, храброста, темпераментноста, издржливоста. Ја врати онаа Анжелика што по пат скршна некаде. Знае пак да каже "НЕ", "Не сакам", Не можам" . Добро ме освести и сега не ми треба веќе (се смее). Не ме напушти ведрата мисла затоа што почнав да се радувам на секое утро, благодарна што сум жива. Не планирам ништо и не брзам никаде, оставам моментот да ме води. Ден за ден. Чудно е колку се освестуваме после ваква состојба. Се радуваме на ситни нешта. Освен здравјето и животот, се’ друго ни станува безвредно. После се’, знам дека сум одбрана да го извојувам овој трнлив пат до самоосвестување. Видов и осетив, се’уште чувствувам што значи борба. Верувај, најтешка е таа борба која ја војуваш со некој си непознат, без лик и облик, непредвидлив непријател кој си се населил без да сакаш. И на крај, сфаќаш дека во суштина тој/тоа те поттикнал да се бориш со сам себе. Откако ќе извојуваш победа, ќе се запрашаш: Каде бев овие години? Оптимизмот никогаш нема да ме напушти затоа што верувам дека после секоја бура, изгрева сонце. Среќна сум, во целиот тој процес од две години ми се прошири фамилијата. Мојот постар син се ожени, добив внуче кое секојдневно ме полни со позитивна енергија. Знаеш Ана, лошото и доброто се брат и сестра, одат заедно рака под рака.
* ШТО БИ ИМ КАЖАЛА НА ЖЕНИТЕ КОИ СЕ СООЧУВААТ СО РАКОТ НА ДОЈКА И ПСИХОЛОШКИОТ МОМЕНТ НА НОСЕЊЕ ОДЛУКА ЗА ОТСТРАНУВАЊЕ НА ДОЈКИТЕ ИЛИ ГУБЕЊЕ НА КОСАТА ПОСЛЕ ХЕМОТЕРАПИЈА?
- Често говорам гласно за мојот случај. Би им препорачала превенција, редовни контроли, мојот беше откриен на редовна контрола. За сите оние кои зачекоруваат по овој пат и се борат со ова зло: Бидете јаки, храбри, пешачете, правете се’ што љубите, не го јадете тоа што ве јаде вас. Не тагувајте за косата, таа расте. Јас лично многу работам, пешачам, читам, медитирам, слушам музика. И после две години имам болки, болат коски, сменето ми е телото, но не придавам значење на се’ што поминав и поминувам. Борбата ја водам јас и никој друг. Тоа е мојот живот, јас се носам со тоа и нема потреба да кукам. Сакам да извојувам победи во секој сегмент од мојот живот. Ме водеше и ме води мислата дека утре ќе биде подобро, мислата дека сум жива и тука за мојата фамилија, мајка ми, сестра ми.
* ДАЛИ СИ СЕГА ПОСИЛНА, ПОХРАБРА И ШТО ОСОЗНА ЗА СЕБЕ?
- Уф да, посилна и похрабра, впрочем не сум ни била свесна колку можам да издржам. Осознав дека после се ова нема нешто што не можам. Се’ можам.
* ИМАШ СВОЕ, ШАРЕНО КАТЧЕ ВО НАСЕЛБАТА КИСЕЛА ВОДА. КАКО ИЗГЛЕДА ЕДЕН ТВОЈ ДЕН ВО КОЈ СОЗДАВАШ ПАРЧЕ УМЕТНОСТ?
- Каде што ме има мене, се’ е шарено. Творам и во мојот дом и во мојата галерија. Насекаде ме има. Кај мене не се разликуваат многу деновите. Наутро, прво се заблагодарувам на некој таму горе што ми дава можност да се разбудам и да погледнам надвор, па почнувам да се грижам прво за себе и моите потреби (што претходно не беше така). Приоритет овој пат сум си јас .Додека си пијам сок или чај, си размислувам што ќе ме направи среќна тој ден и така излегувам од дома. Во моето шарено катче секој ден е нова инспирација. Секој ден создавам нешто ново. Постојано излегува нешто од мене за творење. Тоа е мојата мисија. Создадена сум да создавам.
* ИМАШ ЛИ ОМИЛЕН/А СЛИКАР/КА КОЈ/А И ЗОШТО ТОКМУ ТОЈ/ТАА?
- Срамота е да ви кажам дека немам омилен сликар/ка? (се смее). За мене, сите што прават нешто (рачна изработка) се уметници. И се восхитувам на секој од нив.
* НА ТВОИТЕ СЛИКИ ДОМИНИРААТ СИЛНИ БОИ КОИ РАСКАЖУВААТ ПРИКАЗНИ. ШТО СЕ ЗА ТЕБЕ БОИТЕ, КАКО ГИ ДОЖИВУВАШ?
- Отсекогаш сум пркосела со боите. Колегите често ми кажуваат дека сум смела во начинот на кој сликам. Користам јаки и доминантни бои, најмногу црвената која ја обожувам. Во уметноста (според мене) нема правила. Тоа, или го имаш или го немаш во себе. За мене, боите се живот, радост. Боите ме разигруваат, ме прават среќна.
* ДАЛИ СПРЕМАШ НЕШТО НОВО, НЕШТО ШТО ЌЕ БИДЕ ОДРАЗ НА ТОА ШТО ТИ СЕ СЛУЧУВА СЕГА ИЛИ НАГОВЕСТУВАЊЕ ЗА НЕКОИ НОВИ ПОГЛАВЈА ВО ТВОЈОТ ЖИВОТ?
- Сега за сега не спремам ништо. Како што кажав и претходно, ништо не планирам пред време. Во моментов испробувам нова техника, која сакав да ја почнам поодамна, но сега и’ дојде времето. Се работи за некој вид на вајање и обликување на ликови и разни фигури од релјефна паста на платна. Тоа за почеток, па потоа би пробала и на ѕидови. Тешка е пастата за работење, ми успеа и сега сум фокусирана на тоа. Па живи и здрави да сме, може и една изложба понатаму со тие слики (се смее).
* “ЖЕНА ЗА ЖЕНА” БЕШЕ СИМБИОЗА НА ТВОЈА СЛИКА И МОЈА ПОЕМА. КОЛКУ Е ВАЖНО НИЕ ЖЕНИТЕ ДА СМЕ СИ ГРБ ЕДНА НА ДРУГА?
- Многу е важно ние жените да сме си грб една на друга. Сите имаме свои борби, не мора да е болест во прашање. Жена со жена ќе се разбере, ете како во нашиот случај. Јас насликав емоција, ти ја протолкува и ја стави на хартија. Не знам маж дали би ме разбрал (се смее). Секако дека треба да сме си грб една на друга.
* АКО ПОВЛЕЧЕШ ЛИНИЈА, ШТО БИ СМЕНИЛА ВО МИНАТОТО ИЛИ ВЕРУВАШ ДЕКА НИКОГАШ НЕ БИ БИЛА ТОА ШТО СИ СЕГА АКО БИЛО ПОИНАКУ?
- Не би менувала ништо од минатото, освен што би сакала да се тука луѓето, кои веќе не се покрај мене. Најверојатно сето тоа ме направи ваква каква што сум. Јака, храбра, упорна.
* ЗА КРАЈ, ДАЛИ ИМА НЕШТО ШТО БИ САКАЛА ДА ГО СПОДЕЛИШ СО НАС, НЕШТО ШТО НЕ БИЛО КАЖАНО ВО НИТУ ЕДНО ИНТЕРВЈУ?
- Моментот кога дојдов дома после сознанието за ракот, почувствував неверојатен наплив на гнев, седнав во купатило врескав колку што ме држеше глас и ја удирав главата во ѕидот, мислев дека така ќе го избркам сиот тој гнев од себе. Тоа траеше неколку минути, се исплакав што се исплакав, знаев што ме чека, се’ ми беше јасно. Се појави сопругот на врата исплашен да не си наштетам. Станав, се избришав и му реков: Готово, сега сум ок, ќе го решам ова по брза постапка. Оттогаш, никогаш повеќе не заплакав за “гостинот”. Нема да го честам со моите солзи.
Кога би почнала да ти раскажувам сигурно книга ќе напишеш (се смее). Ќе ја цитирам Маја Волк "Рак добиваат емотивни луѓе". Во мојот случај, точно знам дека ќе се случеше нешто вакво. Имав долг период на нервози (за тоа во друга прилика), некои срцеви проблеми. И моментот кога си реков е доста е веќе, нека гори се’ и психолошки се растеретив од тие нервози (сум се залажувала), ете го ракчето, непокането дојде. И не ми е глупаво да кажам дека сама си направив. Тагата, стресот дозволив да ме совладаат. Но, пак ќе кажам. Ракот ме тресна најсилно од земја и воедно ме освести колку е убав животот. Губењето на мојот татко кога најмногу ми требаше како ветер во грб во мојата младост, од оваа перспектива сега и те како била траума за мене. И многу други неубави нешта. Ти велам, јас ако почнам да раскажувам книга ќе напишеш (се смее). Нека остане на ова и да гледаме напред. Тоа што поминало не можеме да го вратиме. И да не се разлеваме во тој отров, затоа што тагата убива. И не сум јас толку храбра, колку што е мојата мајка. За дете најмногу боли нели?
За крај, ова е нашата песна, инспирирана од сликата на Анжелика. Драга моја, песнава ќе остане засекогаш твоја, ми беше чест и задоволство што те имавме во “ТАА Е...”
Замисли во моево тело да се разбудиш
А јас нозеве во твоите чевли да ги ставам
Замисли драга моја
Едно утро ти јас да си
А јас ти да бидам
Што би сторила со мојот живот?
Можеби би ја напишала најубавата песна
Или би ме насликала со цветови наместо очи
И крваво црвен кармин кој ќе ме краси
Можеби би била храбра да дишеш
Онака како што јас не умеам
И некому во четири очи се’ да му раскажеш
Наместо зборови на хартија да везеш
А можеби и срцето ќе ми го отклучиш
И клучот некаде ќе го затуриш
Та ќе се преправаме и двете дека не паметиме каде е
А јас
Јас можеби твојот глас ќе бидам
И она што на душа ти лежи
Ќе го тргнам за да не ти тежи
Можеби сите години во два куфери ќе ги спакувам
Онака без ред и со истуткани спомени
Можеби ќе заминам
А можеби ќе останам
Додека во совршен ред неговите кошули ќе ги наредам
И пред врата ќе ги оставам
Замисли
Само замисли драга моја
Колку полесно би било
Ти-јас да си, само на ден
И јас ти да бидам
И совршен спокој да исткаеме
Иако и ти и јас знаеме
Дека битките сами ќе си ги биеме
Оти до тебе е
До мене е
До мигот кога ќе решиме воздух да се наголтаме
И со главите нагоре да се кикотиме
Оти ниту една борба не ќе е до крај изврвена
Ако станеш некоја друга
И ако јас имево си го сменам
Оти ниту една од нас
Туѓата кожа не може ко својата да ја носи
Но можеме грб со грб да стоиме
И столбови да си бидеме
За сама да не си
И да знам оти осамена не сум
Замисли
Само замисли драга моја
Тој трнлив пат да го изодиме
И сиот бол да го изврвиме
Знаејќи оти зад тебе стои жена
Која рака ќе подаде
И да знам оти зад мене жена стои
Која ќе ме потсети која сум
Зад мене ти, зад тебе јас
Драга моја...жена за жена